СЕ ЗА ПРИМИРЈЕТО НА БЛИСКИОТ ИСТОК: Ако Хезболах го прекрши договорот, Израел жестоко ќе нападне
Објавено во: Свет 28 Ноември, 2024
Израел и либанската милитантна група Хезболах се согласија на договор за прекин на огнот што треба да стави крај на повеќе од една година борби.
Договорот го објави американскиот претседател Џозеф Бајден, кој рече дека тој е „наменет да биде траен прекин на непријателствата“.
Договорот стави крај на речиси 14-месечните борби во кои беа убиени повеќе од 3.500 Либанци, додека повеќе од 15.000 беа повредени.
Израелските напади врз Либан принудија 1,2 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, додека нападите на Хезболах принудија околу 50.000 Израелци да го евакуираат северниот дел на земјата.
Ракетите на Хезболах истрелани врз Израел убиле најмалку 75 луѓе, од кои половина цивили, а повеќе од 50 израелски војници загинале во копнената офанзива во Либан.
Групата поддржана од Иран почна да го гаѓа северен Израел еден ден откако милитантите на Хамас ја преминаа границата од Газа во Израел минатиот октомври, предизвикувајќи војна во Газа.
Што вклучува договорот?
Договорот предвидува првичен 60-дневен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.
Силите на Хезболах ќе ги напуштат своите позиции во јужен Либан и ќе се повлечат северно од реката Литани, која се протега на околу 30 километри северно од границата со Израел.
Од друга страна, Израел ќе ги повлече своите сили од Либан во рок од 60 дена, рече Бајден, додека либанската армија ќе ја преземе контролата на територијата во близина на границата за да се осигура дека Хезболах нема да ја обнови својата инфраструктура таму.
Овој потег ќе им овозможи на цивилите од двете страни „безбедно да се вратат во своите заедници“, додаде американскиот претседател.
Либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бу Хабиб изјави дека либанската армија е подготвена да распореди најмалку 5.000 војници во јужен Либан додека израелските војници се повлекуваат.
Што ако договорот се прекрши?
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја силно ќе одговори доколку Хезболах на кој било начин го прекрши примирјето, велејќи дека Израел ќе ја задржи „целосната воена слобода на дејствување“.
– Ако Хезболах го прекрши договорот и се обиде да се вооружи, ќе нападнеме. За секое прекршување силно ќе нападнеме – рече тој.
Бајден, исто така, рече дека Израел го задржува правото да возврати ако Хезболах ги прекрши условите од прекинот на огнот.
– Она што остана од Хезболах и другите терористички организации нема да смее повторно да ја загрозува безбедноста – додаде тој.
Кој ќе го следи прекинот на огнот?
Договорот за прекин на огнот ќе го надгледува меѓународна комисија предводена од САД, како и илјадници либански војници и мировници на ОН распоредени долж границата на Либан со Израел.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, инсистираше на тоа дека израелската војска ќе го нападне Хезболах доколку мировниците на УНИФИЛ не обезбедат „ефикасно спроведување“ на договорот.
САД ќе соработуваат со либанската војска за да ги одвратат потенцијалните прекршувања, но нема да бидат стационирани американски борбени трупи во областа, изјави висок американски претставник.
Во заедничката изјава, Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон рекоа дека Франција и САД ќе работат заедно за да обезбедат усогласеност со условите од договорот.
Што ќе се случи следно?
Иако договорот за прекин на огнот става крај на повеќегодишните непријателства меѓу Израел и Хезболах, предизвикани од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година, разорната војна во Газа продолжува да беснее.
Бајден тврдеше дека САД ќе извршат дополнителен притисок врз договорот за прекин на огнот и размената на заложници меѓу Израел и Хамас во Газа.
Курир.рс* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.