Добивај вести на Viber
Хотели, казина, спортски центри, викенд населба, но и сопствено пристаниште ќе никнат на брегот на Охридското езеро како дел од новата индиска инвестиција на компанијата „Сахара Индија Паривар“, инаку сопственост на милијардерот Субрата Рој. Проектот се вика „Сахарајан Македонија“.
„Ни претставува голема привилегија што по неколкумесечни подготовки ја составивме визијата на нашиот претседател Субрата Рој за локација од светска класа во градот Охрид и ќе ја претставиме на премиерот на Република Македонија и министрите од неговата Влада“, изјавија од индиската компанија.
Комплексот ќе се простира на површина од 240 хектари, а локацијата иако Владата сеуште официјално ја нема потврдено, сосема извесно станува дека се работи за заливот во автокампот Љубаниште, место за кое голем интерес покажа Индиецот за време на неговата посета на Охрид пред само неколку месеци.
Проектот за комплексот на Охридското езеро го има изработено реномираната британска компанија „Аткинс“, а како што стои во соопштението на „Сахара Индија Паривар“, за него е изработена и целосна еколошка студија.
Туристичкото место Љубаништа важи за една од најубавите места на охридското крајбрежје, со атрактивна плажа во должина од 1.500 метри, но и автокамп кој се простира на 10 хектари и има 100 камп-приколки во кои можат да се сместат 400 туристи и над 2.000 кампери. Во непосредна близина е граничниот премин со Албанија од каде, покрај албанските, се очекуваат да доаѓаат и туристи од Грција.
Проектот „Сахарајан Македонија“ се претпоставува дека ќе чини околу неколку десетици милиони евра. Индискиот милијардер Субрата во месец август отвори своја фирма во Македонија која се вика „Сахара Глобал Цом“ и е основана со капитал од 5 илјади евра, а со неа покрај милијардерот ќе ја управуваат и неговиот најмлад син Семанто Рој.
Според најавите, во среда и четврток Рој со претставници на Владата, ќе престојува во Охрид и Скопје каде ќе разговара за деталите за туристичкиот комплекс во Љубаниште, намерата за изградба на објектот посветен на Мајка Тереза на скопскиот плоштад, како и за други можни инвестиции, при што се споменуваше и ски центарот Галичица. Компанијата Сахара меѓу другото е заинтересирана и за земјоделството и достави предлог проект за комбинатот Џумајлија. Ова ќе биде трета посета на челникот на Сахара груп на Македонија.