Добивај вести на Viber
Инцидентот на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија внимателно и намерно е изрежиран, оценуваат српските министри. Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ смета дека Србија не сноси никаква одговорност за прекинот на натпреварот.
„Ова не се случило никогаш на ниту еден фудбалски натпревар и однапред е подготвено. За мене централно прашање е како ќе реагира Европската унија и УЕФа, бидејќи некој ако развиореше знаме на „Голема Србија“ во Тирана или Приштина тоа веќе ќе беше на дневен ред на Советот за безбедност на Обединетите нации. Во овој инцидент особено е спорно тоа што ова го направи братот на албанскиот премиер кој треба тука да биде гостин. Се ова става политичка димензија на целиот настан и ова е политичка провокација“, вели Дачиќ.
Тој вели дека во текот на целиот ден дипломати од ЕУ вршеле притисок за албанските навивачи кои биле задржани на аеродромот од српските служби да бидат пуштени на стадион, иако воопшто немале карти.
Министерот за труд, социјална политика и вработување Александар Вулин проценува оти инцидентот на некој начин е поврзан и со посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Белград.
„Немам никаква дилема дека она што се случи синоќа беше внимателно изрежирано и со една цел - да ја прикаже државата Србија како земја од висок ризик, која е небезбедна и неспособна да прими гости од светот“, вели Вулин. Тој проценува дека она што се случило имало за цел да предизвика немири и да го покаже Белград како неспособен да води сметка за себе и за своите гости.
Министерот за спорт и млади Вања Удовичиќ вели дека очекува од албанската страна да го осуди инцидентот. „На дело е една навистина брутална злоупотреба на спортот од страна на албанските екстремисти. Ние се покажавме како добри домаќини и немаше ниту еден лош збор од наша страна“, вели тој, проценувајќи дека вакви случувања сигурно нема позитивно да се одразат на односите во цел регион.