Синдикатот на Мермерскиот комбинат бара враќање на отпуштените работници
Објавено во: Економија 22 Јануари, 2013
Вработени во Мермерскиот комбинат и Синдикатот синоќа во домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп одржаа собир на кој побараа од раководството на компанијата да ги врати на работа 19-те работници кои минатата недела добија отказ за да продолжат преговорите за потпишувањето на колективниот договор.
- Единственото наше барање е да се вратат колегите на работа и додека траат преговорите за колективниот договор да не се преземаат никакви мерки, вели Симе Звездакоски, претседател на основната синдикална организација на прилепскиот Мермерски комбинат.
Павел Трендафилов претседател на гранковиот Синдикат за градежништво на Сојузот на синдикатите на Македонија нагласува дека компанијата не се придржува на законот за работни односи.
- Во Мермерскиот комбинат нема договори за работа, туку некои своевидни анекси. Тоа е спротвино на законот за работни односи. Не сме задоволни од трудовиот инспекторат и бараме Министерството за труд и социјална политика да го преиспита тоа. Освен тоа раководството на комбинатот дрско постапува, во фаза на преговори за колективниот договор, кога ние како синдикат го ставивме штрајкот во мирување, раководството врши мобинг врз вработените, ги намалува платите и им врачува отказ на 19 работници. Не може да се дојде во Македонија, да не се почитуваат законите и 10 години да се остварува профит, да се зголеми обемот на работа за работниците, а платите да не се зголемат, туку се намалуваат, рече Трендафилов.
Синдикатот информира дека за в четврток се најавени преговорите со раководството на Мермерскиот комбинат за колективните договори.
Минатата недела компанијата на 19 работници со по 30-тина години работен стаж им врачи отказни решенија. Од компанијата соопштуваат дека тоа е деловна одлука и нема врска со штрајкот, туку е резултат на стопанските текови.
Инаку, како што Фактор веќе објави за решавање на проблемот, менаџментот на Комбинатот бил повикан на итна средба со високи владини претставници меѓу кои бил Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Според информациите на Фактор, од раководството на Комбинатот било побарано да нема отпуштања во следните шест месеци.