Сопственикот на Телеграм доби предупредување од Кремљ по терористичкиот напад во Москва
Објавено во: Свет 29 Март, 2024
Кремљ го предупреди Павел Дуров, сопственик на социјалната мрежа Телеграм, да биде „повнимателен“ со содржините на апликацијата, велејќи дека ја користат „терористи“.
Ова го изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, зборувајќи за терористичкиот напад врз Москва во петокот.
„Очекувавме поголемо внимание од Павел Дуров“, изјави Песков за провладиниот руски медиум Лајф, пренесува Политико.
„Тој уникатен и феноменален ресурс, кој порасна пред очите на нашата генерација, се повеќе станува алатка во рацете на терористите. Се користи за терористички цели“, рече Песков, но исто така додаде дека Русија во моментов не планира да го забрани Телеграм.
Во петокот, најмалку 143 лица беа убиени во напад на концертна сала во Москва.
Според РИА Новости, напаѓачите на салата биле регрутирани преку канал на Телеграм кој припаѓа на групата ИСИЛ-К, подружница на ИСИЛ.
Телеграм, во сопственост на Павел Дуров, роден во Русија, ја користеле речиси 49 милиони луѓе во таа земја во 2023 година, што ја прави најпопуларна платформа во Русија.
Во неодамнешното интервју за Financial Times, пишува Politico, Дуров бил прашан за рускиот претседател Владимир Пурин и војната во Украина, на што тој одговорил: „Да не зборуваме за тоа“, додавајќи дека „за светот е многу важно што Телеграм останува неутрална платформа“.