28 Септември, 2024
0.0438

СИТНО: Уште десетина дена до екстерното, ќе се поправат ли навреме грешките?

Објавено во: Анализа 21 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Се ситнат деновите до екстерното тестирање. Учениците  од 4-то одделение основно до 3-та година средно имаат помалку од две недели да се спремат за испитот. Тестирањето  е од 2-ри до 10-ти јуни. Кои два предмета ќе ги полагаат ќе знаат само три дена претходно. Но деновиве ќе мораат уште еднаш да ги прелистаат прашањата, бидејќи до Државниот испитен центар стигнале 3.461 коментар кои се однесуваат на квалитетот и составот на прашањата, а надлежните по корекцијата ќе ги вратат во системот. Од Министерството за образование велат дека сите прифатени коментари или технички грешки веќе се поправени. Најголемиот дел од нив се однесуваат на предметите математика, англиски јазик и историја. Токму за нив учениците ќе мораат да посветат поголемо внимание. Од ресорното министерство не објавија колку вкупно забелешки стигнале на нивна  адреса за екстерното оценување. Ги евидентирале само оние кои треба да се поправат. Бројката од околу 3.500 коментари за екстерното тестирање, според  Младинскиот образовен форум, е доволен показател дека новиот модел на отворен базен на познати прашања има пропусти. Тие велат дека без посебна анализа и образложение зошто се менува системот со отворен пулт на прашања, истиот не може  да биде прогласен за успешен проект. Според МОФ, менувањето на системот на оценување е доказ дека екстерното требаше да биде пилот проект за да се детектираат  и да се поправат грешките.
“Можеби сериозно не се дефинирани целите на екстерното оценување. Новиот број на приговори пред екстерното остава отворени прашања дали ќе има сериозно време да се поправат грешките и да се вметнат приговорите. Немаме сознанија, ниту сериозни анализи  за минатата  година како помина екстерното. Техничките грешки, менување на прашањата, немање на детален превод - реално треба надлежните да  одговорат. Оценувањето на екстерното тестирање остана затворен систем, дали има отстапки меѓу оценките, стручните и гимназиските училишта, географските региони. Останавме без информации. Целта треба да биде подобрување на  квалитетот на образованието, а не само оценување на професорите. Дали со овие прашања и оценување се отсликува реалното знаење на учениците, бидејќи тие немаат ваков отворен начин на учење и оценување во редовната настава, а на екстерно им се познати и достапни прашањата?!  Има дисбаланс меѓу прашањата кој создава пак проблем за реално оценување. Претпоставуваме дека е голем бројот на технички проблеми, но прашање е како ќе се решат истите”, вели Антонио Даниловски од МОФ.
Според  поранешниот министер за образование и наука Ненад Новковски само врз основа на бројот на коментарите не може да се цени прецизно за недостатоците во подготвените прашања и одговори. Може да се работи за помали технички грешки, но може да станува збор и за крупни системски проблеми.
“Може да се појават сериозни проблеми за учениците коишто веќе ги користат објавените прашања. Тоа бара од нив да ја повторат речиси целата подготовка што ја правеле претходно”, вели Новковски.
Близу половина милион прашања по сите предмети и струки внесени во системот им се достапни на околу 190 000 основци и средношколци кои за две недели ќе полагаат екстерно по  два предмети. Многумина веќе на часовите заедно со наставниците ги проверуваат своите знаења преку познатите прашања. А добар дел од учениците ќе чекаат три дена пред тестот кога ќе знаат по кој предмет ќе бидат тестирани, набрзина да го поминат материјалот. Екстерното во јануари заврши за матурантите кои до крајот на  месецов ги чека полагањето на државната матура која е и услов за упис на факултет.  Дополнително, сеуште се чека на официјалните резултати за одстапките  во оценувањето на наставниците, кои треба да  бидат соочени со казни и награди за  минатогодишното екстерно тестирање. Б.С.