17 Декември, 2018
0.3197
    ALK 8219.33    0.26%     CEVI 920    -8%     GRNT 794.29    -0.73%     KMB 5049.17    0.5%     MPT 46714.29    0.07%     MTUR 4900    0%     OHB 6500    -0.26%     OKTA 4785    10%     RZIT 25    0%     RZLE 15    -28.57%     STB 1286.11    0.35%     STIL 121    0%     TEL 300    0.14%     TNB 14127.73    -0.37%     TTK 1245    -1.97%     ZPKO 2350    -17.54%

Сирија како Германија по Втората светска војна!

Објавено во: Колумни 06 Април, 2018

Приказната за Сирија продолжува. Деновиве бевме сведоци на неколку изјави, кои на прв поглед навестија внесување јасност во иднината на Сирија, но веднаш потоа интересите се потрудија да ги замаглат работите.

Прво дојде веста дека претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе ги повлече американските воени сили од Сирија. Во Охајо минатата недела Трамп изјави дека наскоро ќе биде ослободена од Исламската држава целата територија на Сирија. И најави дека многу скоро американските воени лица ќе бидат повлечени, „Ќе се вратиме во нашата земја, каде што треба да бидеме“, изјави Трамп. Додавајќи, „ други нека се грижат ситуацијата таму“. Медиумите соопштија дека Трамп му наредил на Стејт департментот  да ги замрзне претходно доделените 200 милиони долари помош за Сирија. За волја на вистината американскиот претседател уште во предизборието најавуваше дека ќе ги врати американските војници дома. И ова изгледаше како чекор кон исполнување на таквото ветување.

Впрочем и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тогаш изјави дек Трамп држи до своите изборни ветувања. „Ако претседателот на САД изјавил за брзо повлекување на американските сили од Сирија, тоа значи дека тој, во крајна линија, е приврзан на поранешните изјави дека после победата на ИД САД ќе заминат од Сирија. Ќе следиме“, рече Лавров.

Сомнежот на Лавров се покажа реален. Во САД не мислат сите како Доналд Трамп. За Стејт департментот изненадување и шок беше неговата изјава. Збунетост во првите моменти по неа. За по една недела да дојде нова вест од Белиот дом. Претседателот Трамп нема веднаш да ги повлекува американските сили од Сирија, без оглед на даденото ветување седум дена пред тоа. Трамп го разубедиле неговите советници дека доколку до крај на се уништи ИД, таа може да се прегрупира и да се активира. И тука се во право. Повлекувањето на Американците од Ирак и пустошот што го оставија по нивната интервенција овозможи создавање на ИД. Велат ова не му било по волја на Трамп, но тој сепак се согласил. Веројатно со тешко срце, бидејќи според него, САД на Блискиот Исток во последните 17 години имаат потрошено 7.000 милијарди долари!

Секако на новата одлука влијаел и одговорот на прашањето: „А зошто влеговме во Сирија“? Сигурно Американците не го направија тоа само за борба против ИД. Коалицијата предвидена од САД е активен поддржувач на сили непријателски настроени кон сирискиот претседател Башар ал Асад. Има искажувања дека повлекувањето на војските на САД ќе му овозможат на Иран да го прошири неговото значително влијание во Сирија и регионот. А тоа го вознемирува Израел, кој не ја сака иранската армија на својата граница, а исто така и Саудиска Арабија, главниот регионален противник на Иран. Во едно неодамнешни интервју за американското списание TheTime, принцот наследник на саудискиот престол, Мухамед бин Салман ал Сауд го призна фактот за зацврстување на позициите на Асад. „Башар ќе остане. Но јас се надевам, не е во негов интерес да им  дозволи на Иранците да прават се што тие сакаат“, рече тој.

Фактот дека ИД е пред конечно уништување во сегашните услови значи дека дури допрва почнува вистинската битка за Сирија. Можеби не толку со воени средства, но сигурно со политички, со тешки одлуки и решенија. Зашто Сирија практично е поделена на три дела. Најголемиот е под контрола на силите на претседателот Башар ал Асад, потпомогнати од Русија и Иран, потоа дел под контрола на курдските сили поддржани од Америка и дел под контрола на сили лојални на Турција. Околу два проценти од територијата се’ уште е под контрола на ИД. Под плаштот на „грижа“ за Сиријците, за стабилизација на териториите ослободени од ИД, за помош на луѓето да се вратат дома, за изградба на инфраструктура, домови и вкупна обнова, ќе се води голема политичка битка, која може да прерасне и во воена. Инаку, според некои извори Американците имаат околу 2.000 воени лица. Тие даваат поддршка на курдските одреди и на силите на арапската опозиција, попознати како Демократски сили на Сирија, опозиционо настроени кон сириската власт.

Уште колку долго ќе останат Американците во Сирија? Одговорот на ова прашање не може да го даде никој. Практиката од воените интервенции на САД покажува дека кога тие влегуваат во некоја држава остануваат таму со години. Да ги земеме на пример, Ирак, Косово, а да не зборуваме за Авганистан. Така што останувањето на неодредено време во Сирија, како што гласи новата одлука може да значи и десетлетје. Се до спроведувањето на замислите на американските воено-политички стратези. Се работи за многу важна географска позиција на Сирија. Во срцето на Блискиот исток. Крстосница на нафтените и гасни текови кон исток, кон запад и кон север. Тој што ја има контролата на Блискиот исток и врз тие текови ќе ги контролира и земјите кон кои се насочени.

Дента кога Трамп го одрече она што го рече една недела пред тоа во Анкара се сретнаа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Иран Хасан Рухани. Нормално тема на разговор – Сирија. И тие по разговорите излегоа со свои видувања за иднината на Сирија. Едногласни се дека земјата не смее да се дели. Дека за нејзината иднина треба да одлучи сирискиот народ. Дека веднаш треба да се почне со стабилизација на состојбата во државата, со помош на настраданото население и почеток на изградба на инфраструктура и сместување на Сиријците протерани од своите домови. Русија и Иран го поддржуваат Асад, додека Турција е против него, иако во Анкара Ердоган не беше многу глаголив на таа тема. Што може да се протолкува и како сознание дека позициите на Асад навистина се зацврстени. Од она што беше соопштено на заедничката прес конференција излегува дека акцијата на Турција во зачистување на северната граница на Сирија од курдските сили, кои за него се терористички, била усогласена со Русите и Иранците, како што било усогласено и ослободувањето на Источна Гута од страна на асадовата армија и протерување на вооружените противници на сириската власт. За Иран Американците и Израелците се тие кои сакаат распарчување на Сирија, како што рече Рухани, со молчаливо реакција на Ердоган и Путин.

Но не е се идеално и меѓу „триумвиратот“. Проектот - зони на примирје или деескалација, кој беше продукт на преговорите во Астана велат дека е пропаднат. Има четири зони, а Дамаск е обвинуван дека неговата авијација бомбардира во овие зони. Тој, пак, одговара дека од тие зони се водат воени дејства против сириските сили. На пресот во Анкара за надминување на овој проблем не се кажа ништо, иако тројцата лидери сигурно разговарале за него. Посебно прашање е зоната во покраината Идлиб каде што се носеа сите разоружените противници на Асад, со семејствата, а кои ги напуштаа другите региони во договор со власта. Таму сега сигурно има десетина илјади борци со борбено искуство, кои утре или другиден можат да одново да земат оружје во раце. Русија и Турција ја продлабочуваат економската, но и воената соработка. Неочекувано во Анкара Ердоган и Путин се договорија да се забрза испораката на системот С-400 за Турција, исто така почна изградбата на атомската централа Акуја од страна на руски компании, чија вредност е околу 22 милијарди долари. Противречностите меѓу овие две земји околу Асад веројатно ќе се надминат. И меѓу Иран и Турција не цветаат рози во односите, особено околу воените операции на Турција во близина на иранската граница.

Како и да се гледаат работите главни играчи во Сирија се Русија, Иран, Турција и САД. И покрај тоа што меѓу сите нив постојат несогласувања, дури и меѓу партнерите од НАТО, САД и Турција, се чини дека сите ќе сакаат да земат по залак од Сирија. Некои поголем, некои помал. Веќе денес се цртаат карти на кои се претставени зоните на влијание на секоја држава поодделно. Ми личи на разврска како со Германија по Втората светска војна. Земјата ќе остане целосна, но со зони на влијание. Исто како што победниците во Втората светска војна ја поделија Германија на свои сфери на влијание, а така може да биде и сега со Сирија. На најголемиот дел од државата и на  крајбрежјето влијание да имаат Русите со делови во кои би имало простор за Иранците, Турција во делот каде што има туркојазично население, на северозападниот дел на Сирија, на североистокот Американците, кои ги штитат Курдите и Иран на границата со Ирак. А ќе има ли тогаш Маршалов план? Или, пак, нов Берлински ѕид?

Во сето ова не се знае само дали за ова ќе го прашаат сирискиот народ, или Асад, несудениот победник, и како сето тоа ќе се направи да помине мирно и без нови крвопролевања?

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ПА ЛУЃЕ МОИ, ДАЛИ Е ОВА ВОЗМОЖНО?!

ПА ЛУЃЕ МОИ, ДАЛИ Е ОВА ВОЗМОЖНО?!

Сторија за Кинезот

Сторија за Кинезот

Ципрас не го убеди Путин за „Преспанскиот договор“

Ципрас не го убеди Путин за „Преспанскиот договор“

ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА И ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО – ЕКОНОМСКИ ПРОБЛЕМИ

ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА И ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО – ЕКОНОМСКИ ПРОБЛЕМИ

Плоштад Слобода

Плоштад Слобода