29 Септември, 2024
0.0234

Санкциите на САД ги налутија руските бизнисмени – ја менуваат валутата

Објавено во: Анализа 02 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Големите руски компании ќе ги пренесат своите парични средства во азиски банки, откако најновите санкции од страна на САД и Европската унија (ЕУ) ги засилија стравувањата дека Русија може на крајот да биде целосно исклучена од финансиските пазари на Запад. Megafon - вториот најголем мобилен оператор во земјата, објави во четвртокот дека преселил 40 проценти од паричните резерви во Хонг Конг долари во кинески банки. Останатите 60 отсто пак веќе се во форма на руски рубли. Извори блиски до Norilsk Nickel и Novatek - производителот на никел и вториот најголем производител на природен гас во Русија, исто така посочија дека двете компании се откажале да ги задржат своите средства во американски долари. "Добиваме многу барања од клиенти, кој сакаат да се насочат кон Хонг Конг долари", посочи водечки функционер на голема западна банка во Москва. "Прво беше претежно од долари во евра, а сега веќе во Хонг Конг долари", додаде тој. Аналитичари и банкари изјавија дека одлуките на големите играчи во рускиот приватен сектор се должат на срамот на олигарсите од ескалацијата на санкции против Москва. "Доста изненадувачки е дека Megafon - фокусирана на домашниот пазар компанија, избрала да одржи таков голем удел во Хонг Конг долари. Тоа значи дека тие го очекуваат најлошото сценарио", рече Чарли Робертсон, главен економист во глобален Renaissance Capital. "Такво сценарио во ирански стил е доста малку веројатно, но постои чувство на загриженост во врска со него", додаде експертот. Реакцијата на рускиот бизнис дојде откако списокот со цензурирани од Запад лица и компании беше проширен. Megafon се контролира од Алишер Усманов - најбогатиот човек во Русија, за кого се знае дека има блиски врски со Кремљ. Владимир Потанин и Олег Дерипаска пак поседуваат удели во Norilsk Nickel. Тројцата олигарси, како и нивните компании, досега остануваа надвор од "црната листа" на ЕУ. Пренасочувањето на рускиот капитал кон Кина не е случаен. Според голем број руски менаџери и банкари кинеските банки се најмногу склони да се искористат во времето на геополитичка криза, бидејќи се сметаат за најмалку подложни на притисок од Запад. Според банкарите, некои руски компании се стремат да ги заштитат своите парични средства од потенцијално подрастични санкции преку создавање на структури, при што тие би можеле да ги пренесат доларите меѓу различни сметки во истата банка. Доверителите на Запад изјавија дека нивните институции ги одбиваат сите такви барања од клиенти. Сепак претпоставките се дека некои од кинеските банки ќе ги прифатат. K.K.