Добивај вести на Viber
Предлог-ребалансот на Буџетот за 2014 година што го подготви српската Влада ја зачуди јавноста во Србија. И покрај најавуваните мерки за ригорозно штедење, буџетската дупка до крајот на годинава ќе биде дури и поголема отколку што првично се планираше.
Така, наместо првично предвидените 1,5 милијарди евра, Србија ќе ја заврши 2014 година со минус од дури 1,9 милијарди евра. Ова ги збуни српските граѓани кои прашуваат за какво „државно штедење“ станува збор, ако товарот во целост падне врз платите и пензиите кои се кратат, додека државата не се откажува од своите трошења.
Анализата покажала дека со ребалансот нема да има зафаќање од трошењата на јавните претпријатија, а странските инвеститори ќе добијат дури и поголеми субвенции од досегашните за 110 милиони евра.
Партиите исто така ќе добијат речиси 5,5 милиони евра повеќе отколку што беше предвидено со првичниот Буџет за 2014 година. Како врв на се, српските медиуми пишуваат дека Владата си ги зголемила платите за 10%, што стапува на сила од 1 ноември.
според економистите, буџетската дупка е уште поголема, бидејќи во неа не се прикажани субвенциите за Ер Србија, Фиат и пропаднатите банки, ниту гаранциите за Железарницата Смедерево, Србијагас и јавните претпријатијата.
Во истовреме, укинати се средствата за вештачко оплодување, а се намалува и социјалната помош. Српските граѓани се револтирани од ваквите мерки, а особено пензионерите, кои најавија дека намалувањето на пензиите ќе го оспорат и пред судот во Стразбур.
Српскиот премиер Александар Вучиќ сепак е уверен дека и во случај на тужба спорот ќе го добие, затоа што и претходно на државите им се признавало правото да ги намалуваат пензиите за да ги спасат јавните финансии.