28 Март, 2024
0.0271

Се вљубив во Албанка, ни предвидуваа несреќен крај, а ние сме во брак и имаме три деца: Д-р. Александар Јовановски

Објавено во: Македонија, Стил 28 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Александар Јовановски (45) е доктор по општа медицина, вработен во сопствена приватна здравствена установа „Драга-Медика“ во Кичево, која го носи името на неговата покојна мајка. Сопруг е на Линдита Лимани Јовановска (35) магистер, професор по англиски јазик во О:С:У: Дрита. Татко е на три деца Јана (6) Живко (4) и две и пол месечната Дафина. Д-р Јовановски е кандидат за градоначалник на Кичево од ВМРО-ДПМНЕ.

Љубовта кон медицината ја наследил од своите родители. Мајка му била спец.трансфузиолог, основач на службата за трансфузиологија во Кичево, а татко му спец.педијатар. Како дете постојано бил на спортските терени во градот. Во младоста мечтаел да има свој рок- бенд. Прошетал многу земји, но по завршувањето на студиите решил да живее и работи во родниот град.

Вели дека не се откажува лесно од замислената цел. Упорноста како една од неговите најистакнати карактерни особини, била пресудна да се бори за љубовта на својата сопруга која е Албанка и да ги победи предрасудите во малата средина. Својот свет го опишува како „Македонија во мало“. Сопругот на едната сестра на сопругата е Албанец, а на другата Турчин. Заедно во хармонична и весела атмосфера ги слават големите христијански и муслимански празници. 

Равнотежата помеѓу работата и приватниот живот е голем предизвик во 21 век. Работното време изгледа се подолго, а слободното време се пократко. Како вие се соочувате со овој предизвик, да бидете успешни, без да го занемарите приватниот живот?

Јовановски: Бидејќи моите родители се починати и немаме помош во одгледувањето на децата,се трудам веднаш после работа да си дојдам дома и да и помогнам на сопругата околу децата, за да може да си ги заврши секојдневните обврски.Социјалниот живот ми е сведен на минимум,но затоа пак уживам во друштво на дечињата и сопругата.

Пеев на Гитаријада

Кичево некогаш и денес, кои вредности се сочуваа, а кои се изгубија или ги прегазија трендовите што ги наметнува новото време?

Јовановски: Во Кичево отсекогаш имало соживот, заеднички дружби, взаемни посети и празнувања на сите верски празници. Луѓето се чесни,трудољубиви и дружељубиви.За жал последните години со растот на невработеноста, влошените животни услови, зголемента миграција, доведоа до оддалечување на луѓето. Се изгубија маалските дружби, едноставно се изгуби градскиот дух.

Кое ви е најубавото сеќавање од детството поминато во овој град?

Јовановски: Најубави ми беа секојдневните дружби на повеќенаменските спортски терени во некогашниот дом на ЈНА. Потоа и на АРМ, каде буквално секое дете од градот секојдневно беше присутно и играше ракомет, одбојка, кошарка, тенис, мал фудбал. Или едноставно децата беа присутни како навивачи.

Велат младоста е среќна, затоа што има своја иднина. Ја доживевте како младост-лудост или ја зачинивте со сериозна црта? За што мечтаевте? 

Јовановски: Како младинец бев наклонет повеќе на немирната и шеговита страна, на забави, музика, рок бендови. Но, знаев да направам и рамнотежа. Кога требаше да се биде одличен бев одличен, кога можеше да се лудува - лудував. Мечтаев да имам голем и успешен рок- бенд. Во еден период имавме бенд, во кој членувавме со брат ми. Тој како гитарист и композитор, а јас како пејач. Но, за жал таа авантура траеше кратко. Имавме само еден вистински настап во живо на гитаријада во Кичево.

На 10 години летав за Австралија во придружба на стјуардеса

Што беше пресудно медицината да биде ваша професија?

Јовановски: Интересна случка се случи околу мојата одлука што ќе студирам. Бидејќи моите родители беа доктори, мајка ми спец.трансфузиолог, основач на службата за трансфузиологија во Кичево, а татко ми спец.педијатар, некако како нормална се наметнуваше одлуката да студирам медицина. Тоа и беше моја единствена желба. Но, како средношколец имав голема страст кон општествените предмети, особено историја. Затоа мајка ми, познавајќи ме како слободоумен и шеговит, ме советуваше да одберам факултет од општествени науки. Поради тоа бев помотивиран да се докажам како сериозен студент и по секоја цена да завршам медицина.Така и направив. На приемниот испит по хемија бев прв на листата со најмногу бодови.

Младите и амбициозни луѓе, особено од помалите места тежнеат да заминат во поголема и понаква средина. Дали поскавте да го напуштите Кичево?

Јовановски: Кога имав 10 години, отпатував во Австралија на посета кај мои блиски роднини. Тоа патување ми се врежа длабоко во потсвеста. Бидејќи летав потполно сам,без родители во придружба на стјуардеса.Таму престојував три месеци и посетував училиште, бидејќи во тој период моите братучеди одеа на училиште. Потоа како студент уште еднаш ја посетив Австралија и неколку земји од ЕУ. Но, никогаш не сум посакал да останам и да живеам таму. Напротив планот ми беше по завршувањето на студиите да си дојдам во Кичево и да работам со татко ми кој остана сам после прераната смрт на мојата мајка. Почина на 45 години. За жал после неколку години и тој после кратко боледување, почина на 69 години. Продолжив да работам самостојно како матичен доктор.

Децата ги учам да се чесни и да ги почитуваат сите култури

ЖМ: Каде се запознавте со вашата сопруга. Беше ли тоа љубов на прв поглед?

Јовановски: Со сопругата се запознав во О.С.У. Мирко Милески - гимназија, во која предавав медицински предмети неколку години, а сопругата беше професор по англиски јазик. Првиот пат кога ја видов ми личеше на пеперутка, бидејќи лесно и грациозно се движеше и се однесуваше. Мислам дека беше љубов на прв поглед. Но, со оглед на предрасудите кои владеат во нашето општество, особено во нашиот мал град, ми требаше подолго време да ја освојам и убедам дека сме створени за заеднички живот.

Вашата сопруга е Албанка. Се соочивте ли со отпор и од страна на нејзиното семејство или вашето, на почетокот од врската?

Јовановски: Секако дека имаше отпор. Морам да признам дека моето потесно семејство максимално ме поддржуваше. Но, околината, особено оние попатријахално воспитани, не осудуваа и ни предвидуваа несреќен крај.

Како успеавте да ги совладате тешкотиите и да ја крунисате љубовта со брак?

Јовановски: Јас сум доста упорен во остварување на она што сум го намислил и верувам дека нема невозможни работи и нешта кои не може да се остварат. Само се потребни труд и упорност. Така постапив и во однос на сите потешкотии и пречки спрема нашата љубов. Бев упорен, убедлив и истраен. Секако и мојата сопруга беше решена да успееме.Така еден убав велигденски ден пред седум години одлучи да побегне од дома и да започнеме заеднички живот. Со раѓањето на првото детенце, ги нормализиравме односите со семејството од сопругата, кои се врвни интелектуалци и успешни во своите полиња на дејствување.

Прифаќање на различностите поврзани со вера и традиција, се само чекор до создавање на цврста и стабилна врска, а потоа и заеднички живот. Дали подеднакво ги славите и почитувате и христијанските и муслиманските обичаи?

Јовановски: Ние како семејство сме Македонија во мало. Постарата сестра на мојата сопруга која е нотар е омажена за Албанец и имаат две дечиња. Помалата сестра која е стоматолог е омажена за Турчин, кој е актуелен пратеник во Собранието на Р.М. и имаат едно детенце. Така што, кога ќе се собереме сите, било да е за Божиќ, Бајрам или друг празник, е многу весело. Нормално дека заедно ги празнуваме празниците и најчесто се собираме на семеен ручек кај родителите на мојата сопруга.

Кои се основните принципи кои ги применувате во воспитанието на вашите деца. Што ви е најважно?

Јовановски: Најважно ми е да се здрави, да негуваат здрави навики. Не смеат да лажат. Ги учам да ги почитуваат сите луѓе без разлика на етничко, верско или социјално ниво. Сакам да се развиваат нормално во шаренолика средина и да го впијат најдоброто од разни култури.

Колку и да е ретка вистинската љубов како вашата, уште поретки се и вистинските пријателства. Со кого се дружите, дали се тоа пријатели од детство? 

Јовановски: Ние имаме многу разнолико и широко друштво. Но, се трудиме да ги одржиме и другарствата од детските денови, бидејќи чуваат бесценети спомени. Се трудиме да ги негуваме и на искрено ниво да ги одржиме вистинските пријателства, бидејќи се поретко се наоѓаат искрени и чесни луѓе со кои може да споделиш и добро и зло.

Понекогаш навистина е потребно да не мора ништо да работите, да се постави граница и да се препуштите на еден слободен викенд. Го практикувате ли ова непишано правило?

Јовановски: Јас како што напомнав претходно, се трудам секој момент да го поминам со семејството.За таа цел започнав да градам викенд куќа во која ќе може да се повлечеме и да се изнагушкаме и изнаиграме за време на викенд.

Соња Алексоска Неделковска

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ДАЛИ БИ ГО ПОСЕТИЛА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА: Билјана Ванковска даде одговор

ДАЛИ БИ ГО ПОСЕТИЛА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА: Билјана Ванковска даде одговор

ДУДУШ КАЖА ДЕКА ГО ИЗБРКАЛЕ ОД СДСМ: Го пофали Ахмети и го нарече татко на нацијата

ДУДУШ КАЖА ДЕКА ГО ИЗБРКАЛЕ ОД СДСМ: Го пофали Ахмети и го нарече татко на нацијата

На Бујар Османи му е предложено да се кандидира за генерален секретар на НАТО?

На Бујар Османи му е предложено да се кандидира за генерален секретар на НАТО?

Тошковски: Приведено уште едно лице за убиството на докторот

Тошковски: Приведено уште едно лице за убиството на докторот

Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Европската комисија бара од Македонија да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“

Андоновски: Не е проблем превработеноста, туку нефункционалноста на администрацијата

Андоновски: Не е проблем превработеноста, туку нефункционалноста на администрацијата

Со украден џип од Италија сакал да се врати во Студеничани

Со украден џип од Италија сакал да се врати во Студеничани

„ОПШТИНИТЕ ЌЕ КОНФИСКУВААТ ДИВИ ОБЈЕКТИ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ“: Герасимовски најави големи промени на терен - нема рушење

„ОПШТИНИТЕ ЌЕ КОНФИСКУВААТ ДИВИ ОБЈЕКТИ НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ“: Герасимовски најави големи промени на терен - нема рушење