20 Април, 2024
0.0271

Секогаш ќе бидам тука за моите пациенти и покрај политичкиот ангажман: Интервју со д-р Пејкова, носител на советничката листа за Град Скопје на СДСМ

Објавено во: Интервјуа 12 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Да им се помага на луѓето во решавањето на нивните проблеми и унапредувањето на квалитетот на нивниот живот е во основата на лекарската професија, а кога влегувате со вакви намери во политиката се отвораат можности да им помогнете на луѓето во многу сфери од нивното живеење, вели во денешното интервју за Фактор, д-р Софија Пејкова, директорка на Клиниката за пластична хирургија, која на претстојните локални избори влегува во политичките води како носител на советничката листа на СДСМ за Град Скопје. Вели дека нејзиниот политички ангажман нема да ја спречи во максималната посветеност на нејзините пациенти и дека секогаш ќе биде достапна за нив и во амбулантските прегледи и во операционата сала. 

-Кога се работи посветено и одговорно има време за сѐ, посочува д-р Пејкува во интервјуто.

Што ве мотивираше да влезете во политиката и тоа како носител на листа за Град Скопје, особено што имате изјавено дека се чувствувате исполнета и среќна со вашата професија како хирург?

Д-р Пејкова: -Ако направите една паралела, ќе видите дека принципите на работа на лекар и принципите на работа на советник во основа се истите. Како лекар секојдневно се среќавам со пациенти и ги слушам и решавам нивните здравствени проблеми. Многу често покрај здравствените проблеми тие ги споделуваат и проблемите во нивните семејства и средината во која живеат. Ако најпрво ги слушаме луѓето и ги разбереме нивните проблеми, можеме понатаму да ја насочиме нашата енергија кон решавање на истите.

Која според вас е главната причина што толку многу лекари влегуваат во политичките води? На овие локални избори ги има најмногу на број и како кандидати за градоначалници и секако на советничките листи?

Д-р Пејкова: -Верувам дека моите колеги што се присутни на листите се водат од истите побуди како и јас. Желбата да помогнеме, да направиме најдобро што можеме и знаеме, да се вложиме себе си и да го дадеме максимумот. Ние лекарите сме најисполнети кога знаеме дека некому сме помогнале. Многу често решавањето на здравствен проблем на пациент е голем чекор во подобрување на нивниот квалитет на живот. Кога првото лекарско правило е Primum non nocere, што значи „прво не прави штета”, замислете колку добри работи можат да се направат после тоа. Да им се помага на луѓето во решавањето на нивните проблеми и унапредувањето на квалитетот на нивниот живот е во основата на лекарската професија, а кога влегувате со вакви намери во политиката се отвораат можности да им помогнете на луѓето во многу сфери од нивното живеење.

Кажете ми три најголеми приоритети кои треба да ги реализира идната градска власт?

Д-р Пејкова: - Развојот на патната инфраструктура во помалку развиените делови во градот е нешто што мора да продолжи да се прави со цел намалување на притисокот на претераната урбанизација во централното градско подрачје. Воведувањето на БРТ системот и целосната реорганизација на јавниот градски превоз, заедно со поттикнувањето на користење на влеосипеди, тротинети и пешачење во замена на автомобилите е нешто што на повеќе нивоа влијае на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните и заради тоа мора да остане приоритет. И последно,но не и помалку важно, редовното зазеленување на секој слободен сантиметар во комбинација со одржувањето на постојното зеленило континуираното подигнување на нивото на јавната хигиена заедно со еколошката свест кај населението е нешто што никогаш не треба да престане да се прави од причина што колку и да е добро, секогаш ќе има простор за унапредување.

Какви идеи, сугестии, предлози доколку станете советник ќе му ги понудите на идниот градоначалник?

Д-р Пејкова: - Да продолжи секогаш да биде присутен меѓу граѓаните! Луѓето сакаат да бидат слушнати, а и знаат најдобро да ги лоцираат најголемите и најитни проблеми што ги имаат. Комуникацијата е најважниот катализатор на еден процес. Само така подобро ќе ги разбереме секојдневните предизвици со кои се соочуваат што несомнено ќе придонесе кон задоволување на нивните потреби заради кои постои локалната самоуправа.

Како сметате дека треба да се одвива соработката и комуникацијата на релација градоначалник-совет за да имаме функционална локална власт?

Д-р Пејкова: - За најголеми успеси и најдобри резултати одговорот е секогаш тимска работа. Кога веќе ќе поминат изборите и граѓаните ќе донесат одлука кои се личностите што ќе ги претставуваат во локалната самоуправа, и градоначалникот и советниците треба да одговорат на дадените ветувања и да работат во корист на граѓаните. Без разлика на партиската припадност, потребна е отвореност да се слушнат различни мислења и идеи и да се донесат правилни одлуки. Критиката да биде конструктивна, а резултатите задоволувачки.

Да поразговараме и за вашиот професионален ангажман како директорка на Клиниката за пластична хирургија, односно како супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија. Колкави се потребите на граѓаните за вакви зафати?

Д-р Пејкова: -Пластичната и реконструктивна хирургија како специјалност покрива широка патологија почнувајќи од оперативен третман на бенигни мекоткивни тумори, кожни карциноми меѓу кои и меланомот, мекоткивни инфекции, изгореници, болести на шака и повреди на шака кои најчесто бараат итен третман. Реконструктивни зафати на тетиви и нерви после повреди, реконструкции после оперативни онколошки третмани меѓу кои и реконструкција на дојка после мастектомија се исто дел од нашата работа. Со оглед на тоа дека сме единствената установа  каде што се третираат овој тип на болести и состојби, бројот на пациенти што се оперирaат на нашата клиника надминува и 4000 пациенти годишно.

Во даден период кога во Македонија имаше огромен број пациенти болни од корона вирусот, а на кои им беше портебен болнички третман и оваа клиника беше ковид центар, како функциониравте тогаш, дали ги работевте елективните хирурши интервенции или се примаа исклучиво итни пациенти?

Д-р Пејкова: - Пандемијата на сите нас, независно дали здравствени работници или не, ни постави големи предизвици. Ние, персоналот од нашата клиника со голема одговорност и посветеност повеќе од 2 месеци работевме како КОВИД центар и за тој временски период беа хоспитализирани и третирани повеќе од 100 пациенти. Секогаш ја истакнувам големата поддршка што ја имавме од колегите анестезиолози и инфектолози во третманот на пациентите. И покрај тоа, успеавме да се организираме и да обезбедиме простор и здравствен персонал што ќе може да пружи оперативен третман и хоспитализација на пациентите кои имаат потреба од итен оперативен зафат. Останатите пациенти чии елективни операции беа одложени, по завршувањето со работа на Ковид центарот, беа повикани за оперативен третман.

Во однос на реконструктивната хирургија, до кое ниво е развиена оваа област кај нас?

Д-р Пејкова: - Реконструктивната хирургија ја прави посебна и единствена пластичната хирургија. Со хируршките техники се прави реконструкција на мекоткивни дефекти по примарната хирушка процедура која е направена кај пациентот. Тука се вклучени најразлични комплексни хируршки процедури за реконстуркција на дефекти на главта, лицето и вратот, на торзото на екстремитетите. Целта е да се добијат природните контури а, пред се да се врати функционалноста на пациентот. Клиниката за пластична хирургија ги следи светските и европски трендови на развојот на науката и медицината. 

Секојдневно се работи активно за да се одговори на потребите на пациентите  и се третираат и  најкомплицирани болести и состојби со што би се добило квалитетно лекување во земјава наместо  во странство. Нашата работа е динамична, бара посветеност и огромна желба. Во изминатаите години нашите искуства и резултати беа презентирани на стручни симпозиуми во Европа и САД а со тоа Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија стана респектиран центар во светот.

9. И за крај, ќе „трпат“ ли пациентите на Пластична хирургија заради вашиот зголемен политички ангажман или и понатаму ќе имате термини за вашите пациенти?

Д-р Пејкова: - Мојата прва и основна дејност е хирургијата. Јас секогаш најпрво ќе бидам лекар, а потоа се друго. Секогаш ќе бидам тука за моите пациенти, и во амбуланта, и во операциона сала, а се разбира и на моите 24 часовни дежурства. Кога се работи посветено и одговорно има време за сѐ.

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“