Секоја ноќ ги бара родителите: Приказна за момчето кое само дојде од Дамаск до Белград!
Објавено во: Балкан 26 Август, 2015 13:42
Малиот Сириец Абдул Керим Фарис (10) препешачил сам, без ниеден член на семејството, речиси 2500 километри од Дамасак до Белград. Малиот Абдул кој во моментов е сместен во паркот кај Автобуската станица во Белград, вели дека на пат го испратил татко му, како најмало машко дете во семејството.
„Тато само ми рече: „Бегај сине, спасувај се“, а тој останал во Дамаск да ги чува моите браќа и сестри. Ми рече да одам во Германија и дека таму ќе ме најде.Секоја ноќ го сонувам него и мајка ми и копнеам да ги видам пак“, ја започнува својата потресна исповед ова храбро момче.
Oва момче е дел од групата бегалци кои вчера во 40 автобуси дошле од Прешево во Белград. Пред тоа четири месеци пешачел до Гевгелија, а потоа до македонско-српската граница, па до српската престолнина ...
Иако повозрасните внимаваат на него и се обидуваат да му помогнат во неволја, тој е сепак сам, без никој близок.
„Сешто преживеав пред да стигнам овде! Најтешко ми беше минатиот викенд кога од Македонија се обидовме да влеземе во Србија. Полицијата не туркаше и тепаше, луѓето паѓаа, децата плачеа. Никогаш во животот не сум бил исплашен толку како тогаш“, раскажува Абдул Керим.
Тој деноноќно се грижи за своите родители, брат и сестри.
„Се плашам да не ги убијат бомбите. Таму во мојата земја е војна, страшно е, често се прашувам дали пак ќе ги видам. А и ако стигнам во Германија, како тие ќе ме најдат таму“, се прашува ова мало дете.
Иако имаат своја мака, останатите бегалци од Сирија се потресени поради судбината на малиот Абдул. Велат дека е најстрашно ноќе, кога почне да ги довикува родителите.
„Жал ни е за ова момче. Гледаме колку е исплашен и колку му недостасува семејството. Секоја ноќ плаче, тогаш кога мисли дека не го гледаме. Срце да ти пукне кога го слушаш како тивко плаче. Се обидовме да стапиме во контакт со неговите родители, но не успеавме. Кој знае што е со нив. Кога бевме во Грција, малиот се разболе, имаше температура и го болеше грло“, раскажува Хамад Ахмет од Дамаск.
Момчето денес заедно со група мажи кои се грижат за него ќе тргнат кон Унгарија, па оттаму во Германија.
„Цврст е тој, оди со нас како да има 20. Што и да се случи, ние нема да го оставиме. Како ќе ни биде нам, така ќе му биде и него“, рекле во еден глас Сиријците кои го чуваат малиот Абдул Керим, ја пренесуваат белградски медиуми приказната за малиот Сириец.
Според податоци на МВР Србија од почетокот на годината вкупно 9000 деца побарале азил во Србија. Третина од тој број се бегалци без родителска придружба. Толку се само регистрирани, додека бројот на деца кои не се пријавуваат е повеќе пати поголем.
Можеби ќе ве интересира
Вјоса Османи се пофали дека уште една земја го призна Косово
Што вели Рама за идејата на новите членки на ЕУ да им се ограничи правото на вето?
(ВИДЕО) Пратениците во албанското Собрание се тепаа и фрлаа чадни бомби
„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација





