СЈАЈОТ И БЕДАТА НА „НОВОГОДИШНАТА КОШНИЧКА“: Дали беше поскапа или поевтина празничната трпеза
Објавено во: Економија 16 Јануари, 2025
По завршувањето на Новогодишната кошничка, проектот кој Владата
го претстави како начин да им помогне на граѓаните за време на празниците,
вниманието сега се насочува кон анализата на неговата реална ефективност.
Мерката која траеше од 15 декември до 15 јануари и предвидуваше намалување на
цените на поголем број прехранбени
производи и пијалоци за 10 отсто,
Министерството за економија ја
претстави како голем успех.
Но, како што празничниот сјај полека се губи, се отвора прашањето: дали овој проект навистина ја постигна својата цел? Додека официјалните извештаи ја нагласуваат успешноста на мерката, според изјавите на граѓаните се отвораат дилеми за тоа дали се било „мед и млеко“.
И покрај намалувањето на цените на дел од производите во рамки на владината акција која заврши вчера, а на предлог на бизнис заедницата, дел од граѓаните изразуваат незадоволство бидејќи основните намирници, како зејтинот, шеќерот и јајцата, не само што не станаа поевтини, туку забележаа и пораст во цените. Наместо очекуваното финансиско олеснување, акцијата, која требаше да ја подобри празничната потрошувачка, за многумина предизвика спротивен ефект, поткопувајќи ја довербата во нејзината ефикасност.
„Јас со пензија од 20-тина илјади едвај врзувам крај со крај. Очекував дека акцијата ќе ни помогне, но кога видов дека зејтинот за само две три недели поскапе од 73 на 97 денари, останав без зборови. Основните намирници кои ги купуваме секој ден се поскапи, а не поевтини. Каква корист има од намалување на празнични производи, кога не можеме да си дозволиме ни леб, ни масло?, прашува 73-годишниот пензионер Борче В. од скопската населба Тафталиџе“.
Со своја оценка ќе излезе и Сојузот на синдикатите на Македонија, откако ќе завршат со нивните анализи кои ги прават на терен. Сојузот на синдикатите на Македонија, како што вели во изјава за Фактор, претседателот Слободан Трендафилов, ја следи состојбата со цените на производите по завршувањето на акцијата „Новогодишна кошничка“, која имаше за цел да обезбеди финансиско олеснување за граѓаните во празничниот период. Тимови од синдикатот активно спроведуваат теренски анализи за да утврдат дали мерката навистина ги постигнала посакуваните резултати или, напротив, предизвикала дополнителни оптоварувања за домаќинствата.
„Како што ветив при креирањето на мерката ќе правиме надзор за да утврдиме дали имало фер или нефер трговски практики, дали трговците покажаа општествена одговорност и дали реално ги намалија цените за 10 отсто. По нашите активности ќе ја објавиме комплетната анализа од која ќе се види дали граѓаните се во право или пак трговците постапиле како што треба. Во моментов нашите стручни служби, значи службите на Сојузот на синдикатите на Македонија вршат надзор на терен на производите кои се опфатени во Синдикалната кошничка, а кои исто така беа дел од Новогодишната кошничка, и потоа ќе ги објавиме нашите сознанија, посочува Трендафилов во изјавата за Фактор.
Инаку, на само неколку дена пред Новата година, премиерот Христијан Мицкоски упати остри критики кон трговците во однос на спроведувањето на „Новогодишната кошничка“.
„Ќе инсистирам на остри мерки и контролни акции од страна на Пазарниот инспекторат, бидејќи добиваме пријави дека дел од маркетите манипулираат со цените. Некои си дозволуваат да поскапуваат производи кои се од витално значење за секојдневието. Тоа што им беше дадена можност за намалување на одредени цени, не значи дека смееме да дозволиме драматични зголемувања на други, изјави Мицкоски, додавајќи дека ваквото однесување не е прифатливо.
Државниот завод за статистика, пак, објави податоци кои дополнително го потврдуваат негативниот ефект од мерката. Во декември 2024 година, во однос на истиот месец претходната година, инфлацијата е зголемена за 4,4 проценти. Додека, пак, трошоците за храна, кои се основни за секое домаќинство, забележале раст од 5,6 отсто.
Анита Буховски