23 Ноември, 2024
0.0265

Што после Макроновото „не“?

Објавено во: Колумни 22 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Неколку дена по одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон да стави вето за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија, време е да почнеме да размислуваме што и како понатаму. Во тој поглед, единствено нешто што сега со сигурност го знаеме е дека Европската унија ќе се наврати на проширувањето пред Самитот во Загреб во мај следната година.

Без разлика дали дотогаш европските лидери ќе успеат да го разубедат својот француски колега дека процесот на проширување на ЕУ не треба да биде заложник на арогантното однесување на една земја-членка, туку да се базира исклучиво на критериумите и напредокот во реформите на самите кандидати, ние сме сега на потег. Во периодот што следи, македонската дипломатија треба мудро да изигра како би извлекле максимална добивка од овој навидум несакан сплет на околности.

За тоа да се изведе успешно во пракса и да го повлечеме најоптималниот можен потег, потребна е надпартиска мобилизација на сите расположливи сили во земјава што се прозападно настроени. Преку различни дебати и дискусии да се информира пошироката македонска јавност дека нашата држава останува на европскиот курс, меѓу другото поради тоа што ЕУ и НАТО се единствената надворешно-политичка опција што ни гарантира безбедност и повисок степен на благосостојба за нашите граѓани. Белким нема една негативна одлука на Европскиот совет да не поколеба во однос на нашата желба да се интегрираме со земјите од Западот?

Следно, со цел да ги намалиме шансите за повторување на вакви несакани сценарија во иднина, македонската надворешна политика ќе треба да претрпи одредено ниво на репозиционирање на економски план. Мој предлог е Македонија, паралелно со европскиот курс кој би останал непроменет, да започне иницијатива за значително продлабочување на своите економско-трговски односи со земји надвор од ЕУ. 

Конкретно, ние треба да работиме на зголемување на бројот на земји со кои имаме договори за слободна трговија, економска соработка, одбегнување на двојно оданочување и потикнување и заштита на инвестиции. Знаејќи дека нашата држава нема да стане член на ЕУ во блиска иднина, Македонија е во можност да гради независна надворешна политика особено на економски план без притоа да ги наруши своите преговарачки позиции визави европските институции во Брисел.

Со други зборови, да се изразам со спортски жаргон, ние треба да „рашириме игра“, чекор што неизбежно ќе доведе до зголемување на обемот на нашата надворешно-трговска размена а воедно за очекување е да порасне и приливот на странски директни инвестиции во нашата економија.

За пример земете ја соседна Србија која на 25 октомври потпишува договор за слободна трговија со Евроазиската економска унија (ЕЕУ), економски блок кој го сочинуваат пет земји меѓу кои е и Русија со вкупно 183 милиони жители. Да нема забуна, ова не значи дека нашиот северен сосед се придружува на блокот предводен од Москва, туку само потпишува договор за отстранување на царините помеѓу Србија и земјите на ЕЕУ. Економските придобивки што Србија ќе ги добие не се нималку за занемарување, бидејќи нејзините производи преку ноќ ќе станат поефтини и воедно повеќе барани на евроазискиот пазар како резултат на укинувањето на царините. И да не заборавиме, паралелно на ова Србија непречено ги продолжува преговорите за пристапување во Европската унија. 

Дури една микро-држава како Сингапур, кој важи за еден од најголемите западни партнери во Азија-Пацификот се одлучи на ваков чекор и пред извесно време склучи трговски договор со Евроазиската економска унија, уште еднаш покажувајќи дека не е нужно политичките партнери да се секогаш и единствени економски партнери на одредена земја.

Издејствувањето на договори за преференцијална трговија би ја подобрила преговарачката позиција на Македонија на меѓународна сцена и би го осигурала потребниот притисок врз западните лидери како Макрон кои со сомнеж гледаат кон нас и можноста нашата држава да отпочне соработка, макар таа била исклучиво економска, со земји надвор од Европската унија. Ваков развој на настани и тоа како ни е потребен во овие моменти на разочараност за на крајот да излеземе како големи победници од сево ова.

Во секој случај, за да се изведе еден ваков сериозен зафат главните политички чинители во Македонија ќе треба да се воздржат од понатамошно партизирање на нашата скромна дипломатија и да се ангажираат способни луѓе кои со своето знаење и искуство ќе помогнат во остварување на зацртаните цели. Еве за пример ќе ја земам ново именуваната советничка за меѓународни односи Иванна Хаџиевска, чиј шарм е неспорен, но за жал тоа е далеку од доволно за спроведување на успешна дипломатијата како што и доликува на една модерна европска земја. Се дотогаш ќе ни се случуваат дипломатски гафови од типот на истакнување на летонско знаме за време на посета на австриски канцелар или пак истакнување на црногорско знаме свртено наопаку со круната кон подот. 

Чекорите за дејствување се идентификувани, останатото е прашање на политичка волја.

Пишува: Филип Ивановски

Авторот е магистер по дипломатија при Универзитетот во Торонто. Дипломиран политиколог за меѓународни односи при Универзитетот во Британска Колумбија.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.