Што вели Гарет за тоа дали обвинети можат да се кандидираат на избори?
Објавено во: Македонија 08 Ноември, 2016
Британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет денеска изјави дека во некои демократии е возможно луѓе кои се предмет на истрага да се кандидираат на избори.
Различни земји имаат различни практики во однос на кандидирањето на личности што се обвинети за криминал, објаснува амбасадорот.
„Во некои демократии е апсолутно возможно луѓе кои се предмет на истрага или кои се соочени со судење да се кандидираат на избори. Во други земји, тоа е невозможно. Тоа треба да го одлучат самите земји“ – вели Гарет.
Тој за говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на конференцијата на Унијата на жени, кој ги критикуваше амбасадорите кои „твитале“ вели дека понекогаш амбасадорите праќаат тешки пораки. Сепак додава дека Велика Британија е голем поддржувач на Македонија.
„Критичките осврти и пораките што ги испраќаме мислиме дека се неопходни за да дадеме поттик за тоа на каде треба да се движат работите. Тоа значи дека понекогаш праќаме тешки пораки. Овде бев пратен како амбасадор на Обединетото Кралство во Македонија за да ги претставувам британските гледишта и британската политика, а исто така се пратени и многу амбасадори овде во Скопје, кои ги претставуваат своите земји и нивните политики“ – рече Гарет.
Тој денеска присуствуваше на конференцијата „Одвојување на државата од политичките партии“ организирана од „Мост“.