Добивај вести на Viber
Само два дена откако Русија воведе ембарго за увозот на прехранбени производи од САД, земјите-членки на ЕУ, Норвешка, Канада и Австралија, полиците на маркетите во руските градови веќе се празнат. Граѓаните наскоро ќе мора да се потпрат на производи од други земји затоа што нема да можат да го купуваат она на што навикнале.
Русија веќе ги испитува алтернативите за пополнување на „дупката“ во трговскиот увоз. Минатата година оваа земја увезла храна во вредност од 43 милијарди долари, што е третина од годишната потрошувачка. Недостигот особено се очекува да се почувствува за американското пилешко месо, францускотго сирење, норвешките морски плодови, канадското свинско месо и австралиското јунешко.
Како природни партнери кои можат да помогнат за надоместување на дел од увозот веќе се гледаат Белорусија и Казахстан, но поголеми договори се подготвуваат и за увозот на овошје од Турција и живина од Бразил. Бразилските фармери се надеваат во претстојниот период четири пати да го зголемат својот извоз во Русија.
Освен ова, се очекува руските санитарни инспекции да започнат со забрзано издавање дозволи за увоз на морски плодови од Чиле, додека најголем партнер за надоместување на увозот на јунешко месо треба да биде Аргентина. Сепак, за ова, мора да се договори релаксација на извозните рестрикции што ги имаат воведено аргентинските власти.
Санкциите кои Русија ги воведе за увозот на земјоделски производи од Европската унија, неизбежно ќе се одразат на европската економија, призна вчера еврокомесарот за трговија Карел де Гухт.
Тој очекува „горчливиот“ потег на руските власти сепак полесно да биде надминат со помош на Европскиот фонд за солидарност. Тој појасни дека ЕУ има посебен фонд за поддршка на земјоделците доколку тие не можат своите производи да ги продадат од политички причини. Станува збор за околу 400 милиони евра, кои Унијата ги држи во резерва за вакви ситуации, но за кои е неизвесно колку ќе можат да ги покријат загубите на европските земјоделци кои мора да бараат нови пазари.
Сепак, еврокомесарот не очекува Русија да може да ги одржи санкциите, бидејќи и 20 години по распадот на Советскиот сојуз Москва не може да ги задоволи потребите за храна од сопствено производство и е зависна од увоз.