28 Септември, 2024
0.0241

Сончевиот пат на Владимир Путин…

Објавено во: Анализа 09 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

За време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Кина во крајот на мај Пекинг и Москва потпишаа огромен договор за гас на околу 400 милијарди долари. Од договорот заработија и двете страни, откако поднебесната империја си обезбеди долгорочни резерви (за 30 години) од природен гас, а поранешниот Советски Сојуз - можноста да ја намали зависноста од Европа, како и да ја зацврсти својата позиција против санкциите на Западот. Истовремено Русија и Кина одржаа заедничка воена вежба во Истоното Кинеско Море, испраќајќи предупредувачки сигнал кон Јапонија и САД. Тоа е и знак дека Путин се повеќе очигледно зазема страна кон Кина во спорот со Јапонија. Нешто повеќе - минатата недела Кина и Русија ставија вето на проектот на ОН, со кој се сакаше Сирија да биде исправена пред Меѓународниот суд за воени злосторства. Земјите ставија вето и на претходните три предлози поврзани со Сирија. Во општиот став на Пекинг и Москва главната порака беше дека врските меѓу двете држави се наоѓаат во нов период на сеопфатно стратешко партнерство, а тоа ќе помогне за подобрување на меѓународните позиции и влијание на земјите. Од особено значење е договорот, преку кој Кина и Русија ќе ја продлабочат соработката во рамките на Конференцијата за интеракција и градење доверба во Азија (CICA) - новата рамка на безбедност во азиско-пацифичкиот регион, во која не спаѓаат САД и Јапонија. Прашањето кое сите си го поставуваат сега е следново: На што се должи овој нов развој во односите меѓу Кина и Русија? Очигледно главниот двигател е кризата во Украина, која им наштети сериозно на односите меѓу Русија и Западот и го зближи Путин со својот колега Си Джинпин. Сепак постои и добра стратешка причина. Таа е дека постојат меѓусебни стратешки потреби, откако и Кина, и Русија сакаат да создадат мултиполарен свет во кој не доминира САД, особено откако поднебесната империја се соочува со закани од државните сојузници во Азија. Како што наведува Закри Кек, веројатноста Кина да го освои морскиот спор со Јапонија зависи од одржувањето на добри односи со Русија. Од гледна точка на Путин, експанзијата на НАТО е сериозна закана за руската национална безбедност, а штом е така Москва треба да реагира. Тековните и идните можности на Русија се ограничени и земјата очајно бара сигурен стратешки партнер кој очигледно е Кина. Посуштинско прашање сепак е: Продолжуваат ли да одат Кина и Русија по патот на создавање на формален сојуз? Според некои, создавање на нов сојуз меѓу Русија и Кина е прашање на време, а тоа на крајот ќе доведе до формирање на мултиполарен светски поредок. Други не се согласуваат, истакнувајќи ги проблемите во врската меѓу Пекинг и Москва како што е историската недоверба, недостатокот на заедничка закана и конфликтот на интереси во Централна Азија. Во поднебесната империја пак се присутни внатрешни поделби за тоа дали треба да се формира сојуз со северниот сосед. Истакнат поддржувач за создавање на сојуз меѓу Кина и Русија е професор Јен Сјоетун од Универзитетот во Ценхуа, еден од најпрестижните. Според него најважниот фактор, кој ќе утврди дали Кина и Русија треба да се обединат, е дали двете земји делат заеднички стратешки интереси и колку долго сличните заеднички стратешки интереси можат да издржат. Тој тврди дека во моментов ниту Кина, ниту Русија може да станат член на Западниот блок, предводен од САД, бидејки и другите сојузници на Американците ќе се чувствуваат загрозени. Од една страна Западот никогаш не би и верувал на Русија. Затоа Русија не располага со подобра алтернатива освен да влезе во сојуз со Кина. Од друга страна втората позиција за Кина во светот значи дека земјата нема да биде поддржана од САД што се однесува до голем број прашања на меѓународните односи. Покрај тоа со едно слабеење САД би ја одбрале офшор балансираната стратегија, како би ги потпреле позициите на своите сојузници во Европа и Азија и на тој начин би го зголемиле притисокот врз Кина и Русија. Таа зголемена тензија предизвикува општа закана за Пекинг и Москва. Затоа еден сојуз меѓу нив ќе донесе придобивки за двете страни во наредните 10 до 20 години. Исто така проф Јен Сјоетун го побива аргументот дека еден сојуз меѓу Кина и Русија против САД би предизвикал нова студена војна. Противниците на Алијансата Русија-Кина посочуваат дека трошоците за еден таков сојуз би биле многу високи поради заедничките проблеми. Кина би можела да биде вовлечена во непотребна војна од Русија. Исто така Русија не е толку заинтересирана за идејата за формирање на унија, бидејќи Москва не сака да биде помалиот партнер во врската со Пекинг. Покрај тоа Русија сака да го задржи добриот тон со сите азиски земји и поради оваа причина нема да застане рамо до рамо со Кина, кога станува збор за конфликтите меѓу Пекинг и Токио. Поради сите овие причини унија меѓу Русија и Кина е нереална, бидејки стратешко партнерство е мултилатерална и подобра опција за Кина. Затоа во блиска иднина официјален сојуз меѓу Кина и Русија нема да има поради ред причини. Освен ако американските воени дејствија не претставуваат закана и за двете држави во исто време, алијанса нема да има. Сепак САД треба да бидат внимателни и да не дозволат уште една стратешка грешка, со која само би го олесниле формирањето на формален сојуз меѓу Русија и Кина. К.К.