СЕ ДОЗНА КОЈ ПЛАТИ 200 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА МАЛ ПРОЦЕНТ ОД ОКТА - еден трговец со нафта ја зајакнува својата позиција во скопската рафинерија
Објавено во: Економија 14 Ноември, 2023 08:20
Се дозна кој е купувачот на акциите на скопската рафинерија ОКТА, кои беа истргувани преку блок трансакција во текот на минатата недела.
Имено, станува збор за вториот по големина акционер, односно трговецот со нафта и нафтени деривати „Пуцко петрол“, кој всушност со купувањето на тој мал пакет акции, ја зајакнува својата позиција во компанијата ОКТА.
За тоа дека „Пуцко петрол“ е купувачот на акциите не стигна официјално известување преку Берзата од двете компании, но таков заклучок дефинитивно може да се извлече доколку се погледне состојбата со акционерската структура на ОКТА на акционери кои поседуваат над 5 проценти од капиталот.
Имено, се до неодамна „Пуцко петрол“ поседуваше 10,87 отсто од акциите на скопската рафинерија, додека, пак, согласно денешната состојба на Централниот депозитар, компанијата го има зголемено својот акционерски пакет за 0,18 процентни поени, стигнувајќи така до учество во структурата на ОКТА од 11,05 отсто.
Така што, според најновата вчерашна понеделничка состојба на Централниот депозитар, „Пуцко петрол“ поседува 11,05 отсто од капиталот на ОКТА, што е за прв пат после подолг период зголемување на нивниот акционерски капитал, и тоа токму за 0,18 колку што изнесуваше количината истргувана во последната блок трансакција. Тоа ја влече претпоставката дека таа компанија трговец со нафта е всушност купувачот на тој акционерски пакет, за кој плати близу 200 илјади евра.
Како што веќе пишуваше Фактор, на почетокот на овој месец, на Берзата помина блок трансакија во која за познат купувач беа продадени одеднаш 1.565 акции на оваа компанија, по цена од 7.588 денари за акција, или за вкупна вредност од 193 илјади евра.
Ако се погледне графиконот на движење на цената на акцијата на ОКТА, може да се забележи дека на последниот ден на кој имало редовно берзанско тргување пред таа трансакција, а тоа е 31 минатиот месец, акциите се продавале по многу пониска цена од онаа по која поминала блок трансакцијата, односно 5.877 денари за акција. Тоа значи дека купувачот од блок трансакцијата имал навистина голем интерес да ги купи тие акции.
Додека, пак, ако се набљудува вчерашниот ден, може да се види дека цената по која се продаваа акциите на ОКТА беше уште пониска, и таа изнесуваше 4.900 денари за акција. Беше истргувана мала количина, од само 17 акции.
Инаку, летово имаше значаен раст на цената на акциите на ОКТА, па таа на 19 септември всушност го достигна пикот, односно дојде до 6.098 денари за акција. Тогаш дури и Берзата ја праша компанијата која е причината, на што тие одговорија дека нема никаква посебна промена, а дека главната причина најверојатно се добрите резултати и перспективии на компанијата.
Во октомври продолжи надолниот тренд на акциите на ОКТА, па дури и таа акција имаше најголем месечен пад во однос на другите акции што се тргуваат на Берзата, од 3,18 проценти, а таквата ценовна надолна линија продолжува и во ноември, за вчера да дојде до 4.900 денари.
Инаку, овој мал пакет „Пуцко петрол“ сигурно го има купено од некои поситни акционери на компанијата, со оглед што доминантниот грчки акционер ЕЛ.П.ЕТ. Балканике Петролеум и натаму, како и претходно, продолжува да располага со пакет од 81,51 отсто од капиталот.
Исто така, 1.263 домашни физички лица продолжуваат да поседуваат 6,81 отсто од акциите, што значи дека продавачот на акциите треба да се бара или во некоја од домашните фирми, или, пак, кај странските физички или правни лица кои поседуваа сосема мали акционерски пакети.
Треба да се спомене и фактот дека ОКТА е една од компаниите кои платија солидарен данок, и тоа на сума од 813 илјади евра, за што таа даде информација и во своето образложение за најновиот финансиски резултат.
Инаку, како што веќе објави Фактор, нафтводот Скопје - Солун пред неколку дена доби лиценца за работа и можност да биде употребен по повеќе од една деценија.Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




