30 Април, 2024
0.0239

Се прели чашата во Криминална Македонија

Објавено во: Колумни 18 Април, 2016

Добивај вести на Viber

Срамниот и противуставен потег на Хорхе предизвика реакции, кои не можеше да ги предвиди ниту тој  самиот. За првпат по подолго време на Македонија и’ се случува народ на улици и тоа континуирано неколку денови со најава за продолжување на интензитетот и масовноста. Да, на улица излезе  оној народ во кој никој не веруваше, затоа што, нели, бил исплашен, апатичен, клиентелистички настроен кон власта, ситно пресметлив, затоа што партиските чиновничиња го убедуваа дека ако не е се тие да му дадат работа ќе нема како да си ја прехрани фамилијата. Значи, требаше да му се случи „Хорхе“ за развојот на настаните да добие сосема поинаква динамика! Народот се охрабри и каже НЕ на криминалот, неправдата, противзаконитото однесување на политичарите.  Стравот полека почна да исчезнува, политичките комесари почнаа да губат на авторитет, а апатијата кај луѓето премина во самосвест и одговорност за сопствената и иднината на своите деца. Наеднаш кај истиот тој народ се јави презир, револт, отпор. Чашата ја прели лицето кое се дрзна да ја промовира Македонија во држава во која политичарите, ако си изберат „соодветен“ претседател, можат и со изборен криминал да се одржуваат на власт. Обидот да се промовира ваква политика очигледно го потурна тркалото на промени кое полека но сугурно почнува забрзано да се движи. Образложението на одлуката за аболиција ги разочара и последните кои веруваа во   стручноста и политичкиот морал на претседателот. Да не се работеше за претседател на држава, на неговите аргументи човек може само да се насмее како на прикаската како малиот Ѓокица ја разбира политиката. Меѓутоа, случајов не е за смеење, туку за сериозна загриженост за тоа кому му е доверена крајната одбрана на системот и државата. Тој човек не разбира што е суштината на владеење на правото и опасноста од создавање на атмосфера на неказнивост. Човекот не е свесен за причините и последиците на кризата во која се најдуваме неколку години, а која сега само кулминира и не може да се надмине без санкционирање на криминалците во врвовите на власта. Се’ што досега се случуваше Иванов буквално преспа, па кога се разбуди, да не речеме кога го разбудија со аларм, го зеде „мечот“ и го разврза „македонскиот јазол“, без оглед на последиците и врз постојните и врз идните односи во општеството.  Не разбра дека со таквото решение ја срози и политичката функција, која ја врши веќе седум години, и правната наука, како доктор на правни науки и универзитетски професор.  Веќе никој не зборува за неговиот морал  кој тој самиот, уште од почетокот на службувањето, го има ставено во функција на безпоговорно извршување на желбите на водачот на владејачката партија. Брзината и опфатот  со кои го изведе проектот „Аболиција“ на лицата опфатени во „Титаник“, „Тортура“ , „Тврдина“, „Транспортер“  до крај го урнисаа како човек, политичар и стручњак. И неинформираните разбраа дека секогаш е на услуга на партискиот водач и по било која цена, вклучувајќи и кршење на законите. Не одговори на критиките дека со неговата одлука изврши државен удар, практично го распушта Специјалното јавно обвинителство и   ја доведува во прашање кредибилноста на изборите за кои помилува кадри. Ја минимизира функцијата претседател на Републиката на ниво на слугинска, а за да го преживее срамот од тоа остана и „слеп“ при знаење. Не ми се верува дека не го разбира она што им е јасно и на студентите- бруцоши  од право, дека Уставниот суд свесно погреши заради интереси познати само на судиите, кои му дадоа право да аболицира и за изборен криминал. Објавените аболиции само ја потврдија координацијата меѓу Уставниот суд и Претседателот. Меѓутоа, од голема брзина или нестручност превидоа дека  со одлуката на Уставниот суд е бришана и одредбата  врз чија основа претседателот ги донесе одлуките за аболиција на 56 лица. И покрај јавните укажувања на пропустот,  тоа не му смета на претседателот. Важно му е да го оствари ветеното. Ја презема одговорноста за несовесно работење и злоупотреба на службената положба. А не води сметка дека во нашиот контекст на случувања, прави чекор за приклучување во тимот на злосторничкото здружување. И додека нашиот мали Ѓокица ја игра улогата на претседател, народот полека но сигурно се враќа на позициите кои секој нормален народ треба да ги има во сопственото општество. Единствено не можам да ги разберам бизнисмените и тоа оние најголемите, од Стопанскатата комора  и Сојузот на стопански комори. Тие уште мудро молчат, несакаат да се мешаат во политиката, калкулираат. Тие, нели, бизнисмени се и  ги интересира само економијата и бизнисот. Како амнестирањето на криминалците да не е економија. Подлизурковскиот менталитет не им дозволува да се одважат и јавно да признаат дека политиките на власта го урнисаа бизнисот, создадоа не здрава биснис клима, а само блиските до нив фирми  успеваат успешно да пливаат на пазарот. Овие „велики“ бизнисмени го свиткале опашот, а немаат проблем и јавно да признаат дека  бизнисот секогаш треба да е со власта и најголем дострел им е кога во меѓусебни разговори си ги прераскажуваат маките, затоа што нели тие секогаш се со власта. И после кога некој од оние амнестираните преку ноќ ќе им ја купи фирмата со пари кои ќе стигнат од Белизе, а која и тие ја фокусирале и се надевале да ја платат со парите кои ги оданочиле во државата проблемот ќе биде политички или економски? И кога државата ќе ги „убие“ од работа, како на пример за Проектот Скопје 2014 , а за тоа нема да им плати ниту денар се’ додека финансиски не ги исцрпи и не им ја продаде компанијата на некој од амнестираните тогаш каде ќе ја бараат вината? И кога ќе се субвенционира производство на фирми во зоните изградени со пари од рајските острови, зад кои стојат сомненија дека некои се и на   амнестираните, а нашите ќе мора да се борат со несубвенционирани инвестиции, вината сигурно ќе биде кај опозицијата, божем, зошто е слаба, а не дека тие се „недоквакани“. Ова е време кога не смее да се остави простор за калкулација во борбата да се спротивставиме на   амнестијата на криминалците, без разлика дали се работи за изборни, финансиски или друг тип на криминали. Овие криминалци не по наша желба, туку по нивно делување земјата веќе ни ја преименуваа во Криминала Македонија. Затоа ако сега сите заедно не застанеме  во одбрана од овие штеточини, без разлика дали сме бизнисмени, економисти, интелектуалци, обични граѓани, одговорноста за иднината на нашата Македонија ја преземаме сите. Легитимно е криминалецот да се обиде да го  штити криминалецот, ама народот никако несмее да дозволи претседателот  на државата, каков и да е, да застане зад нив. Нема ниту една разумна причина поради која со чиста совест може да се аболицираат толку многу луѓе од кои некои и за 5, 6, 13 или 16 недела. Чашата е прелиена , треба само да се доистури талогот од валканата вода во неа. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД