26 Април, 2024
0.0310

Што сака Русија во Украина, а Западот не дава

Објавено во: Колумни 30 Мај, 2022

Добивај вести на Viber

Минатата недела на страниците на „Фактор“ пишував за болните решенија за крај на војната во Украина. Повод беше редакцискиот уводник во „Њујорк тајмс“ под наслов: „Војната во Украина станува посложена, а Америка не е подготвена“.А во него мислење дека Украина ќе мора „да донесе болни територијални одлуки“ за да постигне мир во војната со Руската Федерација. Весникот, посебно, пишува дека Американците сочувствуваат со страдањата на Украина, но додава дека „популарната поддршка за војна подалеку од брегот на Соединетите Држави нема да продолжи бесконечно“, а „инфлацијата е многу посериозен проблем за американските гласачи отколку Украина и нарушувањата на глобалните пазари на храна и енергетските превозници веројатно ќе се зголемат“.

Потоа беа дадени реакции на украински политичари и експерти и други размислувања. Поентата во некои од нив беше дека американските новинари подлегнале на руската пропаганда. Димитриј Кулеба, министерот за надворешни работи, како и Американците и Британците, па и други сојузници на Украина, вели дека мора да се оди до победа во војната со Русија. Победа за него е ослободување на окупираните територии, вклучувајќи ги Крим и Донбас, исплата на репарации, судења на воени злосторници. Потоа зацврстување на место за Украина во европските интеграции. Тој додава дека секоја војна завршува со дипломатија. Украина е подготвена да седне да преговара со Русија за да заврши војната и да си ги врати окупираните територии. Советникот во кабинетот на претседателот Зеленски, Алексеј Арестович, во едно интервју изјави дека  Украина ќе дојде на линијата на фронтот пред 24 февруари. И доколку Русија тогаш не седне да преговара тогаш Украина ќе ги освојува Донбас и Крим со сила. Иако за тоа ќе бидат потребни многу жртви меѓу Украинците. Според него Русија не е свесна дека за месец до два Украина ќе биде на врвот на својата воена подготвеност. Оружјето се добива од Запад. Со мобилизација нема проблеми. Тој го цитира претседателот Зеленски, според кого ќе има преговори со Русија кои треба да бидат праведни за Украина. И дека војната ќе биде крвава, но крајот ќе биде дипломатски.

Накратко, на Украина и треба оружје да се врати на позициите од 24 февруари кога почна руската инвазија. А потоа да има преговори за Крим, за Донбас. А, ако Русија не сака, тогаш тие ќе бидат освоени со помош на воена сила. За да се оствари тоа потребно е ново артилериско оружје. И тоа под итно за да има контраофанзива во наредните месец и половина до два. Западот колку и да помага со тешко оружје, сепак не може да го достигне трошењето на муницијата од страна на Украинците. Но сепак се чини дека Американците ќе подлегнат под притисокот на претседателот на Украина Владимир Зеленски, не дека и сами не сакаат, па ќе и’ испорачаат ново оружје на Украина. Од околината на претседателот на САД, Џо Бајден, веќе излегоа информации дека неговата администрација се согласила да упати во Украина повеќецевни ракетни фрлачи со далечен дострел. Прашање е со каква муниција ќе стрелаат тие фрлачи. А таа може да досигне од 80 до 500 километри. Досега САД, наводно се плашеле да и дадат на Украина вакво оружје. Да не почне да стрела  врз територијата на Русија со што ќе дојде до нова ескалација на борбите. Како и да е, сега одлуката за испорака на тоа оружје е пред претседателот Бајден.

ЗАКАНИ ЗА РУСИЈА

Русија се против на испораките на ново оружје од Запад. Рускиот амбасадор во САД рече дека Русија се надева дека „ќе надвледее здравиот разум“ над можната испорака од Вашингтон ракетно оружје од долг дострел во Украина.  Според него постои ризик таа опрема да биде поставена во близина на руската граница и Украинците ќе можат да ги напаѓаат руските градови. Тој додаде дека Русија сега својот став го темели врз изјавата на портпаролот на Пентагон Џон Кирби дека конечната одлука за тоа прашање се’ уште не е донесена. Антонов соопшти дека Русија по дипломатски канали во повеќе наврати им соопштила на Американците дека „невиденото пумпање на оружје во Украина значително ќе ги зголеми ризиците од ескалација на судирите“. И дека тоа се заканува со „непредвидливи последици врз глобалната безбедност“.

Мојот минатонеделен текст, по обичај, го објавив на „Фејсбук“. Меѓу другите коментари таму имаше еден „А што бара Русија?“.  Што бара Русија пишувано е уште пред нападот врз Украина. И после тоа, многу пати. Но еве најново на тој план. Вчера беше објавено интервју на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, за францускиот ТВ канал TF1. И на конкретното прашање „Што барате денес од Украина?“ тој одговори:„ Го бараме она што веќе беше објавено од претседателот на Русија, Владимир Путин, уште на почетокот на специјалната воена операција, а имено киевскиот режим да престане да ги убива мирните граѓани во Донбас“. Лавров додаде дека „постојат причини кои на Русите не им оставиле друг избор освен заштита на рускиот народ, кој живее во Украина и е државјанин на оваа земја, од неонацистичкото самоволие, да го заштитиме рускиот јазик и култура“.

Замислете дека Белгија го забранила францускиот јазик. Што би направил францускиот претседател Емануел Макрон? Дали би излегол на гласање и би ги повикал неговите гласачи да се помират со тоа? Се сомневам. Поставуваме цели: заштита на луѓето; демилитаризација на Украина (на нејзина територија не треба да има оружје што претставува закана за Русија); враќање на правата на рускиот јазик во согласност со Уставот на Украина (киевскиот режим го прекрши со усвојување антируски закони) и конвенции (чија членка е Украина); денацификација. Нацистичката и неонацистичката теорија и практика длабоко навлегоа во „ткивото“ на секојдневниот живот во Украина и се вградени во законите на таа земја. Ние веќе го привлекувавме вниманието и кон ова. Западните „пријатели“ „креваа раменици“. Сега е јасно дека го сметале дури и корисно. Целта беше да се создадат закани за Русија, да се спречува нашата земја“.

ПОДЕДНАКВА И НЕДЕЛИВА БЕЗБЕДНОСТ

За Лавров, ослободувањето на Доњецката и Луганската област, признати од Русија како независни држави, е безусловен приоритет. Во поглед на другите територии на Украина каде што се води војна својата иднина ќе треба да ја решат жителите од тие региони. „Тие треба сами да определат во каква средина ќе живеат во иднина. Во создадена од претседателот Зеленски(забрана на руско образование, медиуми, култура, користење на рускиот јазик во секојдневието) или во друга . каде што тие ќе бидат во состојба да ги воспитуваат своите деца онака како што тие сакаат, а не Зеленски и неговиот тим“, рече Лавров.

Во поглед на иднината и продолжувањето на дијалогот меѓу Русија и Франција, кој не е прекинат и за време на војната и нивното партнерство, Лавров вели дека Русија не се наметнува никому за дијалог, но одговара на секоја покана за такво нешто. Санкциите за него личат на хистерија, а во некои случаи и на агонија. Вели дека се подготвувани многу одамна и дека нема да бидат симнати, па дури и да заврши војната. Така барем тврделе САД. „Станува збор на за Украина, која се јавува како „монета за поткусурување“, туку за спречување на развојот на Русија. Таа му пречи на Западот да го зацврсти еднополарниот свет, при покорна согласност на Европа. А што ќе добие Европа на геополитички план во таква ситуација? Јас не знам. Политичките аналитичари сега пишуваат дека од аспект на идните перспективи главен губитник во целата таа историја ќе биде Европа“, изјави Лавров. Според него треба да се реализира во практика она што е потпишано од страна на претседателите во рамките на ОБСЕ, дека безбедноста треба да биде подеднаква и неделива и никој не е должен да ја зацврстува својата безбедност за сметка на интересите на други. И за тоа треба да се разговара. Но овој пат, „после сите настани кои ги покажаа вистинските намери на Запад во однос на Русија“ таа ќе разговара од малку подруги позиции и веќе нема да прифаќа ветувања на збор, истакна Лавров.

Ова беа само некои поенти од интервјуто на Лавров, кое за некои набљудувачи личи на повторување на пропагандни ставови. Јасно е дека Русија не се откажува од првобитните цели. Како што стојат сега работите Украина не ќе може да се спротивстави на нивната реализација. Но затоа тука е Западот, Велика Британија, а пред се’ САД.  Американците никако не сакаат да се зборува за некаква воена победа на Русите. Британците пак се за воен пораз на Русија. Што би било победа? Па ако Русија дојде до границата со Романија и Молдавија и се зацврсти во југоисточниот дел на Украина. И им овозможи на тамошните жители сами да си ја решаваат судбината. Како што напомена Лавров. Оние кои не се за победа на Русите веројатно очекуваат Украина да дојде до состојбата од 24 февруари. А оние кои се за пораз на Русите очекуваат Украина со војна да си ги врати и Крим и Донбас.

НУКЛЕАРЕН КОНФЛИКТ

Што ќе се случи, ако Бајден сепак одлучи да испорача повеќецевни ракетни фрлачи на Украина? И ако оваа почне напади врз руска територија. Тогаш навистина ќе почне нова ескалација. Впрочем вчера, рускиот амбасадор во Британија, Андреј Келин рече дека не верува дека Русија ќе употреби тактичко нуклеарно оружје во војната против Украина. Русија има многу строги одредби за нивна употреба, вели тој, додавајќи дека се користат „главно кога е во опасност постоењето на државата“. Дали нападот врз Русија може да биде протолкуван како „опасност за постоењето на државата“? И каков ќе биде рускиот одговор? Тактичко нуклеарно оружје? А тоа значи и опасност од нова војна. Овој пат нуклеарна. Тоа е она од што најмногу се плашат Американците. И Русите.

Поранешниот командант на Воено-десантните сили на Русија, генерал-полковникот, Георги Шпак, изјави дека САД и забраниле на Полска да испрати војници во Украина, стравувајќи од директна конфронтација меѓу НАТО и Русија. „Полска е дел од НАТО, а еден истрел од НАТО кон Русија е почеток на Третата светска војна. Сите го разбираат ова и мислам дека Варшава доби многу јасна команда од Вашингтон: да не презема иницијатива. Америка не сака да умре поради Украина или поради Полска“, вели Шпак. Тој додаде дека во случај на трета светска војна, човештвото ќе се соочи со нуклеарен конфликт, како резултат на кој „нема да има победници“.

За нуклеарна војна, по повод 101 годишнината од раѓањето на рускиот атомски научник и слободоумен човек Андреј Сахаров,  текст напиша и правнуката на Никита Хрушчов, некогашниот генерален секретар на КП СССР, Нина Хрушчова, која живее и работи во САД.  Таа пишува дека: „воздржувањето од нуклеарна војна не е исто што и обезбедување мир. Наместо тоа, како што Сахаров, кој помогна во изградбата на советската термонуклеарна бомба, премногу добро знаеше, тоа значеше избегнување на уништување. Како што напиша во 1968 година, „термонуклеарната војна не може да се смета за продолжување на политиката со други средства (според формулата Клаузевиц). Тоа би било средство за универзално самоубиство“.

СЕОПШТО САМОУБИСТВО

За својот прадедо Хрушчова нагласува дека тој се согласил со Сахаров дека нуклеарната војна ќе доведе до целосно уништување и никогаш не сонувал да започне. Но, тој исто така верувал дека нуклеарниот паритет и балансирањето на работ на војна, како што се покажа за време на кубанската ракетна криза во 1962 година, се политички неопходни. Во своите мемоари, тој тврдел дека додека Западот развива нуклеарно оружје, сосема логично е и Советите да го направат истото. Хрушчова во текстот потсетува на неодамнешното предупредување на Лавров дека ризиците од нуклеарна војна се „многу значајни“. Ваквите уверувања за Хрушчова „се повеќе вознемирувачки отколку утешни“.

Таа додава дека ризиците се влошени од  разгорениот дискурс што се разви и во западните и руските медиуми, надуен од политичари и јавни личности од сите страни. Па го споменува Владимир Зеленски кој изјави дека целиот свет треба да се подготви за можно распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Украина. Исто и американските функционери кои ги повторија предупредувањата, истакнувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин можеби смета дека е неопходно да преземе чекор доколку почувствува дека му снемало опции. „Но, таквите предупредувања можат да станат самоисполнувачки пророштва. Дури и секретарот за печат на Белата куќа неодамна ја истакна потребата да се намали тонот на нуклеарната реторика“ напиша Хрушчова. Таа заклучува: „Заборавањето на наследството на Сахаров е уште еден чекор наназад. Би сакала да се надевам дека ова нема да биде чекор кон сеопшто самоубиство“.

Ако се остават САД и Британија на страна остануваат европските земји. Најважните Италија, Франција и Германија во последно време излегуваат со разни иницијативи. Од мир врз основа на територијални отстапки, Италија, до мир  и сериозни и директни преговори. Макрон и канцеларот Шолц кој деновиве разговараа со Путин.Кремљ соопшти дека тој им рекол на соговорниците дека испораката на оружје за Украина е опасна, предупредувајќи „на ризиците од дополнително дестабилизирање на ситуацијата и влошување на хуманитарната криза". Овие пак го повикаа рускиот лидер на „сериозни и директни преговори" со украинскиот претседател Владимир Зеленски и побараа ослободување на 2.500 заробени украински борци од Азовстал во Мариупол. Целта на разговорите одржани на барање на Макрон и Шолц била да се влијае на тоа војната во Украина да се заврши.

За денес е најавен телефонски разговор меѓу турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин. Се очекува Ердоган да разговара и со Зеленски. Тема? Мирот во Украина и евентуалниот дијалог кој беше прекинат од страна на Украинците, а беше подготвен и спроведен од Турција. Украинците тогаш, во март, веројатно под сугестија на своите западни партнери се откажа од натамошниот дијалог со посредување на Турција. Во светот сега се повеќе се зборува за неопходноста од разговори. И политичари и медиуми го тврдат тоа.

Што ако не дојде до преговори? Ништо. Ќе продолжи да зборува оружјето. Американците велеа дека ние сме на линијата на огнот или нешто слично. Никој не знае како ќе се развиваат работите. Веројатно знаат разузнавачите од НАТО. Но сепак, би му препорачал на Стојанче Ангелов, ако е тој задолжен за тоа, да почне да ги проверува скривниците и бункерите за криење на цивилно население. Пријатели од Германија ми велат дека таму на големо се работи на тој план. Не е лошо да се направи една инспекција. Да ги исчисти, да ги оспособи за евентуално криење на население во нив. Па и да нема војна на нашиве простори. Како беше во социјализмот – „Ништо не смее да не изненади“. А од Турција очекувам оптимистички вести. Разговорите меѓу Украина и Русија да продолжат. За да има Ангелов време да ги санира скривниците, за да се најдат - „злу не требало“.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД