29 Септември, 2024
0.0259

Седиштето на Град Скопје ќе се преименува во Градска куќа „Мајка Тереза“

Објавено во: Анализа 11 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Објектот каде што се сместени градските власти ќе се преименува во Градска куќа „Мајка Тереза“. Градоначалникот Коце Трајановски, предлог-одлуката за преименување на административниот објект на Град Скопје, ќе ја образложи пред советниците следната недела. „Името на објектот во кој ќе бидат сместени органите на Град Скопје и администрацијата на Град Скопје се предлага поаѓајќи од фактот што Мајка Тереза претставува една од најистакнатите личности родена во Град Скопје. Со именувањето на административиот објект,  Градот Скопје ја изразува својата почит во одбележувањето на нејзиниот лик и дело и го потенцира значењето што на светско ниво го има Мајка Тереза. На овој начин, со донесувањето на оваа одлука Градот Скопје ќе придонесе кон зачувување и негување на споменот, ликот и делото на Мајка Тереза и нераскинливата врска што ја има со Градот Скопје, како најистакната личност од историјата и културата на Градот Скопје и воопшто на Република Македонија“, стои во образложението од Градот Скопје. Инаку градската администрација за неколку години ќе биде сместена и во нов објект што се гради под скопско Кале.  Зградата е  на пет ката, со фасада во  неокласичен стил и се простира на површина од 1.300 метри квадратни,  во близина на поранешните бараки на ЈП "Водовод и канализација". Автори на идејното решение се архитектите Иван Кокалановски и Борче Стојковски.Во новиот објект ќе биде сместен кабинетот на градскиот татко, Архивата на Град Скопје, сала за Советот, како и други простории во кои ќе се смести градската администрација, а се планира да се изгради и нова сала за венчавки и подземна гаража. Објектот предвидува работен простор за 650 вработени. Вредноста на објектот е нешто повеќе од  14,6 милиони евра. Градската куќа почна да се гради во летото 2011 година, а требаше да биде готова за четири години. Но изградбата на објектот се одвива бавно. Пред извесен период имаше информација дека изградбата е стопирана поради подземниот паркинг кој треба да биде заеднички со ЈП „Водовод и канализација“, со оглед на тоа дека и ова претпријатие гради нов објект во близина на Градкската куќа. Според опозициските советници застојот е поради тоа што градскиот буџет е во лоша финансиска кондиција. Сепак градските власти уверуваат дека нема проблеми, а изградбата ќе продложи согласно финансиските можности. Од годинешниот буџет на градот за изградба на Градската куќа се предвидени над 340 илјади евра. Уште еден објект кој ќе биде за потребите на Градот Скопје, е Офицерскиот дом на плоштадот Македонија, заедно со хотелот  веднаш до домот. Иако земјиштето е подготвено, темелите уште не се удрени. Инвеститор на двата објекти е грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас, кој го купи земјиштето за 630.000 евра. Идејното решение во неокласичен стил, го избра Министерството за транспорт и врски. Изградбата почна лани, но градежните работи се во застој откако грчкиот бизнисмен на почетокот на годинава во својата матична земја Грција беше притворен и обвинет за перење пари. Тогаш од македонското Министерство за транспорт и врски тврдеа дека тоа нема да ја загрози изградбата. Предвидено  е Офицерскиот дом градските власти  да го користат за свечени приеми и коктели. Ј.С.