СТАРОНОВИ ИНВЕСТИЦИИ: Киел ќе гради нова фабрика во тетовската зона, ама не смее да го затвори објектот во Желино
Објавено во: Економија 18 Септември, 2020
Со особена задоволство и радост беше најавено отворањето на новата фабрика за производство за седишта на возови во технолошко индустриската зона во Тетово. Министерот за економија Крешник Бектеши напиша дека фабриката е во вредност од 3,5 милиони евра и дека ќе биде за производство на седишта за возови. Тој најави и дека во фабриката ќе бидат отворени нови 300 работни места. Станува збор за стар странски инвеститор кој веќе работи во земјава. Киел Македонија има свој објект во Желино и впрочем новата инвестиција е проширување на дејноста. Иако имаше шпекулации дека компанијата се префрла во зоната надлежните тврдат дека ова е нова инвестиција.
Законски компаниите кои функционираат надвор од зоните немаат право да се префрлаат во одреден период од работата во зона каде би имале и државна помош и даночни олеснувања. Според член 9 од Законот за Технолошки индустриски зони
Корисникот на зоната кој спроведува продуктивни инвестициски вложувања остварува даночни ослободувања и олеснувања, само ако врши нова дејност, а не ја пренесува дејноста од друго подрачје на државаа во зоната.
Од Министерството за економија за Фактор велат дека со отварањето на новата фирма нема да се префрла дејноста на фирмата од локацијата во село Желино во ТИРЗ Тетово.
„Законот не го дозволува тоа, односно Законот вели дека доколку се случи такво нешто, инвеститорот ќе биде изземен од можноста за ослободување од плаќање даноци. Фирмата во село Желино ќе продолжи да работи и да го произведува тоа што го произведува и сега, стои во одговорот од Министерството за економија.
Според најавите фирмата Киел во ТИРЗ Тетово согласно договорот ќе произведува композити и композитни материјали односно седишта за возови. Во фабриката во Желино пак се произведуваат седишта за автобуси.
И од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони за Фактор велат дека дале мислење според кое Киел нема да може едноставно да се префрли во зона. Оваа компанија треба да го задржи работењето во објектот во Желино кој не е во зона и да ги задржи и истиот број на вработени таму. Инаку зоната во овој град не е под управување на Дирекцијата.
Сличен случај имаше кога домашната фирма Хај тек отвори нов објект во скопската слободна зона. Сепак тоа не беше префрлување на фабриката туку комплетно нов објект додека стариот во скопско Орешани продолжи да постои.
Киел Македонија е дел од меѓународната Кил групација, водечки производител на иновативни транзитни патнички седишта за комерцијални возила и јавен превоз, вклучувајќи решенија за седење за автобуси, тренери и возови на локално, регионално и меѓуградско ниво. Кил работи глобално со производствени погони во САД, Германија, Полска, Холандија и во Турција.
Компанијата Franz Kiel е основана во 1947 година со седиште во германскиот град Нордлинген. Фактор побара одговор и од Киел ама до денеска не добивме никаква информација за нивните планови.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.