20 Април, 2024
0.0255

СДСМ се воздржа и го испочитува денот на „ВМРО“, но за последен пат?

Објавено во: Анализа 24 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

СДСМ покажа доза на воздржаност за време на вчерашниот празник Денот на македонската револуционерна борба кој се слави на 23 октомври или популарно наречен денот на „ВМРО“. Од Владата предводена од Заев имаа доблест барем минимално да го одбележат државниот празник кој беше воведен пред точно 10 години по иницијатива на тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. 

Секако, вчерашниот ден не помина без напади за самата идеја за празникот, но тие напади стигнаа од прокси партии како Либералната партија која ја одигра „прљавата“ задача и наместо СДСМ го кажа тоа што многумина веќе се сомневаат дека е возможно да се случи, односно да се укине 23 октомври како државен празник бидејќи служел единствено како симбол на една забегана и авторитарна власт на Груевски и партијата која сака да го злоупотреби историското значење на ВМРО. 

Сепак, и самата порака која ја испрати вчера владата покажа дека 23 октомври како празник не е највисоко на нивната агенда па не видовме директна порака од премиерот. Владин тим предводен од министерот за култура Алаѓазовски положи венец пред нивниот омилен споменик на Гоце Делчев во Градски парк наместо пред некој од грандиозните споменици од проектот Скопје 2014. 

„Владата на Република Македонија им го честита на граѓаните празникот „Ден на македонската револуционерна борба – 23 октомври“, кој обврзува заеднички да креираме услови за стабилност и за подобар живот во нашата држава. Нека ни е честит Денот на македонската револуционерна борба“, стои во кратката честитка која официјално ја упати Владата до македонските граѓани.

За изминатите десет години празникот веќе се етаблираше меѓу граѓаните, речиси сите знаат дека се слави историското ВМРО кое и нема свој друг државен празник на календарот, но исто така дел од граѓаните и натаму се убедени дека 23 октомври е само еден ден во чест на партијата на Груевски. Историчарите исто така се поделени, некои не се сложуваат со точноста на датумот, други со историскиот контекст, трети дека тоа оди во прилог на бугарската пропаганда и така натаму. 

Ако ги тргнеме политичките, партиските и историските импликации, празникот на Македонската револуционерна борба како и повеќето други државни празници во последно време стана најдобредојден ако се падне во продолжен викенд, така сите патриоти ќе може да прослават некаде на грчките плажи што стана тренд и недај боже да не стави некој фотка или чекин на социјалните мрежи бидејќи се води строга евиденција и може минуси да се наредат. 

Шегата на страна, не видовме големи народни собири или прослави ниту пак посебна празнична атмосфера, па така ако СДСМ сериозно размислува да го укинува празникот за да се демонтирало наследството на Груевски нека подразмисли уште еднаш, на овој народ ќе му фали уште еден продолжен викенд, или пак можност да постира на Фејсбук патриотски и комитски песни.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!