02 Мај, 2024
0.0252

Системот е мртов – да живее системот!

Објавено во: Колумни 22 Март, 2016

Добивај вести на Viber

Дека живееме во состојба на предполитичко, тоа одамна на сите ни е јасно. Затоа што политичкото, во еден аспект значи и институционално. Но, кога имате узурпирани и киднапирани институции, тогаш немате политичко. Затоа повеќе пати констатирам дека оваа криза не се решава со партиски договори, туку со еманципација и враќање на демосот, со скоро плебисцитарноучество на граѓанинот без кој нема систем, политичко, а камо ли демократија.

Оваа криза мора да ја решиме на планот на историското со „грабнување“ на политичкото во рацете на демосот. Договорот од Пржино во себе повторно ја содржи истата племенска логика, која ќе продуцира нови кризи. Сè додека граѓанинот не го преземе политичкото, сè дотогаш ќе живееме во пред-политичкото, во племенското и ќе ги оставаме вака да се договараат, да преговараат и да носат вакви бесмислени решенија. Решенија засновани - не на рационалното, објективното и политичкото (polis-от, заедницата) - ами на бедните ситно-партиски интереси, на „на ти го – дај ми го“, на отстапки, на концесии и псевдо-договори.

Не ме интересира што се испазариле двете партии! Дали се договориле да се амнестира власта за изборните криминали за сметка на одложување или фиксирање на датумот на изборите. Што ветил СДСМ на странците, што договорил со Американците, што сакаат Европјаните...Дали ВМРО направил овде отстапка зада добие онаму бенефит. Дали криминалците се договориле со Уставниот суд или не, дали Уставниот донел некаква одлука или не...Не ми е грижа кој договорил што, за сметка на неговата кожичка...Што и да било од тој и таков племенски договор не може да се институционализира, оти институции нема!

Политичкото, драги мои, не е само и единствено поле на договор, туку на политички логос, на општиот интерес на заедницата! Не можете да носите бесмислени одлуки само затоа што така сте се испазариле или оти така ви одговара во моментот. Политичкото не е опортуно и ситуационо до таа мера што го кине секој континуитет и го сведува на одлуки од избори до избори и од партиски до партиски интереси. Овие го доведоа тоа до совршенство, носеа одлуки за мигот доволни и потребни само на грст народ, а не за заедницата.

Знаете, вие можете на партиско-племенско ниво сето ова и да го договорите и да го претворите во законско и институционално решение, но тоа не го прави помалку бесмислено, а со тоа и нелегитимно. Одлуката на Уставниот е нелигитимна оти институции и систем НЕМА! Ако институции нема, нема и институционално решение! Колки ова да ви изгледа страшно, се покажува евидентно преку последната одлука на Уставниот и протестите и контра-протестите. Она што сеуште постои како псевдо-систем е под целосна контрола, доминација и притисоци. Изборниот список е најмал проблем – тука имаат протечено 10-15% од искрадените гласови, сето друго се должи на узурпираниот, или поточно одново-креираниот поредок со тотална доминација во јавниот простор, медиумите, администрација, а гледаме и улиците. Да имаше систем, овие одамна ќе завршеа во затвор со обвиненија на регуларното Јавно обвинителство и тука ќе се завршеше институционално оваа криза. Систем нема, драги мои, не очекувајте институционално решение.

Ако си ја сакаме назад заедницата мора да ја конституираме прво. Мора да се однесуваме и делуваме како „демос“ кој ќе ги превземе на себе и правата и обврските. Мора да разбереме дека суверенитетот е во нас, независно кого делегираме номинално да „владее“ во името на нас. Затоа само еманципиран демос може да биде носител на политичкото. Вака, постојано кружиме во вителот на нивната бесмисленост и апсурдни „политики“. Демосот мора на улица да го конституира или ако сакате да го грабне политичкото назад! Да го „узурпира“ веќе узурпираниот простор, секаков – медиумски, јавен, училен... До крај, до изморување, до истоштување, до целосна шизофренија и раскол по сите линии што сега не делат, а вештачки се обидуваме да ги контролираме. Не може опозицијата, од една страна да е свесна за узурпираниот систем, а од друга страна да ги почитува правилата на тој систем. Ова се решава со упад, оти со упат е направено, со упад е конституиран квази-систем, со упад може да се девастира. Мора да ни се случи целосен, тотален шизоиден процес, до изнемоштување, до раскинување, напукнување на оваа „стварност“, после што мора да следи политички катарзис. Револтот не може институционално да се канализира. Политичката коректност функционира во политичкото, не во пред-политичкото. Во нормален поредок, поточно во постоење поредок и систем да, впрочем тоа му е и улогата на поредокот и системот – да ја канализира и „менаџира“ таквата енергија на заедницата, но во овој случај тоа не е можно. Таа енергија мора да се истури, за да создава.

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина