Нема повисоки плати за вработените во администрацијата. Ветеното зголемување за 5% се одложува за декември 2013 та година. Законот е веќе во собраниските комисии, се носи по скратена постапка и според очекувањата треба да биде изгласан до декември годинава.
СДСМ смета дека Власта не го исполнува даденото ветување, и дека тоа е веќе пракса за Владата на Груевски. Според Марјанчо Николов, тоа е игра на кратки патеки.
„Владата трет пат го одложува покачувањето на платите на јавната администрација со закон и не го исполнува даденото ветување кон нив. Ние како политичка партија го поддржавме зголемувањето на платите на администрацијата но бевме против зголемувањето на платите на функционерите, во време на лошо полнење на буџетот , во време кога сиромаштијата и невработеноста се 30 проценти.
Кога станува збор за покачувањето на пензиите не е добро што Владата не го реализира тоа во декември, како што беше ветено, туку во март 2013 година. Тоа е обид да ги ќари гласовите на пензионерите за локалните изборите што следуваат.
Сега администрацијата ќе треба да се задоволи со тоа што Владата на администрацијата и порачува дека ќе нема кратење на нивните работни места.
Земјоделците пак ќе треба да се задоволат со најавата за субвенции. И така Владата мисли дека составила еден пакет со кој ќе задоволи едно големо гласачко тело. Но, тоа е игра на кратки патеки. Ние се уште неможеме да видиме што ќе прави Владата со невработеноста и сиромаштијата.“
Во измените на Законот за исплата на плати, министерството за труд и социјална политика предлага: „ одлагање на планираниот пораст на платите од 5% за вработените во јавниот сектор од декември 2012 година за декември 2013 година. Дополнително во документите потпишани од министерот Спиро Ристовски пишува дека овој потег се прави заради „обезбедување на исплата на платите во рамките на планираните средства за плати за вработените во јавниот сектор.“
Ова не е прво одложување на зголемувањето на платите на администрацијата туку зголемувањето на платите се одложува во неколку наврати. Во 2007 година, премиерот Никола Груевски, придружуван од сите свои министри од говорницата во владината сала го најави зголемувањето на платите на вработените во администрација. Според најавата, до 2009 година платите на буџетарите требаше да се зголемат за 34% . Зголемувањето требаше да се одвива во фази односно по 10 насто годишно, сe до 2009 година, кога платите требаше да пораснат за 14 насто. Согласно овој план , платите на административците во 2007 и 2008 година пораснаа за 20 насто по што поради кризата следуваше замрзнување на останатиот дел од најавеното зголемување. Сепак, и покрај тоа што платите на администрацијата ќе останат замрзнати до крајот на 2013 година, тоа не важи за пензиите и социјалните надоместоци. Тие ќе добијат зголемување што според најавите треба да се случи во март.
Оваа најава неодамна стигна лично од премиерот Никола Груевски, кој на административците наместо за ветеното зголемување на платите им порача да не се грижат за своите работни места.
„Многу е веројатно дека Македонија во 2013-та година ќе биде единствена или една од ретките земји во Европа која во вакви услови ќе изнајде начин да ги зголеми пензиите на пензионерите и социјалните надоместоци на лицата приматели на социјални помошти “. Дополнително Груевски додаде „ во 2013-та година нема да дозволиме ниту масовни отпуштања од администрацијата заради заштеди во буџетот, ниту намалување на платите.“