Секој граѓанин во Северна Македонија, па дури новородените под антидепресиви
Објавено во: Македонија 18 Април, 2019
Над два милиони рецепти за седативи биле издадени во текот на цела мината година, покажуваат податоците од Фондот за здравствено осигурување. Според бројките, испаѓа дека на секој граѓанин на нашата држава, па дури и на новороденчињата доктор им препишал по еден лекарски рецепт во просек за антидепресив, што, е навистина загрижувачки.
Од ФЗОМ велат
дека лани изадaдени се точно
2,17 милиони рецепти за седативи, анскиолитоци и хипнотици,
но не откриваат, односно тврдат дека немаат податоци за тоа на колкава возраст
се пациентите.
Депресијата е болест на 21 век. За таа болест малку се зборува и во Македонија, иако според сознанијата во пoследните години се повеќе луѓе страдаат. Болни се граѓани од сите возрасти, често и помлади. Затоа, велат за Фактор од аптеките, во последните пет години е пракса полесен вид на антидепресив да бараат и триесетгодишни луѓе.
Според фармацевтите граѓаните кои доаѓаат со рецепт на кој имаат препишано антидепресивни лекови најчесто се сами и неретко признаваат дека се срамат од состојбата во која се наоѓаат. Некои дури внимавале да ги земат лековите секогаш кога нема никој познат во аптеката.
Имало случаи кога и самите пациенти се однесуваат како доктори, сами си бараат терапија или замена за веќе препишаната од матичниот лекар.
„Не ми давај од овој лек, знам јас дека нема да ми помине, сум го пиела истиот лек кога ме болеше ногата, ама воопшто не ми помогна“тоа е само еден од милионите случаи, вели еден фармацевт.
Докторите со кои разговаравме велат дека депресијата може да се препознае и важно е дека може и да се излекува. Најчесто пациентите се жалат на гушење, печење во грло и кај срцевиот мускул, вртоглавици. Некои пијат и погрешна дијагноза пред да се обратат кај лекар. А матичните доктори се тие кои можат да го откријат заболувањето.
„Депресијата се лекува, и наша задача е да ги охрабриме пациентите да зборуваат за своите симптоми, да побараат помош од своите семејни лекари, како навремено би се поставила дијагноза и тимски со специјалистите по психијатрија би помогнале во лекување на болеста“ вели за Фактор Маја Џонлага, лекар специјалист по семејна медицина.
Според одредени истражувања на лекарите се смета дека секој петти човек развива симптоми на депресија, а дури 75 отсто од нив не се лекуваат. Причините лежат во тоа што сеуште психичките заболувања кај нас се табу, луѓето се срамат да зборуваат за своите симптоми, но исто така и заради тоа што депресијата може да се манифестира со најразлични симптоми, започнувајќи од обични главоболки, до сериозни нарушувања во секојдневното функционирање и да доведат до самоубиство.
Според СЗО, меѓу 10 водечки болести, депресијата до 2020 година ќе биде на второ место, веднаш по кардиоваскуларните заболувања.
Фото WQAD.com