29 Март, 2024
0.0320

СКОПЈЕ СЕ БОРИ ЗА ЗЕЛЕНА ИНФРАСТУКТУРА, НО НЕМА ПАРИ ЗА ПЛАНИРАНИТЕ МЕРКИ: Интервју со Елена Николовска од Еко свест

Објавено во: Интервјуа 25 Мај, 2023

Добивај вести на Viber

Иако веќе шест години постои готова стратегија наречена „Отпорно Скопје“ која ја има изработено Градот Скопје со цел да се намали влијанието на климатските промени во главниот град на Македонија, досега планираните за мерки од стратегијата не е обезбеден буџет од страна на градот, вели во денешното интервју, Елена Николовска од Еко свест. За намалување на ризиците од климатските промени од клучно значење е зелената инфраструктура, за која говори Николовска.

Растот на градовите и загадувањето на воздухот, водата и почвата се најголемите притисоци врз природниот екосистем. Урбаните средини се особено погодени од последиците и влијанието на климатските промени, и со самото тоа што годинава и во април имавме зимски температури и снег во градовите, промените се повеќе од очигледни. Посебно загрижува фактот дека овие ефекти ќе се интензивираат во наредните месеци. Може ли конкретно да ни кажете на  што сè ќе бидеме сведоци?

Николовска: Извештајот за проекции на климатските промени и за екстремни климатски настани во РСМ од 2020 го воочува истото. Сушните периоди ќе зачестат и ќе станат подолги, а врнежите се пообилни и проследени со бури кои се тешки да се предвидат.

Она за што во последно време слушаме е „Зелена инфраструктура“, поприлично нова тема чија примарна цел е да се „спротивстави“ на понатамошното уништување на природата на начин што токму системите на „зелена инфраструктура“ свое место треба да најдат токму во градовите. За што конкретно станува збор, постои ли дефиниција за „зелена инфраструктура“.

Николовска: Зелена инфраструктура е секоја зелена површина која е дизајнирана и се одржува за да врши повеќе функции, вклучително и подршка на урбаниот биодиверзитет.

Дали зелена инфраструктура значи едноставно „зелен простор“, или пак станува збор за едно сериозно планирање на просторот. Во кој сегмент од урбаното живеење може да се примени зелената инфраструктура?

Николовска: Може да биде и природна зелена површина како на пример градскиот парк во Скопје, меѓутоа сепак треба да се одржува и надоградува. Треба да се напомене дека зелена инфраструктура не е тревна површина сама по себе туку потребни се и дрвја, грмушки и диви цвеќиња како и паметно дизајнирање на ваквата површина за да врши функција на намалување на ризик од поплави (односно апсорбирање на вишокот дождовница при пороен дожд), сенка и лад за пешаци во услови на топлотен бран како и зголемување на урбаниот биодиверзитет.

Дали конкретно за Скопје, но и воопшто за кој било друг град во Македонија веќе постојат изработени планови според кои ќе бидат имплементирани системи на зелена инфраструктура. Ќе ни посочите ли одредени примери?

Николовска: Градот Скопје во 2017 има изработено стратегија за прилагодување на климатските промени „Отпорно Скопје“ која содржи низа мерки за справување со последиците од климатските промени  меѓу кои и зголемување на урбаното зеленило. Мерките од оваа стратегија за жал иако се планирани никогаш не се буџетирани од градот.

Како сето ова е прифатено од страна на граѓаните, дали знаат воопшто што значи зелена инфраструктура и дали е потребно да се делува во насока на подигнување на јавната светст за значењето и ефектите кои ги дава зелената инфраструктура во урбаното живеење?

Николовска: Граѓаните на градовите стануваат се посвесни за потребата од зелени површини во градот, меѓутоа потребно е ова право на зелени површини да започнеме активно да си го бараме од градските власти. Подобро да се информираме за стратегиите и плановите кои се носат на централно и локално ниво и да бараме спроведување на истите.

Анита Буховски