29 Септември, 2024
0.0236

Секој со својата вистина во образованието

Објавено во: Анализа 31 Октомври, 2014

Добивај вести на Viber

Пред неколку месеци гледав емисија на BBC која во 45 минути ги објаснува состојбите во новонастанатите Балкански држави при крајот на 19ти век, тукушто ослободени од Османлиите. Станува збор за Србија, Бугарија и Грција каде авторот на емисијата тврди дека новонастанатите држави својата независност ја темелат врз 2 цврсти институции: Војска и Образование. Она што ми остави впечаток беше, дека војската и образованието се споменуваат во ист контекст. Јас ваква конотација за прв пат слушнав некаде (а посебно на BBC). Емисијата наведува неколку примери, за изучување на настанокот на средновековните Српска и Бугарска држава, како и Византија секако. Секоја држава учи своја верзија, учи и образува нови генерации врз основа на само својата верзија и никој не обраќа ни најмало внимание што и како се изучува во соседната земја. Тоа било тогаш, денес не е така. Дали навистина? Денес нашите соседи не знам дали можат да се сложат за било која тема од историјата каде нивните образовни системи имале своја верзија на изучување, а секако тоа највеќе може да се види на примерот Македонија. Не можете да најдете дури ни академици во Белград, Софија и Атина кои ќе заземат заеднички став на било која тема (посебно врзана со Македонија и Македонското прашање). На пример, ако ги прашате кога и како настанала Македонската нација, во Србија ќе добиете одговор дека Српските интелектуалци од почетокот на 20-ти век имале најголем придонес во нашето создавање. Во Бугарија тврдат дека нема потреба од Македонска нација поради заедничкото минато на двата народа, а во Атина сме прогласени за “вештачки”, не водејќи сметка дека тој одговор е “окси-морон”, бидејќи на крајот на краиштата поимот нација е психолошки поим, кој се појавува прв пат во периодот на 18ти и 19-ти век и се разликува од поимот народ кој е секако, биолошки поим. Што имаме ние од тоа? Очигледна е потребата да изградиме силно образование. Очигледна е потребата да изградиме образование кое симултано ќе може да се одбрани од интелектуалниот напад на било која соседна страна. Но, се прашувам дали ние градиме силно образование или можеби сме ставени во многу слична матрица. Нели Ви се чини дека и ние почнавме да учиме само наша вистина, која нејќе да погледне во соседството и да спореди дали можеби некои факти и настани во минатото друга матрица ги учи на некаков друг начин. И повторно, доаѓаме во ситуација каде ние демек најдобро знаеме, бидејќи сите соседи во минатото а можеби и денес само сакале да ја окупираат и завземат Македонија. Некој можеби нема да се сложи и ќе каже дека денес е 21 век и состојбите од минатото се изменети. Дури и да е така, се поставува прашањето како работите се изменети? Дали произведување на нова матрица во нашето образование кое нема да има допирни точки со ниедна од нашето соседство ќе не доведе до вистинско образование во согласност со 21-от век или состојбите повеќе наликуваат на веќе споменатите во емисијата на BBC од крајот на 19-от век. Мирко Тодоровски