ШТЕРИЕВ ОД ГОДИШНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА БЕРЗАТА: Оданочувањето на капиталните добивки има негативно влијание и треба да се ревидира

Објавено во: Економија 27 Септември, 2023
Главниот извршен директор на Македонската Берза, Иван Штериев, се обрати на Годишната конференција на Македонската берза, која се одржа денеска во Охрид.
Овој форум на кој се анализира што донесе 2023 година и како понатаму да се развива пазарот на капитал на едно место ги собра претставниците на повеќе сегменти од финансискиот сектор и институции на пазарот, компаниите, и државните органи, како и сите останати субјекти чија дејност е поврзана со работењето или со инвестирањето во хартии од вредност.
Еве што порача првиот човек на Берзата, Штериев, на конференцијата.
„Минатата година успешно направивме пост-пандемиски рестарт на годишната конференција на Македонска берза. Три квартала од тековната година изминаа. Оценка е дека оваа 2023 година е година на своевидно ресетирање на македонскиот пазар на хартии од вредност. Изразот „ресетирање“ најчесто го користиме поврзано со компјутерите. Кај автомобилите ресетирање подразбира и враќање на километражата… Токму така наликува и берзанската 2023 година – се одвиваат процеси што не носат на некој нов почеток, при што стартната позиција очигледно ќе биде многу пониска. До 22.09 вкупниот берзански промет по сите основи изнесува 57,7 милиони евра, што е намалување во споредба со истиот период минатата година од над 38 отсто. Прометот во БЕСТ системот, класичното тргување со акции и со обврзници, е 32,5 милиони евра, односно околу 46 отсто од ланскиот обрт. Просечно дневно во БЕСТ системот се склучуваа 46 трансакции, а просечниот износ на дневниот промет е околу 11,2 милиони денари. Индексот МБИ 10 на годишно ниво бележи плус од 2,6 тсто“, рече Штериев.
Како што нагласи, подеталната компарација покажува дека овогодишниот промет е вратен на ниво како пред 2018 година.
„Кои се причините за овој reset? Влијание на состојбите на Берзата дефинитивно имаат повеќе егзогени и ендогени фактори. Надворешните влијанија го влошуваат општото економско окружување. Целата 2023 година е обременета со сериозни предизвици - песимизам поради зголемувањето на инфлацијата и каматните стапки, можноста од рецесија, импликации од старите и новите задолжувања на државниот и приватниот сектор, фискалните прилагодувања и новитети и други последици од пандемијата и војната во Украина. Сепак, засега котираните компании добро се држат. Од вкупно 93 компании, 68 рапортирале добивка за првото шестмесечие во кумулативен износ од околу 162 милиони евра, што е пораст од околу 5 отсто на годишно ниво“, нагласи Штериев.
Но, како што потенцира, на забавената берзанска динамика објективно голем импакт имаат интерните фактори. Силно е, рече тој, негативното влијание на воведеното оданочување на капиталните добивки.
„На ова предупредувавме и за жал бевме во право – прометот е евидентно помал. Ова даночно решение, според нас, мора да се ревидира. Банкарските депозити во исто време станаа поатрактивни – поради зголемените камати и нивното неоданочување. Не треба да се заборава и дека имавме многу долг период на ценовен раст. Девет години, од 2013 до 2021 година, индексот МБИ10 во континуитет растеше, со кумулативен плус од над 250 отсто. Минатата година беше регистриран пад од околу 8 отсто, а годинава, рековме, повторно имаме благ раст. Сегашните валуации се одраз на овој долг тренд – тоа сигурно влијае на одлуките на инвеститорите кога размислуваат за влез на домашниот пазар или за зголемување на нивната изложеност“, објасни Штериев.
Пазарот е константно плиток, нема многу учесници, а доминираат retail инвеститорите, Импликации на неговото функционирање има и од едното и од другото. Продолжува ниското учество на странските портфолио инвеститори, а згора на тоа има очекувано зголемување на тргувањето на македонските инвеститори во странство. Кога компјутерскиот систем се ресетира, стандардната процедура за негово подобро идно функцинирање е да се направат одредени активности како што се чистење, дефрагментирање или надградба на хард дискот.
„Во опишаните услови во коишто моментално функционира Берзата ова е и нашиот пристап. При тоа, активностите, што ги правиме или ќе ги правиме поради настанатото ресетирање на пазарот, можеме релативно полесно да ги реализираме поради тоа што веќе инсталиравме нов „оперативен софтвер“, односно не се опуштивме додека берзанскиот систем работеше во full mode. Почитувани, Врвен развоен приоритет на Македонска берза е подобрување на понудата на пазарот. Веруваме дека на нашиот пазар побарувачка за квалитетни финансиски инструменти има. Побарувачката може да се надгради – да се привлечат нови инвеститори од земјата или странство, но таа не е суштинска пречка за понатамошен развој. Понудата е огромен предизвик. Токму поради тоа акцентот го ставаме на подобрување на постојната понуда, преку проекти како што се новиот Кодекс за корпоративно управување, вградување на ЕСГ стандардите кај компаниите, континуираните новелации на правилата за котација и обелоденување, инсистирање на повеќе информации на англиски јазик, организирање на роад шоуа итн. Сите знаеме дека упорно нема нови емисии и котации. Регионалните искуства покажуваат дека најлесно се прави големо IPO како дел од некој приватизациски проект (најнов пример е Хидроелектрика во Романија неодамна). За успешно IPO треба сериозен и професионален пристап, време и најважно од се - одлука на доминантниот сопственик. Кај компаниите со државен капитал таа одлука е политичка (тоа може да биде или некоја приватизација или т.н. техничка котација); кога станува збор за приватниот сектор одлуката е на доминантниот сопственик кој може да биде поединец, фамилија или неколку партнери“, рече Штериев.
Нашиот моментален фокус, нагласи, е да ги анимираме неакционерските друштва да се подготват организациски, кадровски и суштински за среднорочно излегување на берза.
„Затоа го формиравме т.н. БУМ клуб (Берзата и Успешните во Македонија). Во овој клуб се зачленија над 20 успешни фирми и идниот месец почнуваме со активности. Во очекување сме и на најавените промени во регулативата согласно кои ќе формираме нов пазарен сегмент - т.н. Growth market, каде помалите компании многу полесно ќе можат да издаваат акции и да прибираат капитал. Компаниите од БУМ клубот ќе бидат природни кандидати за ова. Околу клучното прашање за зголемување на пазарната понуда и стимулирање на нови емисии целосно сме на иста бранова должина со нашиот регулатор, Комисијата за хартии од вредност, и ја имаме нејзината голема поддршка што е од суштествено значење“, рече Штериев.
Кога сме кај државата и пазарната понуда - мора да ја споменеме успешно реализираната емисија на граѓанските обврзници.
„Искрени честитки до
Министерството за финансии. Големиот интерес за овие обврзници на
примарниот пазар е уште една потврда на тезата дека побарувачка за
квалитетни финансиски инструменти и тоа како постои – треба само да се сака
и да се знае како да се искористи. Се надеваме дека ова е само почеток и дека
ќе следат нови вакви или слични емисии. Владиниот долг во форма на издадени
државни хартии од вредност е фундамент врз којшто функционираат сите
пазари на капитал. Доминацијата на финансиските институции на примарниот
пазар и комплетната неразвиеност на секундарниот пазар со овие инструменти
е значајна бариера за понатамошен развој на пазарот на капитал во целина.
Пазарот на државни хартии од вредност функционира на принципот „купи и
чувај“, поради што нема континуирано пазарно формирање на кривата на
принос. Уверени сме дека Македонска берза може многу повеќе да придонесе
во популаризирањето на вложувањето во државните хартии од вредност кај
домашните нефинансиски инвеститори, но и за генерално динамизирање на
секундарното тргување. Во тој правец неодамна поднесовме конкретна
иницијатива до Министерството за финансии. Доколу Министерството ни ја даде
довербата да влеземе поактивно во овој сегмент, освен нашиот акумулиран
know-how како пазарен оператор и високата регионална вмреженост, подготвени
сме и да инвестираме колку што е потребно во најмодерен софтвер“, рече Штериев.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2023 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.
Можеби ќе ве интересира
Chinadaily: Експертите велат дека податоците од услугите го потврдуваат закрепнувањето

СРПСКА КОМПАНИЈА ОБЈАВИ ДЕКА МОРА ДА ОТПУШТИ ДОСТА РАБОТНИЦИ - прв пат поминуваме низ нешто вакво, тешко е да се отпуштат добри луѓе

МЕТА И IBM ЛАНСИРАА АЛИЈАНСА - таа ќе ја промени вештачката интелигенција

ЗА САМО ТРИ ГОДИНИ КИНА СО ОГРОМЕН НАПРЕДОК: Фокус на зелениот развој и климатските активности

ПАРАДОКС НА БАЛКАНОТ - еве каде еден килограм џимиринки чини колку три килограми месо

Реновираната бензинска станица на „Макпетрол“ во Тетово е пуштена во употреба

ФИНАНСИСКИ ДИРЕКТОР ПРОДАДЕ АКЦИИ ЕДЕН ДЕН ОТКАКО ОБЈАВИ ОТПУШТАЊА - еве како менаџер од Спотифај заработи над 9 милиони долари

ТИЕ СЕ НОВАТА СРПСКА ДЕЛОВНА ЕЛИТА - имаат најмалку 140 фирми и вртат милијарди

ТРГОВЦИТЕ СО ХРАНА И ПИЈАЛОЦИ ЈА НАУЧИЈА ЛЕКЦИЈАТА - власта не отстапува од замрзнатите цени, можно е продолжување и по Нова Година - ИНФЛАЦИЈАТА ДОЈДЕ ДО 3,1 ОТСТО
