23 Јуни, 2024
0.0291

Што ù прогнозира Европската комисија на македонската економија?

Објавено во: Анализа 26 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Најлошото од економската криза од економската криза можеби е зад нас, но ова не е време за опуштање, порачува Европската комисија во најновата зимска економска прогноза.

Според еврокомесарот за економски и монитарни прашања Оли Рен, растот на европските економии е уште бавен, а последиците од кризата се чувствуваат во сите сегменти од економијата.

Во извештајот, Комисијата ја скенира состојбата и во македонската економија.

Уште повеќе ќе расте задолженоста

Јавниот долг на Македонија ќе продолжи да расте, предвидува Европската комисија во најновата зимска економска прогноза. Јавниот долг, кој лани бил 35,4% од БДП, годинава се очекува да достигне 37,4%, а догодина 38,9% од БДП.

„Сепак, вкупниот јавен долг, кој го вклучува и долгот на претпријатијата во државна сопственост, јавните агенции и јавните финансиски институции, најверојатно ќе биде значително повисок. Тоа, исто така би го опфатило и новоформираното Јавно претпријатие за државни патишта преку кое Владата ќе ги канализира значајните трошоци за патна инфраструктура, а кое може да позајмува во свое име со долг гарантиран од страна на Владата“, наведуваат од Еврокомисијата.

Со цел да се спречи натамошно зголемување на јавниот долг, Комисијата препорачува понизок дефицит. Буџетскиот дефицит во 2013 бепе ревидиран со ребалансот од 3,6 на 3,9%. Комисијата, пак, очекува дефицитот да се држи на ниво од 3,6 проценти до 2015 година. “Со цел долговите на општата влада да се стабилизираат, фискалниот дефицит би требало да се намали посуштински отколку  што е таргетиран”, препорачува Комисијата, но заклучува дека ова веројатно ќе се покаже тешко со оглед на неодамна спроведеното зголемување на пензиите, најавеното покачување на платите во јавниот сектор за оваа година, како и зголемувањето на социјалните трансфери. Странските инвестиции ќе растат, но ќе се зголеми и трговскиот дефицит Според Комисијата, јавните и странски директни инвестиции се очекува да се зголемат.

„Со очекувањето на нови странски инвеститори да започнат производство, оваа прогноза очекува обновено зајакнување на увозната побарувачка. Без оглед на понатамошното подобрување на главните извозни пазари, се очекува постепено влошување на балансот на стоки. Оттука, нето-извозот ќе има негативен тренд во двете години. Овој минус може да излезе голем, доколку директните странски инвестиции, како главен извор на извозот на земјата, се развиваат помалку енергично од што се очекува“, се наведува во прогнозата за Македонија.

Послаб раст годинава од лани

Економскиот раст на Република Македонија лани бил меѓу најголемите во Европа минатата година. Според прогнозата што ја претстави комесарот за економски прашања и монетарна политика, Оли Рен, Македонија во 2013 остварила раст од 3,2% од БДП, што е идентично со Литванија, додека само Романија имала поголем раст (3,5%).

„Реалниот БДП се зголеми за 3,2 проценти во однос на претходната година, со тоа што нето-извозот и приватната потрошувачка се двигатели на растот. Стимулирана од поддржаните фискални мерки, приватната потрошувачка се зголеми за акумулирани 5,1 отсто во првите три квартали. Меѓу секторите, градежната индустрија во голема мера го надмина производството и бележи раст од 33 проценти во текот на годината“, оценува Еврокомисијата.

Сепак, Еврокомисијата прогнозира дека овој раст тешко ќе се одржи. Проценката е дека профилот на раст повторно ќе се промени во иднина, со обновено зголемување на бруто-инвестициите.

Според прогнозата, растот на македонскиот БДП, годинава се очекува да изнесува 2,5 проценти, а догодина 2,6 отсто од БДП.

Невработеноста ќе се намалува

Во однос на невработеноста, Комисијата посочува дека 28,9 отсто од работоспособните лица во Македонија, минатата година биле без работа. Но, во прогнозата се посочува дека е позитивен трендот на зголемување на работните места и дека годинава се очекува процентот на невработени да падне на 27,8 проценти, додека во 2015 година, стапката на невработеност да биде 26,9 отсто.

Сепак, ЕК предупредува дека стапката на невработеност на младите лица од 15 до 24 години останала непроменета и изнесува 52 проценти во текот на ланската година.
„Примарно, водено од очекуваните јавни и странски директни инвестиции и од активната политика на пазарот на трудот, вработувањата се очекува да продолжат, но не со силно темпо, додека стапката на невработеност се очекува да продолжи да се намалува“, ппишува во извештајот.

Комисијата очекува намалување на невработеноста и во ЕУ, Еврозоната и кај сите земји-членки.

Билјана Арсовска

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА ВАЖАТ ВАШИТЕ ПАСОШИ ПРЕД ДА ПАТУВАТЕ: Нема да можете да влезете во овие земји ако не ги запазите датумите

ЕВЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА ВАЖАТ ВАШИТЕ ПАСОШИ ПРЕД ДА ПАТУВАТЕ: Нема да можете да влезете во овие земји ако не ги запазите датумите