Што очекува Иванов од новиот претседател на Бугарија во односите на двете земји?
Објавено во: Македонија 14 Ноември, 2016
Претседателот Ѓорге Иванов испрати добри желби за Румен Радев по повод неговиот избор за нов претседател на Република Бугарија, соопштија од кабинетот на македонскиот претседател.
„Дозволете ми од мое име и од името на граѓаните на Република Македонија да ви испратам искрени честитки за победата на претседателските избори. Ви посакувам многу успех во извршувањето на одговорната функција. Република Македонија и Република Бугарија делат многу нешта од минатото, но уште поважно е дека имаме иста визија за сегашноста и иднината, како и исти предизвици“, се вели во честитката.
„Стабилноста, безбедноста, економската благосостојба на нашите држави и на регионот е визијата која ја делиме“, посочува уште Иванов.
Иванов истакна дека оваа визија ќе стане реалност, само преку искрена посветеност во градењето на добрососедски односи, максимална соработка во билатерален и регионален план, забрзана интеграција на целиот регион во евроатлантските структури. Овој пристап ќе ни овозможи да се справуваме со предизвиците. Република Бугарија има важна улога во овој план. Сакам да ве уверам дека сум целосно подготвен да работам со Вас за реализација на таа визија.
Верувам дека можеме со заеднички ангажман да дадеме личен придонес и очекувам и се надевам на тесна соработка и искрен дијалог. Во очекување на скорешната ни средба, примете најдлабока почит“, пишува во поздравната честитка на македонскиот претседател до новоизбраниот претседател Румен Радев.