Србија дозволи влегување на илјадници бегалци од Македонија
Објавено во: Балкан 23 Август, 2015 12:01
Рано утринава српската погранична полиција дозволи влегување на неколку илјади бегалци кои пристигнаа од Македонија. Во приемниот центар во Прешево, во југоисточниот дел на земјата пристигнаа околу 2.000 лица. Сите тие пристигнуваат со автобуси кои поаѓаат од македонскиот град Гевгелија.
Претходно беше објавено дека околу 4.000 бегалци пристигнале на граничниот премин Табановце на македонско-српската граница во ноќта на саботата против неделата. Според волонтерите кои им помагаат на бегалците, мигрантите се целосно исцрпени.
Според српската државна телевизија бегалскиот поток не запира и во моментов владее хаос во приемниот центар во Прешево. Меѓу бегалците има многу жени и деца кои се видливо исцрпени. Вработените во центарот работеле цела ноќ и ги издавале потребните документи на имигрантите. Откако ќе добијат уверувањата тие продолжувале да се движат кон Белград.
Денес се очекува српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ да ја посети пограничната зона.
Возот од Гевгелија, кој тргна во 4,30 часот наутро уште не пристигнал на граничниот премин Табановце. Македонија се справува апсолутно сама со бегалската криза, без каква било помош од ниту една земја на ЕУ, а најмалку од страна на Грција, изјавил македонскиот министер за внатрешни работи Митко Чавков. Тој го посети граничниот премин крај Гевгелија, каде грчките власти организирано секој ден испраќаат по неколку илјади нелегални имигранти од Блискиот Исток.
„Ние ги повикавме грчките полициски структури да ги преземат потребните мерки и да го намалат трансферот на имигранти што во оваа фаза е неконтролирано и не одговара на капацитетот на Македонија.
Очекувам грчката страна да покаже разбирање. Ние од своја страна го разбираме нивниот проблем со бегалците, но во никој случај не може да се смета за решение на проблемот тие да ни испраќаат по 5000-6000 лица на ден“, изјавил Чавков.
Со месеци Македонија трпи масовен прилив на своја територија на имигранти од Грција. Во четвртокот, 20 август, Владата воведе вонредна состојба и испрати на пограничната зона специјални сили на полицијата и армијата во обид да се запре протокот на луѓе.
Само за последните два месеци во Република Македонија влегле над 44 000 бегалци. Сите тие доаѓаат од соседна Грција организирано со автобуси и возови.
Можеби ќе ве интересира
Вјоса Османи се пофали дека уште една земја го призна Косово
Што вели Рама за идејата на новите членки на ЕУ да им се ограничи правото на вето?
(ВИДЕО) Пратениците во албанското Собрание се тепаа и фрлаа чадни бомби
„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација




