16 Јануари, 2025
0.0475

Војна за превласт врз шините меѓу ВМРО и ДУИ!?

Објавено во: Економија 15 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

Железничките компании куртулија, сметките се деблокирани,  возовите нема да запрат, железничарите нема да останат без плата. Ова е епилогот, по средбата на ресорниот министер Миле Јанакиески со железничките власти и синдикалците, поради проблемот што настана откако Агенцијата за регулирање на железничкиот сообраќај ги блокираше сметките на двете железнички компании а вработените се заканија дека ќе ги запрат возовите. Сепак и покрај ваквата разврска, вчера на македонските пруги повторно пламна  кратка војна меѓу коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

  Проблемот настана кога Агенцијата за регулирање на железничкиот сообраќај ги блокираше сметките на двете железнички компании, бидејќи вкупно и должеле околу 120 илјади евра. Овој долг,  Агенцијата тврди дека компаниите го направиле поради задоцнети плаќања на што им се пресметувале камати.

Но, ситуацијата дополнително се искомплицира откако директорот на МЖ-Транспорт, Оливер Дерковски се договори неговиот долг од околу 80 илјади евра да го плати на рати. „Станува збор за камати, но, и основен долг што го имаме направено минатата година, се договоривме и сега проблемот е надминат, иако и нивната реакција, реакцијата на Агенцијата беше избрзана “, изјави за Фактор, директорот на МЖ-Транспорт, Оливер Дерковски.

За разлика од него пак, директорот на МЖ-Инфраструктура,  Ирфан Асани тврдеше дека не го признава долгот од околу 32 илјади евра .  “Се зборува за долг што во суштина не постои. За жал, директорот на Агенцијата за регулирање на железничкиот систем, покрена иницијатива и бара присилна исплата на камати за 2010 и 2011 година за задоцнето плаќање“,  изјави Ирфан Асани , директор на МЖ-Инфраструктура.

Револтирани дека може да останат без своите плати, вработените од МЖ-Инфраструктура се заканија дека ќе ги блокираат возовите. “Бараме под итно да ја деблокираат сметката, бидејки ако сакаат да ја блокираат тогаш ние ќе им помогнеме во тоа. Ќе им помогнеме во блокирањето, ама ние ќе ја блокираме железницата, ќе го блокираме сообраќајот “, изјави  Марјан Ристевски, синдикалец во МЖ –Инфраструктура

Откако веќе стана јасно дека проблемот дополнително ќе ескалира, и можно е сообраќајот да биде запрен , министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески ги повика на итна средба железничките власти, заедно со синдикалците. По едночасовен разговор, единственото што беше соопштено е дека сметките на двете компании ќе бидат деблокирани. Тоа им било кажано и на сидникалците, но, никој не кажува како е постигнат овој договор,  во ситуација кога Агенцијата за железничко регулирање цел ден тврдеше дека постапува согласно законите и зошто тогаш се дозволи железничкиот сектор да се доведе во ваква хаотична состојба.

Тивка војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ?

Овој настан, уште еднаш на површина го исфрли несогласувањето на коалиционите партнери околу стопирањето на процесот на либерализацијата во железничкиот сообраќај.

Имено, веднаш откако Агенцијата за регулирање на железничкиот сообраќај ги блокираше сметките, директорот на МЖ-Транспорт, Оливер Дерковски кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,  се договори да го плати долгот.

За разлика од него, директорот на МЖ-Инфаструктура, Ирфан Асани кој  е од редовите на ДУИ, го оспори долгот посочувајќи дека е измислен. Но, Асани клучно е дека го оспори и легитимитетот на Агенцијата и според него таа не смее да наплаќа, бидејќи е формирана да го регулира сообраќајот, ама само ако има повеќе компании што вршат превоз на македонските пругите. Но, тоа не е случај сега бидејќи ВМРО- ДПМНЕ и покрај противењето на ДУИ ја одложи либерализацијата во железничкиот сообраќај и на пругите нема други превозници освен  МЖ – Транспорт, компанијата во рацете на ВМРО –ДПМНЕ.

Нормално дека инфраструктурните оператори насекаде, не само во Македонија, бараат да има повеќе оператори бидејќи нашето финансирање главно доаѓа  од операторите кои плаќаат за пристап на инфраструктурата. Во таа насока јас барав зголемување на бројот на оператори. Но, и покрај тоа мое залагање, ние  имаме забрана со Законот за железнички систем, со кој се забранува влез на другите оператори се додека земјата не влезе во ЕУ.  И,  тоа нормално ја комплицира работата, а  додека од друга страна, улогата на Агенцијата, во случај кога недостасуваат повеќе оператори  може да се каже дека е неважечка “ посочи Ирфан Асани, директор на МЖ –Инфраструктура.

Минатата година, Владата го смени законот и ја стопираше либерализацијата во железничкиот сообраќај се до влезот на земјата во ЕУ. Со ова, не се согласуваше ДУИ, бидејќи доколку се дозволеше влез на други оператори, тогаш МЖ-Инфраструктура, (со која раководи кадар на ДУИ), од тие компании ќе наплаќаше за користење на пругите. Со тоа ќе имаше дополнителни средства на финансирање, и немаше да биде директно зависна само од парите што за користење на пругите ги добива од МЖ-Транспорт, која пак и самата не е во добра финансиска кондиција.

Но, владејачката ВМРО ДПМНЕ  не дозволи влез на други оператори со аргумент дека доколку тоа се направи на површина ќе излезе неподготвеноста на МЖ-Транспорт, (компанија која е во рацете на ВМРО ДПМНЕ), за справување со конкуренцијата, и многу луѓе ќе останеа без работа.

Агенција за регулирање на железничкиот сообраќај

За сите случувања менаџментот на Агенцијата, се огласи само со краток писмен став во кој посочуваат дека тие работеле согласно законите.

Инаку, според програмата за работа на Агенцијата за 2013 година, таа на располагање има 230 илјади евра, пари што ги добива од двете железнички компании, кои пак имаат законска обврска да префрлаат одреден процент од своите приходи на Агенцијата.

Па според податоците од програмата, годинава само за плати на единствените четворица вработени во Агенцијата ќе се одлеат 73 илјади евра или во просек по 1.500 евра месечно. Дополнително, Агенцијата ќе потроши близу 70 илјади евра за интелектуални услуги, уште 70 илјади евра за канцелариски материјал, околу 20 илјади евра за службени патувања, како и 12 илјади евра за прозорци.

Железничарите се лутат и бидејќи велат дека четворицата вработени во Агенцијата, која се финансира од парите на двете железнички компании, се луксузираат на нивна сметка, во ситуација кога тие едвај опстојуваат. „За нас е недозволиво четири луѓе да блокираат сметка на 1.300 луѓе и да немаме здравствено осигурување и да ги немаме сите тековни работи кои треба да ги имаме“, посочи Методија Димевски, претседател на синдикат на железничарите на Македонија.

Но, за ваквите реакции на вработените во железницата, од Агенцијата денеска одлучија да молчат.

Можеби ќе ве интересира

ГРЦИЈА ДЕФИНИТИВНО ПОСКАПУВА: Поевтин ли е одморот во друга земја од регионот?

ГРЦИЈА ДЕФИНИТИВНО ПОСКАПУВА: Поевтин ли е одморот во друга земја од регионот?

ЕВРОПА ЖИВЕЕ НА КРЕДИТ: Франција никогаш не била позадолжена

ЕВРОПА ЖИВЕЕ НА КРЕДИТ: Франција никогаш не била позадолжена

„НОВА ГОДИНА, НОВИ ПРАВИЛА“: ЕТИАС е поевтин од било која виза

„НОВА ГОДИНА, НОВИ ПРАВИЛА“: ЕТИАС е поевтин од било која виза

„Божиновска доби покана да биде дел од глобалната сцена - Македонија со место на светската маса на престижниот Берлинскиот енергетски форум “

„Божиновска доби покана да биде дел од глобалната сцена - Македонија со место на светската маса на престижниот Берлинскиот енергетски форум “

ИМ ТРЕБААТ ВОЗАЧИ, МЕСАРИ, КЕЛНЕРИ: Кои други профили се барани во Германија?

ИМ ТРЕБААТ ВОЗАЧИ, МЕСАРИ, КЕЛНЕРИ: Кои други профили се барани во Германија?

Инфлацијата повторно покажува заби

Инфлацијата повторно покажува заби

„ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ НАПРАВИВМЕ ПОВЕЌЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ ОТКОЛКУ ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА ЗА 7 ГОДИНИ“: Владата го кани УПОЗ на разговор

„ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ НАПРАВИВМЕ ПОВЕЌЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ ОТКОЛКУ ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА ЗА 7 ГОДИНИ“: Владата го кани УПОЗ на разговор

„АЛЕКСАНДАР, ДЕЛУВА НАВИСТИНА ИМПОЗАНТНО ОВА ШТО БЕШЕ НАПРАВЕНО“: Николоски беше пофален од Мицкоски за експресниот пат за Прилеп

„АЛЕКСАНДАР, ДЕЛУВА НАВИСТИНА ИМПОЗАНТНО ОВА ШТО БЕШЕ НАПРАВЕНО“: Николоски беше пофален од Мицкоски за експресниот пат за Прилеп

АВИОНСКИОТ ПРЕВОЗ „ЦВЕТА“ – граѓаните се помалку и помалку се возат со возови

АВИОНСКИОТ ПРЕВОЗ „ЦВЕТА“ – граѓаните се помалку и помалку се возат со возови