28 Септември, 2024
0.0243

Сиромаштијата побаксузна од Петок 13!

Објавено во: Анализа 13 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Црна мачка да не ви го попречи патот, да не се вози на Петок 13-ти  или да се избегнуваат негативните личности и предмети  кои носат несреќа. Суеверието длабоко се вкоренило во македонските граѓани. Иако науката нема прецизни сознанија дека токму фамозниот Петок 13 се поврзува со одредени негативни влијанија врз  човековиот живот,  овој ден и датум се повеќе добива комерцијална димензија во филмската индустрија која врти милиони долари на продажба на митот врзан за овој ден и датум. За шеесет и пет годишната пензионерка Милева К, од скопската општина Карпош, токму овој датум има негативно значење, но не поради суеверното верување дека носи зло и негативна енергија, туку поради тоа што на тој ден нејзиниот единствен син добил отказ од работа. Таа вели дека покрај мизерната пензија од 8 000 денари која не и стигнува ниту за покривање на основните трошоци и за лекови кои мора да ги прими поради хроничната терапија, сега на нејзин товар е и нејзиниот 31 годишен син кој се вбројува во армијата невработени кои бараат работа, а живеат на грбот на своите родители. Дел од психолозите велат дека денешниот датум и ден станува синоним за атмосферата во која живеат граѓаните преку целата година. Па така, немора да го чекаат Петок 13, црна мачка да им го попречи патот или да не излегуваат на полна месечина, бидејќи секој нов ден носи нова неизвесност, беспарица и  невработеност. Според семејниот советник и магистер по Клиничка психологија, Ивана Станковска, секојдневното живеење на Македонците   се повеќе станува преживување.Егзистенцијалните теми се многу присутни и во обичните разговори, а тоа е сигнал дека основната потреба на луѓето е незадоволена, а тоа е сигурноста. “Кога таа е загрозена, тогаш стравовите се многу поприсутни и тие секако носат свое влијание на квалитетот на животот на секоја индивидуа и семејство. Во таква ситуација природно е да се зголеми и засили потребата од барање надеж, поткрепа и луѓето честопати се  вртат кон суеверијата. Во некоја мера тие можат да бидат лековити, ако некој на пример верува дека некоја амајлија ќе му донесе среќа, тогаш со своето верување си ја зголемува самодовербата и позитивната енергија и со тоа директно ги зголемува можностите за позитивен исход од се што ќе превземе. Ако некој силно верува дека токму Петок 13 е ден кој не е поволен за него, подобро да ги сведе ризиците за активностите кои планира да ги превземе тој ден на минимум, отколку да оди против себе. Доколку суеверијата не се бројни, не го попречуваат или ограничуваат секојдневното функционирање во значајна мера, тогаш истите и не се опасни”, вели психологот Станковска. Универзитетската професорка Сунчица Димитријоска од Институтот за социјална работа и социјална политика,  смета дека суеверијата поврзани со Петок 13 се поврзуват со магични случувања,  но без посебна логична причина. Според неа, несреќните луѓе се посуеверни од искуствата поврзани со овој датум бидејќи често ги сметаат за причина која ќе им донесе трошок, нарушено здравје, сиромаштија или губење на материјални добра или блиски личности. “Доброто во овој датум кој се обнародил во многу општествени слоеви и култури е што луѓето почесто внимаваат баш на овој ден кога се во вклучуваат во сообрајќај, на работното место, во семејството, што му дава и една позитивна димензија на самиот ден кој од друга страна најчесто се поврзува со зло или негативна енергија. Она што од социолошки аспект е многу битно е луѓето да не ја изгубат контролата и вредноста кон оние работи кои ги прават среќни, кон работата, блиските, пријателите, бидејќи оттуѓувањето е главна причина од која потекнуваат проблемите”, вели професор Димитријоска. Во историјата, верата или во културата на македонскиот народ нема ништо што би посочило дека Петок 13 е несреќен или баксузен ден-смета Марко Китевски, научен советник во Институтот за македонска литература. Тој вели дека суеверието е постаро и од христијанството и истото се храни со случајни настани и верувања, кои се запишани во некои народни дела  кои се дел од народната култура. “За петок 13 се вели дека е поврзан со црната мачка кој е синоним за несреќа, а кучето е среќа. Паганските обичаи имаат поврзаност за овој ден и дополнително со полната месечина,  особено со додолските молби за дожд поради обилните суши. Но, науката како запис или како конкретно верување нема потврдено научна основа во тој датум и ден. Негативната конотација трае многу долго, а она што може да го ублажи или искорени суеверното верување е образованието и верата”, вели Китевски. Верувањата за Петок 13! Петок 13 од многу суеверни луѓе во светот, особено во Европа, Северна и Јужна Америка, Австралија, се смета за несреќен ден и затоа токму на тој ден се избегнуваат патувања, склучувања договори и други поважни работи, стравувајќи од зла среќа. Суеверието поврзано за несреќниот петок 13 има и историско и библиско значење, почнувајќи од тоа дека Ева во рајот го измамила Адам со јаболкото токму во петок, дека на тој ден се случила библиската поплава, дека Бог на петок 13-ти ги измешал јазиците на Вавилонската кула, а и Исус Христос бил распнат в петок. За „несреќниот“ број 13 се врзува и верувањето дека токму толку луѓе биле на Тајната вечера. Како најубедливо верување за потеклото на митот за петок 13, историчарите го посочуваат настанот што се случил на 13 октомври, петок, 1307 година, кога францускиот крал Филип Четврти наредил да се уапсат и погубат водачот на темпларскиот ред Жак де Молеј и шеесетина негови најблиски приврзаници. Хајката по темпларите бргу се проширила низ цела Европа. Стотици припадници на христијанскиот воен ред Темплари, настанат за време на првиот крстоносен поход во 1096 година, биле уапсени, мачени и убиени за да се принудат да го „признаат“ својот наводен ерес. Папата Клемент Петти во 1314 година го забранил Темпларскиот ред, по што тој продолжил тајно  да постои. Од тој петок 13, 1307 година, следбениците на темпларите го сметат тој ден како несреќен и како ден на ѓаволот. Суеверието за петок 13 или за „несреќниот“ број 13, го поттикнуваа и богатата филмска и издавачка продукција со многубројни дела токму на таа тема, меѓу кои се холивускиот филмски серијал „Петок 13“, мистериозната новела „Тринаестмина на вечера“ од Агата Кристи и драмата околу мисијата на всленскиот брод Аполо 13 за што е снимен и филм. Завивањето на мачките на петок 13-ти е знак за кавга, а какво ќе биде времето на овој ден, особено околу пладне, таков ќе биде и остатокот од неделата. Петок 13 и среќата! И денот и бројката за Германците  се среќна добивка. Според нивната култура, во петок на луѓето им оди најдобро, децата родени на овој ден ќе ги прати среќа, а жетвата ќе биде богата. Дека 13-ката  ја сметаат за среќна бројка покажува и германското лото, каде токму 13 е најчесто извлекуваниот број. Б.С.