Седум компании станале „милијардери“ од тендери кај нас
Објавено во: Економија 14 Мај, 2020
Дури седум компании во Македонија заработиле повеќе од една милијарда денари од тендери за една година, според извештајот што го објави оваа недела Бирото за јавни набавки, кое очигледно му било потребно подолго време за да ги обработи податоците за 2018.
Повеќето од компаниите се реализатори на капиталните инвестиции во земјата, а овие приходи се поголем дел од нивните вкупни годишни заработки, па така на прво место е градежниот гигант „Гранит“ со 3.067.961.307 денари од договори за јавни набавки за една година, или околу 50 милиони евра.
На второто место е „Рапид Билд“, компанијата која гради магистрални гасоводи низ земјата, атмосферски и фекални канализациони системи и патна инфраструктура со придружни објекти, е на второто место со 2,98 милијарди денари, односно за нијанса помала сума од таа што ја има „Гранит“ како приход.
На третата позиција е Градежен институт Македонија АД-Скопје, надзорникот на изградбата на автопатот Кичево - Охрид, како и на училишта и училишни сали. Освен надзор на изградба, компанијата работи и на реконструкции на брани, мостови и други објекти, а приходот од тендери бил 1,95 милијарди евра.
Во Топ-5 рангирањето влегуваат уште Слобода Бус Превоз, скопската компанија која меѓудругото е позната и по превезувањето на ученици до училиштата, со 1,84 милијарди денари и кипарската Sintez Green Energy, која набавува природен гас, со 1,67 милијарди денари.
Меѓу последните двајца „милијардери“ се уште и градежниот титан „Бетон“ со 1,6 милијарди, како и Искра АТГ од Скопје која за 1,377 милијарди набавува електрични агрегатори, релеи, кондензатори, осигурачи, електрични мерни инструменти и јавно осветлување.
Една година претходно само Пуцко Петрол заработил повеќе од една милијарда денари од тендери, а сега не е ниту во првите седум, односно се наоѓа на осмото место со 846 милиони денари.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.