29 Септември, 2024
0.2447

Само 1,4% од македонските работници земаат плата над 40.000 денари!

Објавено во: Анализа 21 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Стапката на невработеност во Македонија минатата година изнесувала 29 отсто, покажа најновата публикација на Државниот завод за статстика, „Анкета за работна сила 2013”. Според сопственоста на деловните субјекти, 76,8 отсто од вработените работат во приватен сектор, а 23,2 отсто во мешовити, задружни или државни фирми. Анализата покажува дека најголем дел 131.542 лица работат  во преработувачката индустрија. Потоа следува секторот земјоделство, шумарство и рибарство каде работат 127.186 лица. Во трговијата работат 91.696 лица, додека вкупно 45.066 работат во јавна управа ,одбрана и социјално осигурување, 11.500 во административни дејности. Близу 47.000 од вработените се во секторот градежништво, а 41.467 работат во образованите установи. Според статистичките податоци 35.206 лица работат како членови на законодавни и извршни тела, државни функционери, раководни државни службеници, дипломати. Вкупно 38.364 спаѓаат во групата на службеници, а 101 .930 се работници во услужни дејности и продажба. Најголем процент или 17, 7 отсто од вработените лани имале нето плата од 12.000 до 16.000 денари, 16, 1% земале нето плата во висина од 10.000 до 12.000 денари, 13, 2% од вработените работеле за нето плата од 8.000 до 10.000 денари, 6,9 отсто од вработените имале нето плата од 5.000 до 8.000 денари, а 3,4 % до 5.000 денари. Според податоците 14,2 отсто од вработените граѓани имале нето плата од 16.000 до 20.000 денари. Само 9, 6 % од вработените имале нето плата до 25.000 денари, 3,9 отсто имале нето плата до 500 евра, минимални 2 отсто вработените лани имале нето плата од 30.000 денари до 40.000 денари, додека на само 1,4 отсто од вработените граѓани лани месечната нето плата им изнесувала над 40.000 денари. Според Анкетата за работната сила, во 2013 година, населението над 15 години било 1.672.460 лица, од нив 57.2% биле активни и учествувале на пазарот на трудот, што претставува зголемување за 0.7 процентни поени во однос на 2012 година, додека 42,8% биле надвор од активното население, односно биле неактивни. Податоците покажуваат дека најголема е стапката на невработеност кај лицата на возраст од 15 до 24 години. Речиси 52 отсто од младите на оваа возраст се без работа, а само 16, 2 отсто се во групата на вработени. Според возраста и полот, највисока стапка на активност од 80,2 отсто статистиката забележала кај населението на возраст од 25 до 49 години,  и тоа кај мажите 92.5 отсто и кај жените 67.4 отсто. Стапката на вработеност кај оваа категорија на граѓани изнесува 57 отсто, додека 27,7 отсто од граѓаните на оваа возраст не се вработени. Нешто повеќе од 23 отсто од граѓаните на возраст 50 до 64 години се без работа, додека 44,9 отсто од граѓаните на оваа возарст се во групата на вработени. Статистиката покажува дека процентот на вработеност на мажите е поголем отколку кај жените, но стапката на невработеност е иста кај двата пола. Според полот, најголеми разлики има помеѓу мажите и жените на возраст од 25 до 49 години, односно разликата помеѓу вработените мажи и жени изнесува 8,6 процентни поени, додека кај вработените мажи и жени на возраст од 50-64, разликата изнесува 4,8 процентни поени. Стапки на активност на населението на возраст од 15 години и повеќе според полот и возраста, 2013 Возраст                стапка на вработеност                     стапка на невработеност
Вкупно  %           вкупно  мажи – жени                          вкупно    мажи- жени 40,6      48,7      32,5                               29,0         29,0    29,0 15-24                       16,2        18,9     13,3                               51,9         52,5    51,0 25-49                       58,0        67,0     48,6                               27,7         27,5    27,9 50-64                       44,9        56,9      33,1                              23,2         23,2    23.1
Податоците покажуваат дека според бројот на работните часови во текот на неделата, со цело работно време работат 95,4% од вработените, а со скратено работно време 4,6% од вработените. Според образованието, најголем дел од вработените се со 3 и 4 години средно образование, односно во вкупната бројка на вработени учествуваат со 55,2% . Од нив 34,6% се вработени мажи и 20,6% се жени. Во делот на високото образование се вклучени високо образование, магистратура и докторат, и според Анкетата за работната сила 2013, само 18,9% од вработените се со високо образование, од кои 9,2% се мажи и 9,6% се жени. Минатата година статистиката регистрирала дека дури 716.403 лица спаѓаат во групата на неактивно население. Од нив,  36.8% се мажи и 63.2% се жени, при што се забележува зголемено учество на женската популација. Анализата според возрасните групи наведува на заклучок дека најголем дел од неактивното население, 28.4% е на возраст од 65 и повеќе години, односно пензионерите. Сепак близу 197.000 од граѓаните на возраст од 15 до 24 години спаѓаат во групата на неактивно население, додека 153.464 лица се на возраст од 25 до 49 години. Анализата за вработеност врз основа на брачна состојба, покажува дека 127.537 од мажите и жените кои не се во брак се вработени, а 105.931 се невработени. Во групата на оние кои се во брак, 526.352 се вработени а 160.072 се без работа. Од мажите и жените кои се разведени, 10.386 се вработени, а 7.208 не работат. Во Анкетата на работната сила, секое тримесечје се анкетираат по 5.000 домаќинства и сите лица на возраст од 15 до 79 години кои живеат на таа адреса. Според ротационен модел, примерокот е поделен на 9 потпримероци (бранови) и во секој бран има по 1.250 домаќинства, односно вкупно 11.250 домаќинства годишно, од кои 8.750 домаќинства се анкетираат двапати во текот на годината, а 2.500 домаќинства еднаш во текот на годината. Анкетата за работната сила од 2004 година,  се спроведува континуирано тримесечно, во текот на целата година, со тримесечни и годишни пресметки на резултатите, стои во образложението во Анкетата. Во анкетата се оценети вкупно 1.672.460 лица од 15 до 79 години. Ј.С.