28 Декември, 2024
0.0443

ШТО САКАШЕ ДА НИ КАЖЕ ММФ - предизборните ветувања посилни од нивните совети

Објавено во: Економија 19 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Владата треба да го почитува мислењето на Меѓународниот монетарен фонд, но не треба слепо да ги слуша нивните совети, смета дел од бизнис секторот. Експертите се со став дека ММФ всушност ги испорачал истите забелешки на кои и тие претходно укажувале. Од Владата, пак, не гледаат простор за загриженост. 

Ова следува откако монетарците, иако спакувани во фин дипломатски целофан, исфрлија серија критики до овдешните власти – за замрзнувањето на прогресивниот данок, за планираниот пораст на платите во администрацијата и на пензиите, како и за зголемувањето на минималната плата, со оценка дека тоа ќе ги поткопа придобивките што досега беа направени во фискалните политики.

Горан Рафајловски, бизнисмен, за Фактор вели дека и покрај забелешките од Фондот, одложувањето на прогресивното оданочување - е добра мерка.

„И на Владата, а и на компаниите, треба да им се остави на располагање подолг временски период и повеќе простор за сериозна анализа на прогресивното оданочувaње. Тој период треба да се искористи за да се размисли и за висината на даночните стапки. Затоа, според мене, одложувањето од три години е повеќе од добар потег“, смета Рафајловски.

Според него, точно е дека зголемувањето на минималната плата е проблем и оптоварување за стопанствениците, но ќе мора да се најде начин таа и натаму да расте, за да ја намали сиромаштијата. А тоа нема да се исполни за само една година, туку е повеќегодишен процес. И платите во администрацијата, како и пензиите треба да одат нагоре, бидејќи тоа носи зголемување на јавната потрошувачка. 

„Но, посериозен проблем е што поголемиот дел од буџетот е сведен на плати, пензии и социјала, а помалку е застапен развојниот дел. Затоа се надевам дека ќе има храбра власт, која ќе оди со многу поголем буџетски дефицит од сегашниот, што би довело и до поголемо задолжување, но да има и значајна сума за развојниот дел. Според мене, не би било проблем буџетот да тежи и пет милијарди евра, но дури 2,5 милијарди евра да се потрошат за развој“, смета Рафајловски.

ММФ е банкар, и тие секогаш критички се однесуваат ако трошите пари, укажува овој бизнисмен. Но, државата треба да биде мудра и да знае како паметно да ги потроши позајмените средства.

„Владата треба да го почитува мислењето на ММФ, но не треба слепо да го прифати. Државата треба да влече храбри потези, и ако тие се вистинските и доведат до развој на земјата, и ММФ и Светска банка тоа ќе го пофалат. Но, многу е битно голем дел од буџетот да оди на развој, односно на капитални инвестиции, кои ќе ја зајакнат економијата“, потенцира Рафајловски.

Од Finance Think, пак, велат дека и ММФ, исто како и тие,укажува на штетите кои можат да настанат доколку зголемувањето на минималната плата не биде проследено со раст на продуктивноста. Институтот веќе предупредил дека рапиден раст на минималната плата може да доведе до непосакувани интервенции кај прекувремената работа, работата за празници, викенди и ноќна смена, како и да влијае врз зголемување на деформализацијата на работните места.

„За пензиите Фондот укажува дека нивното зголемување поголемо од законски-нормираното усогласување со инфлацијата ќе предизвикива нагорен притисок врз трошењето, што повторно ќе ја наруши стабилноста на пензискиот фонд и, во крајна линија, ќе предизвика пораст на вкупниот буџетски дефицит“, велат од Finance Think.

Власта ќе ги анализира заклучоците на ММФ, но не се загрижени. Околу коментарите на Фондот дека замрзнувањето на прогресивниот данок може да ги поткопа фискалните напори, министерката за финансии Нина Ангеловска, вели дека и во самиот извештај е наведено оти тоа може да го забави растот на приходите, што не значи и дека нема да има раст.

„Да го забави растот нема да значи дека нема да има раст, бидејќи ние проектираме дека ќе продолжи растот на страната на прибирање на приходи од персонален данок. Тоа од една страна се должи на природниот ефект од растот на економијата, односно ќе се намалува невработеноста, а од друга страна на растот на платите“, вели првата финансиерка.

За ММФ, од суштинско значење е државата да остане на патот на реформите, со цел да се зајакне отпорноста на економијата на шокови, и трајно да се зголеми нивото на приходите.

Фондовците очекуваат македонската економија идната година да порасне за 3,4 отсто, што е попесимистички став од владините прогнози од 3,8 проценти, на кои се темели предлог буџетот.

Со оглед на фактот што земјава нема аранжман со ММФ, власта нема обврска да ги прифати нивните критики и сугестии, туку тие за неа се само консултативни.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПОСКАПУВААТ И НОВОГОДИШНИТЕ АРАНЖМАНИ - инфлацијата удри врз туристичкоугостителскиот сектор, што може да очекуваме?

ПОСКАПУВААТ И НОВОГОДИШНИТЕ АРАНЖМАНИ - инфлацијата удри врз туристичкоугостителскиот сектор, што може да очекуваме?

ШТО ТРЕБА ДА СЕ СЛУЧИ ЗА РИМАЦ ДА ЈА ПРОДАДЕ КОМПАНИЈАТА? „Порше“ го преземе мнозинскиот удел, што се крие зад овој потег?

ШТО ТРЕБА ДА СЕ СЛУЧИ ЗА РИМАЦ ДА ЈА ПРОДАДЕ КОМПАНИЈАТА? „Порше“ го преземе мнозинскиот удел, што се крие зад овој потег?

ТРАМП ПОД СИЛЕН ПРИТИСОК - му се закачија моќниците, сакаат безмилосно да удира, нема прошка за ова?!

ТРАМП ПОД СИЛЕН ПРИТИСОК - му се закачија моќниците, сакаат безмилосно да удира, нема прошка за ова?!

ПРОМЕНИ ВО БЕЛГИЈА: Во пензија ќе се оди со 66 години

ПРОМЕНИ ВО БЕЛГИЈА: Во пензија ќе се оди со 66 години

ИМААТ 54.000 НЕВРАБОТЕНИ: Се зголемила невработеноста во Словенија

ИМААТ 54.000 НЕВРАБОТЕНИ: Се зголемила невработеноста во Словенија

Седница на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија

Седница на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија

„ГОЛЕМИТЕ“ СО „ГОЛЕМИТЕ“ - во следните три години „Макпетрол“ ќе набавува нафтени деривати од ОКТА

„ГОЛЕМИТЕ“ СО „ГОЛЕМИТЕ“ - во следните три години „Макпетрол“ ќе набавува нафтени деривати од ОКТА

СРБИТЕ ЗАРАБОТУВААТ 157 ЕВРА ПОВЕЌЕ ОД НАС: Македонија на дното со платите

СРБИТЕ ЗАРАБОТУВААТ 157 ЕВРА ПОВЕЌЕ ОД НАС: Македонија на дното со платите

РИСТЕСКИ СЕ ЗАКАНИ: Ќе има мерки, ако маркетите не ги додадат сите производи од новогодишната кошница

РИСТЕСКИ СЕ ЗАКАНИ: Ќе има мерки, ако маркетите не ги додадат сите производи од новогодишната кошница