СДСМ ги усвои кандидатските листи со кои ќе се трка на избори
Објавено во: Македонија 06 Ноември, 2016
Конгресот на опозицијата вечерва после неколку часа дебати ги усвои кандидатските листи на пратеници со кои СДСМ ќе настапи на изборите на 11 декември.
597 гласови ЗА, еден ПРОТИВ и 24 ВОЗДРЖАНИ ги одобрија листите според кои поранешниот претседателски кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски се најде во првата изборна единица, а актуелниот министер за внатрешни работи и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски во втората изборна единица.
Во третата изборна единица носител ќе биде дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски а четвртата изборна единица е резервирана за лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска ќе ја предводи петтата изборна единица а портпаролот на партијата Петре Шилегов ќе биде носител на шестата изборна единица.
Дел од листите земаа и непартиски кандидати меѓу кои граѓанските активисти Павле Богоевски, Ивана Туфегџиќ и Ирена Стефковска а на нив предвидени се и места за коалциските партнери на партијата.