Сопругата на министерот Ристовски заработи 78 илјади евра за пет месеци експлоатација на руда
Објавено во: Економија 01 Октомври, 2024 07:50
Сопругата на министерот за спорт Борко Ристовски како сопственик и управител на „Нибо Солушн“, друштво со основна дејност „останато рударство и вадење камен“ има заработка од „чисти“ 78.000 евра за неполна година по формирањето на фирмата.
„Нибо Солушн“, според податоците од Централен регистар, е формирана на 3 август 2023 и за неполни пет месеци од истата година има приходи од 5.702.757 денари и добивка од 4.775.702 денари.
Во моментов не е познато какви минерални суровини експлоатира „Нибо Солушн“ и каде. Во единствениот регистар што уште го има под старата надлежност на Министерството за економија, последно ажуриран на 29 мај за склучени договори за концесија, ова име го нема на листата.
Во последно време сепарациите за градежен материјал и експлоатациите на други минерални суровини како мермерот и друг камен се „златен бизнис“ во државата, а тоа го констатираше и самиот Државен завод за ревизија годинава, кој заклучи дека профитите на овие компании се далеку поголеми во однос на платените концесии и трошоците што ги имаат за да дојдат до рудните ресурси.
За четири години од 2018-2022 од концесија за доделување на површини за екслоатација на руда, Македонија наплатила само 45 милиони евра, а особено само 1,7 милиони евра од експолатација на најквалитетниот мермер. Државата во четири години издала стотици концесии, а наплаќала симболично. Во бројки, профитот од мермер е буквално само еден процент од приходите од продажбата кој ги остварил концесионерот, утврдила Државна ревизија во извештајот за периодот од 2018 -2022 година. Заклучно со 2022 доделени биле вкупно 348 концесии на 257 концесионери што е 1,3 отсто од вкупната територија на државата.
Ревизорите утврдија дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат сигурност за оптимална искористеност на минералите и не гарантиираат навремена наплата на надоместоците од концесионерите. Дополнително, висината на надоместоците кои државата ги определила е на ниско ниво, а начинот на пресметка не ги прикажуваат реалните цени и не се правични во однос на продажните цени кои ги остваруваат концесионерите.
Ристовски своевремено беше професионален ракометар и македонски репрезентативец со богата кариера во познати европски клубови. Минатата година тој беше извршен директор на најтрофејниот ракометниот клуб и наедно двократен европски прват Вардар.
Тој во 2019 година и официјално влезе во политиката кога стана стратешки соработник на прашања од областа на спортот и активно учествуваше и во партиските изборни кампањи.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност
Централната банка на Русија го тужи Еуроклир: бара 194,8 милијарди евра отштета




