19 Јануари, 2025
0.0281

ИНТЕРВЈУ Ѓорѓи Филипов

ШТО ЌЕ ДОНЕСАТ ИЗБОРИТЕ ВО САД: Победата на Клинтон позитивен ефект за Македонија!

Објавено во: Македонија 07 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Изборите во САД во дадениов политички момент, можеби се  најглавно прашање за политичката, а со тоа и за економско-социјалната иднина на светот, вели во интервју за “Фактор“, дипломатот Ѓорѓи Филипов. Како амбасадор во неколку европски земји, со неговото искуство и присутност при изборни циклуси во различни земји, вели дека дебатите на политичарите кои претендираат да  ја водата државата, се многу значајни за целокупното гласачко тело, но осбено за неопределените.

Републиканци или демокракрати – влијание на Балканот? 

Фактор: Изборната реторика, во пакет со меѓусебни сериозни обвинувања  меѓу претседателските кандидати Трамп и Клинтон, засили. Дали во изминатиот период сепак, Америка одржа лекција за тоа колку се важни предизборните соочувања и спротивставување на аргументи, и колку е ова значајно за одлука на гласачот?

Филипов: Изборните кампањи во САД се особено интересни сходно карактеристиките на американското општество, од сѐ да се прави претстава, шоу, со голема транспарентност, со елементи на забавност. Елементот на шоу создава интерес кај пошироките маси во САД и во светот за текот на кампањата, па дури и создавање на одбори на навивачи (фанови) за едниот или другиот кандидат. Внимателните набљудувачи пак, деловните луѓе и политичарите ги интересираат повеќе изборните програми, плановите на победникот за иднината на САД и особено резултатите од кампањата. Изборната реторика, особено бројните меѓусебни обвинувања меѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп укажуваат на спротивставеностите во американското општество на социјално и на деловно ниво.

Не мислам дека Америка држи лекција за предизборните соочувања, зашто тие се вообичаени во сите демократски земји. Како амбасадор во Германија, Австрија и како нерезидентен амбасадор во Јапонија и Словачка следев повеќе кампањи за избори од различен карактер, локални, парламентарни или претседателски и во сите овие земји имаше соочувања, колку сакате. Тие се многу важни за целото гласачко тело, но особено за неодлучните граѓани и за гласачите, кои немаат време или желба да читаат или студираат програми и податоци, туку се склони да донесат одлука на база на настапот на кандидатите во соочувањата на ТВ - дуелите.  Тоа важи и за американскиот гласач, за кого е многу важно кој бил „победник” на одреден ТВ дуел. Сепак, мислам дека поважни се останатите настапи во долготрајната кампања, прво, внатре партијата, а потоа и против кандидатот избран во спротивниот табор. Тука не би го исклучиле и влијанието на одредени медиуми и јавни личности и навната наклонетост кон еден од кандидатите.

Фактор: Колку и како изборите во САД ќе бидат значајни за глобалната геополитика?

Филипов: Тоа е поважното прашање. Доколку победи Хилари Клинтон изгледа како светот да знае на што е. Се претпоставува дека таа како кандидат на Демократската партија ќе го задржи континуитетот во надворешната политика на САД, делумно и карактерот на реформскиот курс во внатрешната политика спроведуван од страна на претседателот Барак Обама. Доколку победи Доналд Трамп, кандидатот на Републиканската странка, геополитичката сцена ја очекува мала неизвесност, зашто Трамп најавува значајни свртувања по однос на некои теми. Овие „значајни свртувања”, навестени во предизборната кампања ќе бидат кривини со помал степен на лакот на свртување кога евентуално новиот претседател ќе се соочи со реалната состојба и податоците што ќе му бидат доставени од најразличните служби на американската администрација. Можни се, велам, можни се, мали ублажувања на односите САД- Руската Федерација, и мали заострувања на односите САД - Кина, особено на економски план, поврзани со правата на интелектуалната сопственост и со царинските стапки на одредени поизводи. Што се однесува до политиките околу состојбите во Северна Африка, Блискиот и Средниот Исток, како и Украина , би сакал да има, но не очекувам брзо да дојде некоја поголема промена, без разлика на тоа, кој кандидат ќе победи на изборите. 

Фактор: Што би значаела, што би донела  победата на републиканците во однос на политиките кон Балканот, вклучително и Македонија?

Филипов: Да видиме што се случувало на Балканот во блиското минато, за време на владеење на претседател на САД, кој бил кандидат на Републиканската партија. Не тврдиме дека претседателот имал директно влијание, туку само правиме ретроспектива. Од 1981 до 1989, претседател на САД беше Роналд Реган, а потпретседател Џорџ Буш, постариот. Од 1989 до 1993 претседаваше Џорџ Буш, постариот, а потпретседател беше Дан Којл. За Балканот и за целиот свет периодот од 1981 до1989, а особено од1989 до 1993 беше многу значаен.

Во тогашниот СССР се појави Михаил Горбачов со новата политика на „гласност”, која доведе до распаѓање на СССР, распад на воениот Варшавски пакт, односно распад на т.н., Источен блок. Федеративна Република Југославија се најде во посттитовски период, 1981 се случија масовните демонстрации на Косово, предвесник на тежок период за земјата. Периодот од 1989 до 1993 значеше и распад на Југославија и раѓање на пет нови држави, Словенија, Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина и Сојузна Реублика Југославија. Република Македонија декларираше независност, но САД не ја признава веднаш државата, туку учествува со свои трупи во мисијата УНПРОФОР/УНПРЕДЕП. Владеењето на републикански кандидат продолжува во 2001 година, кога претседател на САД станува Џорџ Буш, помладиот, со потпретседател Дик Чејни. Џорџ Буш Ј. претседава до јануари 2009. Во Македонија избувнува воен кофликт меѓу милитаризирани единици на Албанската ослободителна армија и силите на Владата на Република Македонија. Конфликтот е завршен по тримесечни воени операции, а за натамошниот мир гарантираа САД и Европската унија. 

Неколку земји од поранешниот Варшавски пакт станаа членки на НАТО сојузот и на Европската унија, меѓу нив и една од поранешната СФРЈ, Словенија. Македонија го изгуби претседателот Борис Трајковски во авионска несреќа, заради што беше одложено поднесувањето барање за члнство во Европската унија. На 4ти ноември 2004 претседателот на САД, Џорџ Буш донесе одлука, САД на Република Македонија да ѝ се обраќаат со уставното име. Можноста да стане членка на НАТО беше  прошуштена на Самитот во Букурешт 2008та, со директно грчкото спротивставување на предлогот на Буш три земји да станат нови членки. Станаа само две, Албанија и Хрватска. 

За време на својот мандат претседателот Буш помладиот почна војна со Авганистан и Ирак. Претходно татко му исто така војуваше во Ирак. По неуспешниот влез во НАТО пактот, Македонија доби статус на повластен стратешки партнер со САД и гаранција за нејзината безбедност. Со тоа завршува осум годишната ера на републиканците, Балканот не гледам дека доби нешто посебно освен нови членки на НАТО, Бугарија, Романија, Словенија, Албанија и Хрватска. Членството на Словенија, Бугарија и Романија во ЕУ делумно исто така можат да се припишат и на силна американска поддршка. 

Во однос на Македонија, остана пресуден фактор да биде состојбата во меѓусебните односи со Грција. Оттаму, не очекувам некоја специјална директна добивка за Македонија доколку на претседателските избори во САД победи кандидатот на Републиканската партија. Уверен сум дека  добрите политички односи и натаму ќе продолжат.

Фактор: Што би значела победата на демократите во однос на политиките кон Македонија?

Филипов: На прашањево ќе ви одговорам со примена на истиот пристап, како во одговорот на претходното прашање. Во јануари 1993, во Белата куќа во Вашингтон се вселува претседателот Бил Клинтон. Потпретседател е Ал Гор. Истата година во декември, СAД отвора во Скопје , Канцеларија за врски, за еден месец подоцна, на 8. февруари 1994 да ја признаат Македонија. 

Дипломатски односи се воспоставуваат на 13 септември 1995. Првата амбасада на Република Македонија во СAД се отвора на 25 септември 1995., а првиот конзулат на 15 февруари 1996. Првиот амбасадор на САД во Македонија, Кристофер Хил, пристигна во земјата во јули 1996. За Балканот Клинтон ќе остане забележан како претседател кој нареди воена интервенција на САД во Босна и Херцеговина во 1995 и во Сојузна Република Југославија (Србија и Црна Гора) во 1999. Од друга страна ќе остане во сеќавање и издејствувањето на Дејтонскиот договор, со кој завршија војните во Југославија. Македонија ќе ја памети бегласката криза, 1999, кога на своја терторија прими повеќе од 300 илјади бегалци. Претседателот Барак Обама победи на изборите во 2008 и почна да претседателствува во јануари 2009, што трае до денес. 

За САД направи доста реформи на внатрешно-политички, социјален и економски план, но надворешната политика на САД не се промени драстично, иако се очекуваше дување на помирни ветрови во светот, кога на чело на најсилната држава стои еден носител на Нобеловата награда за мир. Тој така и почна, ја заврши војната со Ирак, го зголеми присуството на САД во Авганистан, како гаранција за мир, постигна договор со Руската Федерација за намалување на вооружувањето, но и нареди вклучување на САД во војната во Либија, како и интервенции во војната против Исламската држава во Ирак. Овозможи склучување договор со Иран околу неговата нуклеарна програма и ги релаксира односите со Куба. Беше првиот претседател што ја посети Хирошима, градот чии жители први во светот почувствуваа што значи дејство на нуклеарна бомба. 

За време на неговиот мандат се помери од место само Хрватска, која стана членка на ЕУ, додека Балканот, како да не беше тема од посебен интерес на САД, ако се изземе интересот за балканската бегалска рута низ Македонија. Оттаму, не очекувам некоја специјална директна добивка за Македонија доколку на претседателските избори во САД победи кандидатот на Демократската партија. Уверен сум дека  добрите политички односи и натаму ќе продолжат. Само со една додавка, ако дозволите. 

Додека бев амбасадор во Виена, имав прилика да поразговарам кусо со претседателот Клинтон. Покрај општиот вовед, за тоа дека одамна сме во „чекалната” и дека од нас се бараат премногу отстапки, реченици што ги кажува секој амбасадор на Република Македонија, додадов дека би се радувал доколку САД го имаат предвид нашиот исклучителен ангажман околу бегалците од соседно Косово за време на НАТО интервенцијата во 1999, на што тој реагираше со мислење дека Македонија, сепак, ќе стане членка на НАТО и на ЕУ, се трага по модусот. Земајќи предвид дека нашиот придонес  ѝ е познат и на кандидатот за претседател, Хилари Клинтон, која, исто така, и самата ја посети нашата земја,  сметам, за неа нема да бидеме новина и дека тој факт може да влијае позитивно на интересот на САД за Македонија.

Фактор: Според ваши оценки и очекувања – кој ќе седне во Белата куќа? 

Ѓорѓи Филипов: Најновите резултати од анкетите на разноразни агенции и институти за испитување на јавното мнение говорат за речиси изедначеност на гласовите кај двата кандидата, со мала предност на Клинтон, којашто може да се стопи во зависност од извештајот на Федералното истражно биро (ФБИ) во врска со „истечените” пораки од нејзината мејл адреса. Дури и да не се соопшти ништо фрапантно, победата на било кој од кандидатите ќе биде тесна. 

Јас немам посебни очекувања, само сакам и натаму да развиваме добри и пријтелски односи со САД, наш стратегиски партнер, најголема економска и политичка сила на светот, земја во која имаме голема дијаспора  и од која очекуваме зголемена поддршка во евроатланските интегративни процеси.  Кој и да седне во Белата куќа, го очекува жешко столче, голема одговорност и огромна работа, а ние можеме само да му посакаме успех во неа.

Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ КАКО СЕ ЧУВСТВУВАЛ ТОШКОВСКИ КОГА ГО ВИДЕЛ МИЈАЛКОВ ВО МОНТЕ КАРЛО: „Не се чувствував поинаку од другите македонски граѓани“

ЕВЕ КАКО СЕ ЧУВСТВУВАЛ ТОШКОВСКИ КОГА ГО ВИДЕЛ МИЈАЛКОВ ВО МОНТЕ КАРЛО: „Не се чувствував поинаку од другите македонски граѓани“

ШТЕКЛИ ЗАД РЕШЕТКИ, ПОЛНИ РАЦЕ РАБОТА ЗА ОЈО: Уапсени се повеќе лица што продавале дрога

ШТЕКЛИ ЗАД РЕШЕТКИ, ПОЛНИ РАЦЕ РАБОТА ЗА ОЈО: Уапсени се повеќе лица што продавале дрога

СДСМ ДЕНЕС Е ПАРТИЈА СО НОВА ЕНЕРГИЈА И ВИЗИЈА: Филипче вели, мисијата е да бидат партија блиска до народот

СДСМ ДЕНЕС Е ПАРТИЈА СО НОВА ЕНЕРГИЈА И ВИЗИЈА: Филипче вели, мисијата е да бидат партија блиска до народот

НЕ ДОЧЕКА ДА СИ ГО ВИДИ ДЕТЕТО: Таткото на починатиот Алекс вели дека на момчето му се влошила состојбата по примената инфузија

НЕ ДОЧЕКА ДА СИ ГО ВИДИ ДЕТЕТО: Таткото на починатиот Алекс вели дека на момчето му се влошила состојбата по примената инфузија

ШТЕКЛИ И ПАДНА ВО РАЦЕ НА ПОЛИЦИЈАТА: Пробал да бега, уапсен е во Гевгелија

ШТЕКЛИ И ПАДНА ВО РАЦЕ НА ПОЛИЦИЈАТА: Пробал да бега, уапсен е во Гевгелија

ЛАЗАРОВ СИ ЈА ОТВОРИ ДУШАТА - ПСИХИЧКИ ПАДНАВ МНОГУ: Еве што кажа во поткастот „Кажи шифра“

ЛАЗАРОВ СИ ЈА ОТВОРИ ДУШАТА - ПСИХИЧКИ ПАДНАВ МНОГУ: Еве што кажа во поткастот „Кажи шифра“

ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИК „ПАДНА“ СО 50 ЕВРА ПОТКУП: Пронајдени пари и документација

ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИК „ПАДНА“ СО 50 ЕВРА ПОТКУП: Пронајдени пари и документација

НИ ДОАЃААТ НАТПРОСЕЧНО ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ: Температурите ќе бидат повисоки за 3 до 6 степени, еве ја прогнозата на Попоски

НИ ДОАЃААТ НАТПРОСЕЧНО ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ: Температурите ќе бидат повисоки за 3 до 6 степени, еве ја прогнозата на Попоски

ЕВЕ ГИ ЖЕЛБИТЕ НА СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ЗА МАКЕДОНИЈА: Досадна европска, правна држава со демократски политички систем

ЕВЕ ГИ ЖЕЛБИТЕ НА СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ЗА МАКЕДОНИЈА: Досадна европска, правна држава со демократски политички систем