Се отвора потреба за нови задолжувања: На фирмите им требаат пари, како ќе се менаџира долгот
Објавено во: Економија 31 Мај, 2021
Се отвора простор за нови задолжувања годинава, и во следниот период. Годинава Владата издаде една еврообврзница во март, но веќе се прават анализите за сите други позајмувања со кои ќе се се стимулира фискалната поддршка на реалниот сектор и на граѓаните кои се уште имаат нужност за тоа. Веќе е извесно дека ќе има нов ребаланс на буџетот, потврда за тоа стаса и од премиерот Зоран Заев, а од Министерството за финансии велат дека документот е во фаза на финализација. Ќе се носи во јуни или најдоцна почеток на јули.
„Новиот ребаланс на буџетот значи развој, но исто значи пари да ги платиме вакцините, уредите за отисок на прст, за дополнителен развој на земјоделските политики, да ги поддржиме сите пакети на мерки и да бидеме подготвени за се што следува. Влегуваме во развоен дел на нашата економија и излегуваме од пандемијата. Ребалансот значи и дополнително зајакнување на институциите во делот реализацијата на сите програми од Буџетот во овие пет месеци”, рече Заев во одговор на новинарско прашање по презентацијата на Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027 во Владата викендов.
Тој додаде дека растат приходите во буџетот но дека има планови за развој кои ќе се поддржат и со нови кредитни линии.
Во пресрет на објавата на ребалансот пак, министерот Фатмир Бесими по научната конференција со МАНУ во своја колумна за јавноста објави дека во следниот период ќе има потреба од нови мерки за стопанството, особено по заклучокот и на ММФ дека потребата е поради проблеми со ликвидноста во време на криза, особено кај контакт-интензивните индустрии, како и кај микро и малите претпријатија. Министерот напиша дека вториот аспект е дополнителна заштита на финансискиот систем, односно дека без интервенција на фискалната политика, може да дојде до висок раст на нефункционални кредити од фирми кои ќе се задолжат за да ги надминат последиците од кризата, а нема да бидат потоа во можност да ги сервисираат.
Бесими вели дека мерките ќе имаат развоен карактер, односно покрај поддршката која ќе ја даваат да поттикнуваат и нови инвестиции, проширување на капацитетите и нови вработувања. Сепак останува проблемот за финансирањето на овие мерки, па Бесими тврди дека најголем дел од овој стимул треба да се „увезе“. Потенцира дека со позајмувањата од надвор се доведува до намалување на каматите што од друга страна дополнително го стимулира растот. „ Новите финансиски средства преку различни механизми, треба да се донесат до инвеститорите. На тој начин ќе се постигне повеќекратен позитивен ефект за економијата. Прво ќе се компензира падот на паричните дознаки од странство и намалените странски инвестиции (до моментот на нивно задоволително закрепнување). Второ, ќе се избегне ефектот на „истиснување“ на реалниот сектор, односно достапноста на капитал за стопанството од домашни извори на финансирање. По еврообврзниците во 2020 и 2021 дојде до релаксација на монетарната политика, односно забрзување на растот на паричната маса од 8 отсто пред почетокот на кризата на 10,1 отст, како и намалување на каматните стапки на пазарот на пари на историско најниско ниво на 1,25 проценти во март 2021 година. Може да се заклучи дека финансирањето на буџетските дефицити преку странски извори, од една страна ќе го стимулира економскиот раст, а од друга создава услови за релаксација на монетарната политика, пишува Бесими. Додава и дека за сите позајмени пари мора да се испорача нов раст. Инаку според неговите тврдења, Македонија има понизок државен долг од 24 земји и помал раст на државниот долг во 2020 година од 22 земји. Според проценките на ММФ во извештајот за земјава од април 2021 година за македонската економија, долгот, како што вели министерот не надминува 70 отсто од БДП. Македонија на 3 март ја издаде осмата по ред еврообврзница. Еврообврзницата е во вредност од 700 милиони евра со рочност од 7 години. Таа требаше да се искористи за рефинансирање на третата еврообврзница од 2014 година во вредност од 500 милиони евра, односно нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра. А.Т.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.