16 Јули, 2019
0.0200

ИНТЕРВЈУ СО РОЛФ ШНЕБЕЛИ, ГЛАВЕН ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА СИЛК РОУД БАНКА АД СКОПЈЕ

ШНЕБЕЛИ: Членството во ЕУ носи бенефит за сите инвеститори, а банкарските камати ќе паѓаат

Објавено во: Економија, Интервјуа 08 Јули, 2019


Раст во повеќе сегменти во банкарското работење бележи Силк Роуд Банка, веќе две години по ред. Продорот на пазарот по преземањето на сопствеништвото е дел од успешната швајцарска банкарска стратегија која на наше тло ја применува менаџментот на оваа банка единсвтена со стопроцентен швајцарски капитал во земјава. Во интервју за Фактор, директорот Ролф Шнебели, вели дека очекува импресивен раст во сите аспекти од работењето и во иднина. Членството на Македонија во НАТО и во Европската Унија, според него значајно ќе го набилда економскиот перформанс на земјата, па вели дека граѓаните треба да очекуваат доста банкарски новитети, но и повеќе кредити со пониски каматни стапки. Го прашав прво, како самиот гледа на овој пробив, по преземањето на банката во Македонија од грчка Алфа банка.

Шнебели: Вистина е дека оваа банка имаше значаен напредок овие три години години. Претходно банката имаше загуба, и негативниот резултат се одржал осум години по ред, со исклучок на една година. Се разбира, за тоа имало повеќе причини. Ние дојдовме да бидеме помала ама здрава банка. Имавме можности кои поранешните сопственици можеби не ги имале. Кога ја презедовме банката во мај 2016 година, банката веќе имаше значителна годишна загуба, но сепак успеавме годината да ја завршиме со 200.000 евра профит. Имавме и високо ниво на нефункционални кредити, кои успеавме да ги редуцираме на прифатливо ниво. Ги ликвидиравме овие кредити не само за да направиме профит, туку главната цел и водич беше да се ослободи капитал кој ќе биде наменет за идни кредити, за финансирање нови бизниси. Во исто време, исто така, ги реструктуиравме сите трошоци кои ги имавме во банката. Трошоците за реструктуирање беа платени од приходите направени во минатите години, дури и миграцијата во новиот компјутерски систем беше завршена за рекордно време. Добра работа е што, како поминува годината, со гордост можеме да кажеме дека не само што расте профитот, туку во исто време, според мое мислење, се подобрува и квалитетот на профитот, што секако е поврат од нашето реструктуирање.

Имаме помалку вработени сега, побаравме нашите вработени да работат повеќе од порано и навистина сме охрабрени да продолжиме да го развиваме бизнисот. Поставуваме таргети, го менуваме однесувањето во банката и сакаме да бидеме што повеќе оринетирани кон клиентите. Ние не продаваме производи, туку решенија за клиентите. Тоа е промената на менталитетот која треба да не води. Рефлексија на тоа е што нашиот профит расте, пазарниот удел расте, квалитетот на депозитите и на кредитите се подобрува.

Тоа е дел од вашата стратегија за влез на пазарот? Вашето швајцарско искуство. Вие сте единствена банка во Македонија со швајцарски капитал.

Шнебели: Да, да. Се сеќавам кога прв пат дојдов во Македонија и сакав да сменам пари, дојдов во банката и морав да потпишам документ кој јас всушност не можев ниту да го прочитам и разберам. Не сфатив што мора да се потпише. Сега кога користам банкомат или ја користам мојата картичка насекаде во светот, за неколку секунди добивам СМС порака од Силк Роуд Банка за направената трансакција и тоа на англиски јазик. Мора да бидете ориентирани кон клиентите и се разбира мора да им се обратите на нивниот мајчин јазик или јазикот кој го разбираат. Вредноста на банката мора да ја гледате во иднина низ призмата на тоа каков однос ќе имате со клиентот. Тоа ќе биде вистинската вредност. Производите може ќе ги има на интернет и онлајн, но врската со вашиот банкарски службеник и банката е нешто што треба да се негува.

Можеби тоа е дел од нашата швајцарска позадина и менталитет. Нашата банка е со 100 отсто швајцарски капитал. Силк Роуд Банка е нешто најблиску до швајцарска банка која Северна Македонија може да ја понуди.


Помина половина и од оваа година. Конкретно во кои сегменти очекувате и колкав раст?

Шнебели: Имаме таргети и имаме очекувања. Таргетите мора да се предизвикувачки. Нашата стратегија е, како што реков, ориентирана кон клиентот. Секако, ја зголемивме базата на депозити. Тоа се парите со кои кредитираме. Имаме некои големи клиенти, но и помали клиенти. Една третина од нашето портфолио е во корпоративни кредити, две третини се кредити за граѓаните, од кои дел се хипотекарни, дел се потрошувачки необезбедени кредити. Наша примарна цел е да растеме со побрзо темпо од растот на пазарот во целина, што значи треба да го подобруваме нашето пазарно учество.

Банкарскиот сектор во земјава се покажа релативно отпорен на кризи, а има согласност дека регулаторната рамка е прилично добра. Сепак моментно земјата е во некои политички и економски предизвици, па како гледате на овој контекст и како тоа се рефлектира на банките?

Шнебели: Не бев тука кога се случи кризата, но знам дека тоа навистина беше голема криза која се одрази и во земјата.

Може да се каже дека овде има навистина многу добра регулаторна средина и споредувајќи ја со меѓународни стандарди, мислам дека ние тука сме некако пререгулирани. Со влезот во ЕУ, ќе мора да очекуваме значајна дерегулација на пазарот. На пример, на нас како банки не ни е дозволено да тргуваме во валути кои не се на листата на Народната банка. Тоа не е така во западните банки. Таму можете  да тргувате во која било валута. Со идна либерализација на менувачкиот пазар на странски валути, со либерализација на контролите на валутите кои ние ги имаме овде, ова ќе биде голем предизвик за банкарскиот сектор овде, затоа што, банките ќе мора да се отворат и да бидат поинтернационални. Ова ќе биде случај во многу различни полиња од работењето.

Банките овде се натпреваруваат меѓу себе, но во иднина клиентот од Северна Македонија ќе има можност да отвори сметка надвор од земјата, во која било банка во Софија, Виена, Швајцарија, на пример. Тоа ќе биде либерализирано. Наеднаш нашите услуги кои ги даваме тука ќе треба да бидат конкурентни и да се натпреваруваат со услугите на тие големи меѓународни банки, со услугите и производите кои ги нудат тие банки. Во иднина ќе има големи промени и мислам дека ќе биде голем предизвик за банките и за Народната банка, се разбира.

Но, членството во Европската унија несомнено носи извесност и позитивно влијание за економијата, па и за банките.

Шнебели: Ќе биде многу позитивно за цела економија, убеден сум. За државата ќе биде шанса на векот. Членството во ЕУ, драматично ќе го смени изгледот и функционирањето на државата. Овде има се уште прилично висока невработеност која секако ќе се намали. Со ниските трошоци кои ние може да ги обезбедиме, ќе видете дека извозната економија ќе има голем поттик. Ќе има бенефит од ЕУ за сите инвеститори. Сигурен сум дека ќе биде многу добро.

За банкарскиот сектор ќе биде потешко. Банкарскиот сектор е изолиран од остатокот на светот, целокупното знаење во банкарскиот сектор треба да претрпи соодветна надградба, додека пак познавањето во делот на меѓународните инвестиции е скоро и непостоечко. Ќе биде тешка транзиција и сметам дека банките треба  веднаш да почнат да се подготвуваат.

Кредитниот раст е солиден и на ниво на банкарски сектор и во вашата банка. Од аспект на граѓаните и на фирмите се важни условите на одобрување, но и каматните стапки кои поради низа околности се во надолен тренд. Каква политика на кредитирање да се очекува?

Шнебели: Прашањето е на каков тип на бизнис сакате да се фокусирате. Ние не сме единствени на пазарот и не можеме да пласираме големи кредити, бидејќи ние сме помала банка. Нашиот главен фокус се и ќе бидат малите и средни претпријатија, иако секако имаме и поголеми клиенти. Сакаме да воведеме приод кон банките кои ќе е активен во секој момент. На пример, ако имаме мала компанија, која има убави планови, сака да направи нешто, има визија – ние како банка секако дека сакаме да помогнеме. Сакаме клиентот да порасне заедно со нас како партнер. Ние сме една од двете банки кои ја имаат “InnovFin“ гарантната шема која е специјализирана за мали и средни претпијатија и која ни дозволува да покриеме еден дел од ризикот кој го имаме кога финансираме некоја компанија. Тоа е многу интересно.

Споменавме веќе, но каков е квалитетот на кредитното протфолио?

Шнебели: Да, споменав дека имавме многу високо ниво на нефункционални кредити кога ја превземавме банката, кои со проактивен пристап ги редуциравме и сега нивото е некаде околу просекот на банкарскиот сектор. Нашето ново портфолио, односно новите кредити кои ги одобруваме е со уште подобар квалитет од просекот во секторот. Тоа го покажува квалитетот на нашиот процес на одобрување.

Какви нови производи воведувате?

Шнебели: Не сакам да зборувам за производи затоа што сакаме да им понудиме решенија на клиентите. Но кога нудиш решение секако треба да знаеш и да имаш што да понудиш. Понудивме станбени кредити со најниски каматни стапки на пазарот и во земјава воопшто. Мислам дека тоа е голем бенефит за нашите клиенти и за целата економија. Не сакам да одам во детали но наскоро ќе има нов производ кој ќе биде нешто кое досега го немало меѓу кредитните производи во Македонија, во делот на домувањето. Знаете и дека понудивме први на пазарот производ кој е потрошувачки кредит наречен “Направи пауза“. Тоа е производ со кој можеш да го одложиш плаќањето на месечната рата од кредитот, да ја прескокнеш, ако за тоа имаш некоја неодложна обврска која мора претходно да ја завршиш. На таков начин не ви се намалува кредитниот рејтинг, што секако е бенефит за секој клиент кој аплицира за кредит во иднина во било која банка, покрај фактот што на клиентот му нуди зголемено ниво на финансиска флексибилност.  Го ланисиравме и  производот „Мајка“, кој има многу бенефити за мајките.

Дополнително, морам да напоменам дека Силк Роуд Банка ја има привилегијата да биде ексклузивен лиценциран и единствен партнер на Американ Експрес за издавање на картичките низ целата територија на државата. Како што знаете, Американ Експрес е картичка со која уживате во посебен статус, престиж, услуги од врвна и светска класа и уникатни искуства.

Кога сме кај Американ Експрес во делот на општествена одговорност, нашата банка е прва компанија која склучи долгорочен меморандум за соработка со Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Со секоја трансакција со Американ Експрес картичка направена од нашите клиенти, банката донира по 5 денари за потребите на клиниката. До сега се предадени две донации.


Штедењето останува приоритет кога граѓаните избираат каде да ги вложат своите пари. Но, во иднина тоа може да се смени. Размислувате ли и вие за некои алтернативи, нови понуди?

Шнебели: Да, тоа ќе биде наш приоритет. Ние сега имаме кредити на една страна, а од друга се депозитите, како и во сите банки во земјата. И толку. На долг рок депозитите на граѓаните нема да се доволен избор. Мора да имаме други производи, други можности за инвестиции за граѓаните и штедачите. Тие се потребни и треба да се развиваат. Има иницијални најави за некои производи, ама тоа е само како најава и обиди во рана фаза.

Во иднина ќе видите повеќе производи во кои може да инвестирате и нема причина зошто ова да не се прави преку банките. Имаме лиценци, треба само да се прилагодиме технички и дефинитивно тоа ќе биде иднината.  Има интересни можности. Ќе може да добиете пристап до сите акции, обврзници, други инструменти во светот. Ние банкарите не сакаме да имаме само депозити во портфолиото, а сметам дека исто така и клиентите. Дури искрено, станува и малку засрамувачки, на некој кој води голема компанија и бизнис, единствено нешто што можеш да му понудиш е само депозит.

Ако нема такви инструменти овде, клиентите ќе инвестираат надвор од државата, што секако не е добро за државата.

Ова исто така ќе биде добро за банките, бидејќи внесува разноликост во прибирање на приходот, различно од бизнисот со каматната диференцијација, како категорија на приход (заработка) од провизии со помал ризик.

Од аспект на дигитализацијата, граѓаните бавно ги прифаќаат трендовите, какви новини треба да се очекуваат?

Шнебели: Ние постојано ја зголемуваме понудата. Во иднина граѓаните ќе прават се повеќе електронски трансакции и истите ќе бидат заменети со електронско банкарство и модерните АТМ апарати. Се сеќавам уште во деведесетите кога живеев во Хонк Конг и кога сакав да платам сметки за телефон и за струја, тоа мораше да го сторам на банкомат.  Ова и кај нас ќе биде следниот чекор, но сепак сме во многу рана, иницијална фаза. Во тоа време и во Швајцарија кога беа воведени банкоматите, граѓаните вадеа пари од банкомат и со парите одеа во пошта за да платат сметки. Ние како банка имаме најголема мрежа на банкомати. Во иднина ќе понудиме и повеќе новитети. Експозитурите ќе бидат многу поразлични од тоа како изгледаат сега.

Имаше многу размислувања дека на македонскиот пазар има многу банки, па се тврдеше дека е потребно спојување на помалите банки. Кое е вашето мислење за ова?

Шнебели: Има 15 банки, не мислам дека тоа е многу. Има многу простор и верувам дека ако имаме помал број на банки и државата ќе губи затоа што ќе има помала конкуренција. За мала банка како нас, полесно е да воведеме новитети, споредбено кога тоа го прави поголема банка. Ние сме мали, се движиме брзо и може да се менуваме многу побрзо. Ако сте голема банка, многу е потешко да менувате правец.

Александра Томиќ

Фото Вангел Тануровски

Можеби ќе ве интересира

Над 4.100 граѓани аплицираа во Град Скопје за субвенции за велосипед во 2019 година

Над 4.100 граѓани аплицираа во Град Скопје за субвенции за велосипед во 2019 година

Бислимовски очекува новите станови да поевтинат за 100 евра

Бислимовски очекува новите станови да поевтинат за 100 евра

По повисоки цени возачите ќе полнат бензин и дизел од полноќ

По повисоки цени возачите ќе полнат бензин и дизел од полноќ

Како работеа бизнисите на Трифун Костовски лани?

Како работеа бизнисите на Трифун Костовски лани?

Сестрата Олга со „Еуролинк осигурување“ подобра од братот Коки со „Еуростандард банка“

Сестрата Олга со „Еуролинк осигурување“ подобра од братот Коки со „Еуростандард банка“

Кој е поуспешен од децата на Трифун Костовски?

Кој е поуспешен од децата на Трифун Костовски?

Нови поповолни услови за кредитирање во Силк роуд банка

Нови поповолни услови за кредитирање во Силк роуд банка

ИМА НАЈАВИ ЗА ПОСКАПУВАЊЕ НА ЗЛАТОТО: Македонските златари се жалат дека работата оди тешко

ИМА НАЈАВИ ЗА ПОСКАПУВАЊЕ НА ЗЛАТОТО: Македонските златари се жалат дека работата оди тешко

Како сестрата му држи менаџерска лекција на братот?

Како сестрата му држи менаџерска лекција на братот?