24 Април, 2024
0.0265

Иницијативата е против нови рудници и ќе бара целосна ревизија на договорот за концесија

Спас за Валандово: Рудникот Казандол е сериозна закана за земјоделието

Објавено во: Анализа 07 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Рудникот Казандол во Валандово предизвика голем отпор кај локалното население кое во последните месеци се организираше и поведе иницијатива за референдумско изјаснувања. Се погласни се критиките дека на Валандово и околните општини како Дојран и Богданци не им е потребно развој на рударството како тешка индустрија која има огромно влијание врз животната средина, туку развој на земјоделие, еко туризам и зелена економија. Со се поголемиот притисок врз локалните власти се откриваат и нови детали за проектот Казандол со кој треба да управува компанијата Сардич МЦ. Од повеќе документи се гледаат различни проблематични точки како што се археолошки локалитети на територија на Казандол, потоа опасност од негативно влијание врз водните ресурси за населението, последици врз квалитетот на воздухот и почвата со минирањата, како и користење на тешки хемикалии во процесот на лужење на рудата. Затоа Фактор разговараше со членовите на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ која бара целосно стопирање на изградбата на рудникот со цел да ги види грижите на населението.

Фактор: Зошто постои толку голем отпор за отворање на рудникот Казандол на територија на општина Валандово. Конечно стигнавте и до одлука за одржување на референдум која треба да ја потпише градоначалникот. Што дознавте во изминатиот период како граѓански активисти за проектот „Казандол“?

Спас за Валандово: Главната причина веројатно е основното човеково право и вродено чувство на отпор кон нешто што му е туѓо и непознато. Иако се споменуваа факти дека во Валандово порано веќе имало рудник, сепак, главна дејност на населението во овој крај е земјоделството. Две дијаметрално спротивни дејности кои не одат рака под рака. Ако на ова ги додадете и предупредувањата на експертите за евентуалнитештетни влијанија по здравјето на населението, сосема е разбирливо зошто луѓето се против отварање на рударски комплекс и развивање на тешка и загадувачка индустрија на територијата на општината.

Од самиот почеток на нашето делување, секој наш спроведен чекор, дадена изјава и слично, е направена во соработка и консултација со експерти од различни области, како од државата, така и од странство, а во врска со евентуалното отпочнување на работа на рударскиот комплекс. Па така, почнувајќи од економскиот аспект на пример, па преку здравствените влијанија, па се до легитимноста во правна смисла, во меѓувреме, нашето единствено барање за референдум на кој граѓаните непосредно ќе го кажат своето мислење, го проширивме со евентуално барање за целосна ревизија на концесионерскиот договор за експлоатација помеѓу инвеститорот и државата.

Фактор: Дали во Валандово се одржа јавна расправа која е задолжителна според законот пред да се донесе одлука да се издаде концесија за експлоатација на рудни богатства?

Спас за Валандово: За волја на вистината, ваква расправа беше одржана. Но, заради недоволна  информираност на истата имаше скоро па никаква посетеност од локалното население.Освен неколку претставници на општината, преставници на еколошкото друштво Калинка, и граѓани, на истата дебата доминираа преставници на инвеститорот и на министерството за животна средина. Апсолутно неприфатливо за нас е тврдењето на инвеститорт и Градоначалникот, дека постапката била испочитувана, вклучувајќи јавен повик преку медиуми, и кој бил заинтересиран можел да присуствува. За вакво сериозно прашање, доколку сакале да постапат совесно и одговорно, неопходна е навистина сериозна и опширна дебата, макар тоа подразбирало и покана до граѓаните од врата на врата.

Ние во неколку наврати повикуваме на дебата и на соочување на аргументите од страна на Иницијативата Спас за Валандово, Инвеститорот и општината. Во наша организација се одржа фестивал на органска храна, во склоп на кој имаше експертска дебата, но за жал никој од горенаведените, кои беа уредно поканети не се појави.

Од друга страна, првичната иницијатива за референдум, беше одбиена од страна на Градоначалникот и мнозинството советници, со образложение дека, тие согласни дека треба да има референдум, но да се даде време да се одржат повеќе вакви јавни дебати, со присуство на независни експерти кои општината ќе ги ангажира и на кои граѓаните подетално ќе се запознаат какво влијание би имало евентуалното отварање на рудник. Наместо ова, за жал, општината не само што ги игнорира нашите повици за дебата, туку и воопшто не превзеде никакви мерки во оваа насока како што беше најавено. Наспроти тоа, го помагаа инвеститорот во неговите посети на неколку населени места, каде што ја промовираат нивната страна од приказната. Сето тоа повеќе личеше на патувачки циркус, отколку на сериозна, издржана дебата која, повторувам, е неопходна имајќи ја во предвид сериозноста на прашањето.

Фактор: Што велат жителите на Валандово за отворање на нов рудник, дали гледаат потенцијален економски бенефит со нови вработувања, дали воопшто има луѓе кои се подготвени да работат во рудникот?

Спас за Валандово: Вработувања, и соодветен економски бенефит за буџетот на општината можеби ќе има, но имаме утврдени основи да се сомневаме дека дури и мал дел од тој бенефит би допрел воопшто до граѓаните. Да не се лажеме, Валандово нема соодветен кадровски потенцијал за да одговори на повик за работа во рударски комплекс.Се нудат навистина високи плати, од кои бенефит ќе добијат многу мал број на луѓе.А за приливот на средства во општинскиот и државниот буџет, преставници на бизнис заеднициата коментираат дека договорот, вака како што е, е апсолутно неприфатлив.

Фактор: Кои се вашите следни чекори како граѓански активисти, како ќе продолжите понатаму?

Спас за Валандово: Во очекување сме на потпишување на одлуката за референдум од страна на Градоначалникот и добивање датум за истиот.Ако ова не се случи, ќе мораме да ги радикализираме нашите делувања, најверојатно со повторна блокада на крстосниците околу Валандово. Доколку добиеме датум, нашите активности ќе бидат во насока на анимирање на населението околу самиот референдум. Во меѓувреме продолжуваме со секојдневни средби со граѓаните, преставници на земјоделците, бизнисмените, и така натаму, и инсистираме на една опширна и јавна дебата по прашањето.

Фактор: Во Валандово, но и низ целиот југоисток на Македонија се разви голема еколошка свест. Дали овој моментум е добар да се искористи за промовирање на зелена екологија, за подобри практики во земјоделието и промена кон органско производство, па и развој на рурален или планински туризам. Може ли овие идеи да бидат силно застапени како соодветна алтернатива за економски раст на локално и регионално ниво?

Спас за Валандово: Без разлика на исходот на референдумот во Валандово и општо конечниот исход на прашањето за целиот Југоисточен регион, позитивно е што граѓаните од соседни општини, поведени од заедничката закана која не демнее, пронајдоа  и заеднички интерес, па се здружија во борбата.Органското производство, еколошки чиста средина, не се повеќе опција за овој регион, туку веќе направен избор.Луѓето овде веќе имаат инвестирано огромни суми на пари во развој на ваквата дејност. Се повеќе млади луѓе одбираат и своето образование да го насочат кон овие струки.

Валандово конкретно е во еден од регионите со најмногу сончеви денови во годината во Европа.Замислете само кој неограничен потенцијал за развој се крие во овој факт.И одеднаш доаѓа некој и ви вели не, поисплатливо за вас е да свртите кон развој на рударска индустрија во овој крај.А нивните предвидувањасе дека капацитетот за експлоатација е 15 години.

Токму затоа граѓаните на Валандово, ќе им го дадат истиот одговор како што тоа го направија нашите соседи од Гевгелија и Богданци, а убедени сме и Дојран. А потоа и низ останатите општини од Југоистокот. Нема по никоја цена да дозволиме, бакарот, градителот на светската цивилизација, да биде убиец на нашето мало парче рај на Земјата.

Автор: Христијан Станоевиќ