Се продаваат објектите на фабриката за бакар „Купрум“ во Скопје
Објавено во: Економија 20 Март, 2024
Објектите на руинираната фабриката за бакар „Купрум“ која се наоѓа веднаш до кејот на реката Вардар во скопската населба Хром се ставени на продажба, објави ТВ21.
Од општина Ѓорче Петров, на чија територија лежи овој имот,претходно информираа дека според Генералниот урбанистички план просторот во фабриката „Купрум“ е предвиден со намена А-домување, што е потврда дека во иднина на овој простор е предвидено да се градат станбени објекти.
Ова транзициско индустриско ругло со децении стои запуштено. Станува збор за имот на фабрика која била во општествена сопственост и за кој подолг период се водеше стечајна постапка заглавена во судски процеси.
Јавното наддавање ќе се одржи на 29 март, а на продажба се ставени пет објекти на фабриката. Станува збор за вкупна површина од 3.200 метри квадратни, а проценети се дека вредат околу 2,3 милиони евра. Продажбата на имотот ќе се врши електронски по пат на јавно надавање без утврдена почетна цена односно почетната цена е 0 денари.
Се продаваат деловни и административни згради, со хали, стоваришта и хали.
Земјиштето на кое се наоѓаат сите објекти е во сопственост на државата и тоа не е предмет на продажба.