20 Април, 2024
0.0256

Се очекува Иванов да возврати со прогласување вонредна состојба

Објавено во: Анализа 04 Март, 2017

Добивај вести на Viber

Доколку се гледаат настапите на повеќе новинари и аналитичари кои ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, а сметаат дека СДСМ врши предавство со прифаќање на албанската платформа се поизвесно е дека ќе се очекува од претседателот Иванов да прогласи вонредна состојба и да ја преземе командата над вооружените сили. 

Во последната емисија на Миленко Неделковски, уредникот на Сител Драган Павловиќ Латас посочи дека тој лично не посакува граѓанска војна и сака таа да се одбегне, но народот е веќе излезен на улици и тој ќе бара одбрана на државата од „албанизација“. 

Протестите ќе продолжат и во наредниот период и јавноста е се посомничава дека на Македонија и е неизбежна закана од албанската платформа за која СДСМ и албанските партии не секогаш се на исти позиции, Заев вели нема промена на Устав, Османи вели ќе има албански и на парите.

Заев во овие моменти го нема мандатот од Иванов, па одењето на ризичниот чекор да се изгласа влада во собранието со собраните 67 потписи може да создаде голема институционална криза. Која влада во тој случај би била легитимна, дали техничката предводена од премиерот Емил Димитриев или евентуално новата за која нема ни гаранции дека може да се изгласа во зградата на парламентот, посочува Латас.

Покрај Латас овие сценарија беа искажани и на повеќе дебати во медиумите со прогнози дека ако продолжи ваквата конфронтација сосема е можно да дојде до насилства, нереди и инциденти на улиците што ќе послужи како основа за еден поширок и поголем граѓански конфликт.

Според дефинициите вонредната состојба произлегува од владин проглас даден како реакција на вонредна ситуација која претставува основна закана за земјата.

Со прогласот може да се суспендираат одредени вообичаени функции на владата, може да се предупредат граѓаните да го сменат своето вообичаено однесување, или може да се овластат владини агенции да спроведат планови за подготвеност за опасност, како и да се ограничат или укинат граѓанските слободи и човекови права. 

Доколку Иванов прогласи вонредна состојба според овие начела тој како врховен командат ќе може да суспендира дел од владините функции и повеќе надлежности да се пренесат кај него. 

Секако, ова е крајно и најнепосакувано сценарио, но последните тензии, жестоки повици за пресметка со предавници, како и можност кризата да добие меѓуетнички карактер бидејќи се споменува албанската платформа како диктат од туѓа држава, ја прави целата состојба крајно опасна. 

Голема загриженост искажаа сите меѓународни партнерски организации како Европскиот парламент, Европската комисија, ОБСЕ, пораки на загриженост стигнаа и од европските амбасадори, особено од Германија со повик Иванов да се предомисли. 

Провладината пропаганда упорно ја шири тезата дека сме на работ на големо македонско предаство доколку се прифати двојазичност со албанскиот јазик на целата територија на Република Македонија, но Заев и СДСМ и натаму тврдат дека нема промена ниту на Уставот, ниту на државните симболи, ниту пак загрозување на унитарниот карактер и суверенитетот.

Автор: Христијан Станоевиќ