Добивај вести на Viber
Градските власти не се откажуваат од проектот за изградба на нов Забавен парк. Деновиве на веб страната на Бирото за јавни набавки, Градот Скопје објави конкурс за избор на идејно решение за новиот Забавен парк.
Плановите или проектите заинтересираните треба да ги достават до Градот Скопје најдоцна до 23 февруари следната година. Според податоците од објавениот конкурс, предвидени се и парични награди, односно за прва награда 3.250 евра, за втора награда 1.620 евра и за третата награда 1.300 евра во нето износ. Заинтересираните каднидати при изработката на планот или проектот треба да се придржуваат кон следните критериуми: целосно почитување на програмските барања, изводливост и одржливост, инвентивност во пристапот на обликување и економичност на решението.
Во конкурсот се образложува дека за учество во понатамошната постапката за доделување на договор за изготвување на идеен проект, архитектонски урабнистички проект со вклучена ревизија и основен проект со вклучена ревизија, учесниците на конкурсот мора да учествуваат во својство на правно лице и да ги исполнуваат ги исполнуваат пропишаните минимални критериуми за утврдување на нивната способност, односно да фирмата да не е во стечај, да нема забрана за учество во јавен повик, да нема прекрошни санкции, да нема нплатени даноци и друго.
Од Градот Скопје велат дека откако ќе се изработи идејното решение ќе се бара компанија за јавно-приватно партнерство, која што ќе ја изврши изградбата на паркот. Заега не се откриваат детали, не е познато дали ќе има промена во услови од претходните огласи за јавно=приватно партнерство.
-Град Скопје објави конкурс за идејно решение за Забавен парк, како дел од постапката за правење на основен и изведбен проект. Сите постапки околу реализацијата на новиот Забавен парк ќе бидат спроведени по изработката на техничката документација, за што јавноста ќе биде благовремено информирана,
велат од Градот.
Досега пропаднаа три тендери за новиот Луна парк
Речиси три години Градот Скопје се обидува да најде приватен инвеститор за изградба на долгонајавуваниот нов Луна парк и стопанисување со паркот. Досега пропаднаа повеќе тендери, бидејќи немаше заинтересирана компанија. Се менуваа и условите, но безуспшено. Последниот обид беше летово кога Градот Скопје дури и и ја поништи постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, дизајнирање, изградба, работа и одржување на забавен парк, а како причина беше посочено тоа што ниту еден од заинтересираните инвеститори што подигнале тендерски документации, не доставиле понуди.
-Комисијата, по спроведувањето на постапката до Градоначалникот поднесе предлог за поништување на истата, со образложение дека на огласот за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, дизајнирање, изградба, работа и одржување на забавен парк во Скопје, ниту еден од економските оператори што подигнале тендерска документација не доставил понуда. Имајќи го во предвид сето наведено, се предлага Советот да ја донесе Одлуката за поништување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, дизајнирање, изградба, работа и одржување на забавен парк во Скопје,образложија од Градот кон крајот на јуни годинава на една од седниците на градскиот Совет.
Според критериумите предвидени во досегашните јавни огласи, приватниот партнер требаше да изгради модерен и забавен Луна-парк што ќе ги задоволи највисоките светски стандарди за ваков тип објекти. Инвеститорот би го добил забавниот парк под концесија во траење од 35 години.
Првични инвестицијата беше проценета на 12 милиони евра, а потоа на 7 милиони евра. Планирано е новиот забавен парк да биде сместен на локацијата на сегашниот Луна Парк, на површина од 26.563 м2, со можност површината на локацијата на постоечкиот забавен парк да се зголеми и до 40.000 м2. Според досегашните планови на оваа површина требаше да има влез со соодветни придружни објекти, административни објекти, нови забавни реквизити за возење во согласност со европските стандарди за безбедност, објекти за служење храна и пијалоци, дел за продажба на сувенири, затворен дел за играње, паркинг простор, соодветна техничка инфраструктура, тематизација на паркот.Според проценките на градските власти, изградбата на новиот Луна парк годишната посетеност би била 200 илјади посетители , од што би се генерирале зголемени приходи. Новиот Луна Парк и скијачката патека на Водно, беа дел од проектите во програмата на скопскиот градоначалник Коце Трајановски на последните локални избори, но идејата за ски-патека е во мирување.
Над 430 илјади евра во градската каса за 2015 година се предвидени за нов Луна парк
Во годинешниот Буџет на Градот Скопје беа предвидени 81.300 евра за изградба на приклучоци и трафостаници за Луна Парк.Во Буџетот за следната година се планирани 430.894 евра за изградба на новиот Луна парк. Опозициските советници на една од седниците на градскиот Совет побараа парите наменети за изградба на Панорамското тркало во вредност од 15,5 милиони евра да се пренаменат за изградба на новиот Забавен парк. Советниците од опозицијата тогаш изјавија дека компаниите не се пријавуваат на тендерот затоа што сметаат дека нема да им се исплати инвестицијата, особено затоа што и во самиот проект е наведено дека паркот во моментот работи на границата на рентабилност. Но, градоначаникот Коце Трајановски, тогаш изјави дека нема да има потреба да се избира, бидејќи Градот е подготвен од сопствен буџет да ја финансира обновата на Луна паркот, но и дека ќе побара финансиска помош и од Владата. Трајановски најави дека паркот ќе се гради етапно, година по година. Дали конечно скопјани ќе добијат модерен Луна парк, ќе биде познато следнта година.
Ј.С