29 Септември, 2024
0.0234

Швајцарските сметки кријат големи тајни

Објавено во: Анализа 11 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Чистиот планински воздух и мирниот живот во швајцарските кантони не објаснуваат сами по себе зошто Швајцарија е попривлечна од соседна Франција. Што ги привлекува така незадржливо француските граѓани да ги ставаат своите пари во швајцарски банкарски сефови, како што покажа истрагата SwissLeaks, прашува францускиот весник Le Mondе по повод големото истекување на банкарски информации од швајцарскиот огранок на втората по големина банка во светот HSBC. Традиција во дискреција - ова е слоганот на сите швајцарски финансиски институции. "Банкарската тајна во Швајцарија отсекогаш имала за приоритет заштита на клиентите од било какво мешање во нивните лични дела", посочува популарната швајцарска банка на својот вебсајт. Нови правила, сепак им се наметнуваат на швајцарските банки. Последната голема промена е потпишаната од Конфедерацијата - конвенција на Организацијата за економска соработка и развој за борба против даночните измами, даночно затајување и даночните засолништа. Овој меѓународен договор подготвува транзиција кон автоматско споделување на даночни податоци а е предвидено да стапи во сила во 2018 година. И покрај сето ова швајцарските банки ја задржуваат својата репутација нa дискретни институции. Традиција, чие потекло сојузниот департмент за надворешни работи го објаснува на следниот начин: "Во 17-тиот век швајцарските трговци се специјализираат малку по малку во вложување на огромен приватен и државен капитал во странство. Меѓу најлојалните клиенти на овие приватни банкари се кралевите на Франција, чии потреби од финансирање биле речиси ненаситни. Оваа врска од самиот почеток е обележана со потребата од целосна дискреција: било невозможно кралевите католици на Франција да признаат дека презеле заем од протестанти еретици ". Швајцарските банки се помогнати во нивните напори за дискреција од законот, кој забранува да се открива постоењето на сметка без согласност на клиентот. Иако законот еволуирал - административната помош на трети земји да добијат информации за лица кои избегнале оданочување, беше олеснета од 1 август - тој останува корисен и суров со оние кои ќе се осмелат да ја нарушат банкарска тајна. За тоа може да сведочи Ерве Фалсиани поранешен компјутерски специјалист во банката, кој украл банкарските датотеки) и ги предал на француските власти, кој сега е обвинет од страна на правосудните органи. Од 1998 година швајцарските банкари не можат повеќе да прифатат куфери (или ранци) со банкноти и треба во принцип да бараат документи за лична идентификација. Што се однесува до повлекувањето готовина, тоа не е забрането со закон, но повеќето банки им ставаат лимит, за да не го олеснуваат перењето пари. Не сите институции сепак се толку будни и понекогаш им оставаат на своите клиенти да повлечат колосални суми во готовина. Тројца Руси, на пример, изнесоа пред неколку години од банката Bordier сума од 52 милиони евра во банкноти од по 100 долари. Друг аргумент кој го користат швајцарските банки: традицијата да се задржува неутралност ја спасила Конфедерацијата од конфликти, вклучувајќи и од Втората светска војна. "Како неутрална и отворена кон светот земја, Швајцарија ужива забележителна политичка, економска и социјална стабилност", се фали швајцарскиот огранок на француската банка Société Générale. Традиција, која објаснува зошто богатите еврејски семејства, но исто така и поранешни нацисти, го вложувале на безбедно место имотот за време на војната. K.K.