СМЕТАМ ДЕКА КОЛЕГИТЕ ОД ТУРЦИЈА ЌЕ ИМААТ ПРЕДВИД ДЕКА СЛУЧЈОТ НЕ СМЕЕ ДА ДОБИЕ ПОЛИТИЧКА КОНОТАЦИЈА - Вилма Рускоска околу барањето за екстрадиција на Палчо
Објавено во: Македонија 08 Декември, 2023
- Сметам дека и колегите во Турција, односно судиите, кои ќе ги разгледуваат доказите и ќе одлучуваат по екстрадицијата, ќе го имаат сето ова предвид, рече таа.
Според неа, истрагата треба допрва да утврди која е вистинската позадина на случајот.
Министерството за правда вчера го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски кое преку Министерството за надворешни работи ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти. Барањето доаѓа по апсењето во Турција на Палевски на 5 декември, по издадената меѓународната потерница на 4 декември.
Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје вчера го прифати предлогот на Обвинителството и му одреди 30-дневен притвор на возачот кој го возел Палчо од Србија до Турција.
Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин. Во првичната истрага на Јавното обвинителство беа опфатени уште четири лица, односно соизвршителите Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Во истрагата е вмешан и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
За нивните убиства засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот се чека да биде екстрадиран од Турција.