Добивај вести на Viber
По тензиите и вербалните судири кога власта успеа да го помине буџетот во Собранието од како беа „изнесени“ опозиционите пратеници, без сомнение можеме да констатираме дека во 2013 – та ќе ни треба и тоа како многу повеќе среќа. Не дека доколку бевме помудри и недозволевме да дојде до распламтување на тензиите ќе беше се „мед и млеко“, но факт е дека ако се избегнеа сите настани што се случија во името на Буџетот, ќе можевме да протуркаме барем уште една година без поголеми потреси, во услови на неповолни стопански текови во нашето меѓународно окружување. А зошто неизвесна 2013- та? Имено, за повеќето од земјите што се наши најзначајни надворешно-трговски партнери токму за следната година се прогнозира дополнително забавување или стагнација во динамиката на нивниот развој, а тоа секако ќе се одрази и врз побарувачката на наши стоки и услуги, односно врз динамиката на економскиот раст на земјата. Напорите за надминување на должничката криза во еврозоната исто така ќе имаат неповолно влијание врз пазарите на капитал, а со тоа и врз можноста за користење на дополнителни странски средства за динамизирање на нашиот развој.
Неизвесноста е уште поголема затоа што при ваква констелација на економските односи нашите менаџери на макроекономиските политики се надеваат дека заздравувањето на стопанството може да се случи преку пристигнување на нови и на отпочнувањето со работа на некои од веќе најавените странски инвестиции. И до тука се‘ ќе беше во ред, доколку навистина е возможно економскиот развој, една национална економија да го базира, пред се‘, врз странската акумулација. За жал се работи за неодржлив концепт, а економската теорија посебно во вакви услови сугерира, свртување на националната економија кон искористување на сопствените сили и можности. И не само за наредната година, туку се работи за континуирана политика која треба да се спроведува со цел да се обезбеди одржлив економски равој. Едноставно, не можеме, бесконечно, да се надеваме на задоволителен развој со туѓа акумулација. Во овој контекст треба да се одговори и на прашањето, зошто е ниска акумулативноста на стопанството (при најниски плати), особено во светлината на информациите за одлевање на стотици милиони долари во земјите- даночни рајови.
Од друга страна немилите настани од пред една недела се толку силни што, секако, силно ќе влијаат врз макроекономските показатели за наредната година. Нередите предизвикани од политички судири ќе бидат сигнал за зголемување на резервите кај странските партнери да ја продолжат и развиваат соработката, од една страна. Од друга страна, неизвесноста во нивното смирување ќе ги обесхрабри инвеститорите во намерите за нови вложувања. А, да не забораваме дека предвидениот економски раст од 2% за наредната година беше креиран врз ефектите од странските вложувања, врз кој пак раст е проектиран донесениот буџет.
Влијанието од досегашниот заплет на настаните ќе биде амортизирано само доколку се декларира подготвеност за објективно расчистување на тоа што се случи, со утврдување на одговорност на актерите кои ги пречекориле надлежностите или не ги исполниле своите обврски. Избегнувањето да се именуваат одговорните значи преземање на лична одговорност од страна на носителите на власта за текот на идните настани. Во демократијата нема цели за чие остварување би се газело човечкото достоинство. Жално е што по две децении самостоен развој земјата западна во односи, странци да ни укажуваат дека во демократија нема место за насилни инциденти, и дека е потребна свест да се погледне над теснопартиските интереси за да се унапредат интересите на земјата.
А, продолжувањето на тензиите само дополнително ќе ги обезвредни досегашните мерки за поттикнување на стопанството (обезбедени поволни странски кредитни линии и создавање на кредитен потенцијал на банките за поддршка на извозно ориентирани активности, подобрување на финансиската состојба на фирмите по исплатата на долговите од страна на државата, склучување на нови договори со странски кредитори за 290 милиони евра). Потезите се веќе направени. Да не ни‘ се случи наместо за заживување на стопанството средствата да се искористат за негово преживување, со сите негативни последици врз идниот развој, поради зголемувањето на задолженоста спрема странство. За земјата не е важно кој прв почна, туку што е можно побрзо да престанат нездравите ривалства меѓу најголемите политички партии во македонскиот блок за да се избегне натамошно пропаѓање на економијата.
Среќна Нова 2013- та!
Д-р Крсте Шајноски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.