09 Ноември, 2024
0.0280

ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ОВОШКИТЕ: Некои од нив процутеа и во есен

Објавено во: Агробизнис 20 Ноември, 2023

Добивај вести на Viber

Поради високите температури невообичаени за овој период од годината, дел од овошните дрвца во земјава процутеа.

Сопствениците на овие овошни дрвца објавија фотографии на социјалните мрежи. За многумина е необично тоа што дрвцата цутат по вторпат годинава. Агрометеорологот од УХМР, Ангелко Ангелески вели дека и претходните години ова се случувало и тоа најчесто кај овошките во јужните делови на Македонија. Додава дека коскестите oвошја се зафатени со оваа појава. Ги спомена бадемот и сливата како дрвца кои оваа есенска сезона расцутa.

„Тоа се случува со овошните дрвца кои се на јужната или источната експозиција. Имаме високи температури за овој период од годината, но тоа се пропаднати цветови. Тоа не е масовно, а се случувало и претходните години. Тие цветови ќе пропаднат, но дрвцата ќе имаат род идната година“, рече Ангелески.

Инаку, жителите на јужните делови на Македонија секоја година се сведоци на расцутени дрвца во есен.

„Цутат сливата, бадемот и потоа тие цветови или пупки ќе измрзнат, од нив секако нема род. Тоа го има секоја година. Член на моето семејство има овоштарник и затоа знам. Во овој крај највеќе успеваат бадемите, јапонските јаболка, црешите, вишните“, рече Рушка Газетиќ од Дојран.

Mладен Петров од Демир Капија кој поседува овошни насади вели дека оваа сезона по вторпат кај него цутела крушата.

Во дворот крушата ми расцуте. Ова досега не ми се случило. Исто и роднина од Демир Капија ми кажа дека и кај него крушата цутела. Имам и бадеми, но за нив не се сеќавам, мислам дека еднаш се случи да цветаат во есен“, рече Петров.

Oвоштарите во Ресен и Преспа велат дека имало случаеви кога дел од дрвцата расцутувале во есен поради високите температури.

„Тоа се случуваше во минатото, но не паметам точно која година беше“, вели Фросина Георгиевска, овоштар од Преспа.

Сепак, есенското цутење на овошките се разликува од полетниот цут кој дава раскошен изглед на дрвцата и носи род. И ланската година есента беше топла.  Во наредните денови времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури.

Сања Атанасовска

foto freepik.com